1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Курти ги обвини САД дека му ја урнале владата

БГ /АП
20 април 2020

Се уште актуелниот косовски премиер го обвини американскиот посредник Ричард Гренел дека бил „директно инволвиран“ во уривањето на неговата влада минатиот месец. Курти тврди САД поддржувале размена на територии.

https://p.dw.com/p/3bBuS
Symbolbild - Kosovo-Parlament berät über Misstrauensvotum
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Nimani

Албин Курти тврди дека Ричард Гренел, специјалниот пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп во српско-косовските преговори, бил вмешан во поделбата на неговата партија и судирот со коалициските партнери, поради што неговата влада го загуби мнозинството во парламентот.
Владата на Курти падна по едвај 50 дена на власт, кон крајот на март, откако помалиот коалициски партнер ја повлече поддршката, под притисок од Гренел, како што тврди Курти.

„Мојата влада не беше урната поради ништо друго но едноставно затоа што на амбасадорот Гренел му се брзаше да постигне договор со Србија, за кој јас верувам дека е многу штетен бидејќи предвидува размена на територии“, изјави Курти денеска.
Од канцеларијата на Гренел, кој е актуелен американски амбасадор во Германија, досега не го коментираа обвинувањето на Курти. Оттаму само посочуваат на неодамнешниот твит на Гренел во кој тој демантираше дека воопшто имало преговори за размена на територии.

Курти тврди дека Гренел „го киднапирал“ дијалогот меѓу Србија и Косово и се грижел единствено за „потписот на дното на документот а не за текстот во него“.
„Нему му е потребен брз договор за да покаже дека може да решава кризи во светот, веројатно спротивно на Клинтон, Буш и Обама, без никаква воена интервенција, и тоа да го претстави како голем успех во изборната година“, рече Курти.

Според бројни информации, косовскиот и српскиот претседател Хашим Тачи и Александар Вучиќ во изминатите две години интензивно разговарале за план за размена на територии, но Курти одбива да прифати такво нешто.

„Подготвен сум да разговарам за потребите на заедниците, за правата на граѓаните, но не за размена на територии“, вели Курти.