Курдски шпион му ги украл гаќите на Ал-Багдади
29 октомври 2019Таен агент на курдските Сириски демократски сили успеал да се инфилтрира во кампот на терористичкиот лидер Абу Бакр ал-Багдади и да му ги украде гаќите преку кој бил потврден идентитетот на првиот човек на Исламската држава, тврди претставник на курдската милиција во Сирија.
„Нашиот агент кој успеа да стигне до Ал-Багдади, ја донесе неговата долна облека врз која беше извршен ДНК тест и со тоа се утврди стопроцентно дека се работи за Ал-Багдади“, напиша на Твитер Полат Чан, советник на курдската милиција.
Претходно, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Курдите им дале некои информации кои им помогнале во операцијата.
Чан тврди дека курдските сили од 15 мај годинава работеле заедно со ЦИА на утврдување на локацијата на Багдади, и успеале да потврдат дека тој се префрлил од источна Сирија во Идлиб пред да биде убиен.
Багдади, наводно, повторно сакал да ја промени локацијата пред да биде идентификуван и нападнат од американските командоси. Според Трамп, откако бил опколен Багдади си го активирал самоубиствениот бомбашки појас и заедно со себе во смрт испратил и три од своите деца.