1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Курти за ДВ: Србија да ги признае косовските документи

Анила Шука
6 мај 2022

Косовскиот премиер Албин Курти во интервју за ДВ вели дека е време Белград да ги признае косовските документи за да се дојде до заеднички пазар во регионот.

https://p.dw.com/p/4AubK
DW-Interview Albin Kurti
Косовскиот премиер Албин Курти во разговор за ДВФотографија: Anila Shuka /DW

Косовскиот премиер Албин Курти апелира до Западот да „изврши притисок“ врз Белград за Србија да ги признае косовските лични документи. Тој во разговор за ДВ во текот на престојот во Берлин изјави дека е тоа услов за заеднички регионален пазар, предвиден со Берлинскиот процес.

„За да постигнеме заеднички пазар, Србија мора да ги прифати документите на Косово и на тој начин да ги овозможи четирите слободи на проток кои одговараат на вредностите на ЕУ“, изјави тој, мислејќи на слободен проток на луѓе, стока, капитал и услуги.

На прашањето дали мора да инсистира на поимот „Република Косово“ во документите и дали е тука подготвен на отстапки  поради прашањето на регионален пазар, Курти вели:

„Не можеме да се враќаме ниту во 1999 година, кога сме ослободени, ниту во 2008 година, кога прогласивме независност, како ни во 2010 година, кога Меѓународниот суд ја легитимираше декларацијата за независност, или 2012-тата, кога е завршен меѓународниот надзор над независноста. Документите мора да бидат прифатени какви што се“, вели косовскиот премиер и додава:

„Словачка, Грција и Романија не ја признаа нашата држава - се надевам дека тоа наскоро ќе се промени. Сепак, овие држави имаат канцеларија за врски во нашиот главен град Приштина и ги признаваат нашите документи. На пример, мојот пасош е прифатен во Грција, Романија и Словачка. Ако Србија сака да влезе во Европската Унија, треба барем да го направи првиот чекор и да се приклучи на оние земји кои не нѐ признаваат и се малцинство во ЕУ.“

„Кај нас опозицијата може да победи на изборите“

Курти, кој во Берлин се сретна со канцеларот Олаф Шолц и со српскиот претседател Александар Вучиќ со посредство на пратеникот на ЕУ, Мирослав Лајчак, беше прашан дали му претставува проблем да разговара со Вучиќ, кого го нарекува „автократ“.

„Не е едноставно, бидејќи за разлика од Србија, Косово е демократска земја. Тоа е квалитетна демократија. Кај нас опозицијата може да победи на изборите“, изјави Курти.

Deutschland Olaf Scholz und Albin Kurti in Berlin
Германскиот канцелар Олаф Шолц (д.) и косовскиот премиер Албин Курти на прес-конференција во Берлин, 4.05.2022Фотографија: Michael Sohn/AP Photo/picture alliance

„Би сакал работите да се сменат во Србија, да не се соработува со Кремљ, кој води неоправдана воена агресија против Украина. И би сакал Србија да воведе санкции против Русија и да се дистанцира од Путин и сопственото минато под Милошевиќ“, додава Курти во интервју за ДВ.

На прашањето дали ќе прифати формирање на Заедница на српски општини, како што е потпишано во Бриселскиот договор, Курти избегнува да одговори: „Дијалог заснован на принципи треба да доведе до правно обврзувачки договор за целосна нормализација на односите. Тој треба да се концентрира на меѓусебно признавање. Не на меѓусебно признавање на крајот на еден напорен процес како минатата деценија, туку меѓусебното признавање треба да биде во центар на договорот со кој ќе се нормализираат односите.“

„Не верувам“, додава Курти, „дека Србија на Европската унија ѝ е потребна исто колку што ЕУ ѝ е потребна на Србија. Сите земји од Западен Балкан заедно имаат жители колку што е Холандија, додека нивниот вкупен БДП е колку словачкиот. Но, Западен Балкан во ЕУ би ги скратил надворешните граници на ЕУ за три илјади километри, што е добро за безбедноста“.

Mirosllav Lajcak und Albin Kurti
Специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот помеѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак (д.) и косовскиот премиер Албин Курти (архивска фотографија)Фотографија: Mirosllav Lajqak

„Србија да не седи на четири столчиња“

На прашањето дали гледа опасност руската „хибридна војна“, за која порано зборуваше, да се претвори во вистинска војна на Балканот, Курти одговара: „Докажано е дека хибридната војна не ја заменува вистинската војна, туку ја подготвува. Гледаме дека автократските држави не купуваат оружје само за воени паради, туку го користат и против своите соседи“.

Курти додава дека внимателно следи што се случува во Србија, каде речиси три отсто од БДП се одвојуваат за армијата. „На границата меѓу Косово и Србија веќе има 48 воени бази кои го загрозуваат мирот и безбедноста во нашата земја. Но, сè уште се чувствуваме безбедно поради способноста на нашата држава. Ние не сме членка на НАТО, но НАТО е на Косово. И, иако не сме членка на ЕУ, ја интегриравме ЕУ на Косово (правната мисија на ЕУ, Еулекс, на Косово е покрената од 2008 година, н.з.).“

Коментирајќи ги „сеопфатните и длабоки“ односи меѓу Србија и Русија, Курти заклучува: „ЕУ и НАТО мора да се погрижат Србија да не седи веќе на три или четири столчиња и треба да го ценат придонесот на Косово. За Косово нема алтернатива, ниту ќе има паралелни проекти освен ЕУ и НАТО“.