Кусата рака на Кремљ
19 јануари 2019Можете да гледате на триумфот на Владимир Путин во Белград како на своевиден спектакл на рок-ѕвезда. Можете да гледате на ноќната процесија до храмот „Свети Сава“, ритуалното палење свеќи во криптата, симболичното вградување на делови од руската и српската тробојка на мозаикот кој го изработуваат руски уменици, како на православна митоманија. Можете да гледате на орденот „Александар Невски“ за Александар Вучиќ како на залог со кој се купува одредена долготрајност на руските интереси во Србија. Можете тој орден да го сместите во одредување на параметрите на руската орбита (од 2010 година само претседателите на Белорусија, Таџикистан, Туркмeнистан и Казахстан го примиле тој орден од странските државници). Можете да го толкувате овој спектакл како директна поддршка за Вучиќ додека саботните протести на гневните граѓани стануваат се помасовни. Можете да помислите дека оваа четврта посета на Путин на Белград е конечен печат со кој Србија се предава во руската прегратка. Можете да дадете уште многу толкувања за оваа „историска“ посета на рускиот лидер на Белград (како првите три да не биле историски). Можете да мислите дека Русија сега го капитализира своето влијание на Балканот. Можете...
Со многу работи можете да ја поврзете оваа посета на Владимир Путин на Белград, која реално гледано има свое влијание во регионот, но фактите покажуваат дека Москва се труди со сите сили да ја намали штетата за себе од развојот на ситуацијата на Балканот. Фактот дека за Русија единствени поуздани сојузници останаа само Србија и Република Српска во БиХ, драматично го намалува дострелот на нејзините стратешки интереси. Неколку работи од последниве месец-два, а особено од Нова година, покажуваат како се намалува досегот на руската рака.
Многумина ќе речат дека со разните хакерски упади на бројни европски избори и јавната поддршка за крајно десните популисти Кремљ го зголемува влијанието, но таа подземна политика, всушност, ја оддалечува од ситуацијата да биде вистински партнер на Европа.
Рускиот интерес
Српскиот историчар Миливој Бешлин, токму кога Путин беше во Белград, во интервју за државното Радио Белград го изјави ова: „Русија денес е излоирана, таа е под санкции поради анексијата на Крим и учеството во војната на истокот од Украина, па поради интересите нејзе и е многу потребна Србија. Тоа е рускиот континуитет: Србија и е потребна за да може на Балканот да се натпреварува со другите големи сили, со Западот. Нејзин првостепен интерес во овој момент е Косово. На Русија и е потребен замрзнат конфликт, односно отворено прашање преку кое ќе може да врши свое влијание на Балканот, да ја дестабилизира Европа. Интересите на Србија и Русија се разидуваат околу Косово. На Србија и е важно да се реши прашањето на Косово, а Русија нема интерес да продолжат бриселските преговори“.
Други колумни од Љупчо Поповски:
Овие оценки на историчарот Бешлин изгледаат спротивни на еуфоријата што ја создадоа провладините медиуми во Србија со силна логистика на власта за посетата на Путин. Но, во основа, се точни. Москва се обидува со сите сили и македонско-грчкиот спор за името да остане замрзнат конфликт, иако ратификацијата на Преспанскиот договор е пред самиот крај. Тоа стана сосема јасно со елаборацијата на Путин за македонско-грчкиот договор во интервјуто за „Политика“ и „Вечерње новости“. „Поради форсираното зачленување на Македонија во НАТО лани беше покренат процес за донесување уставни амандмани и промена на името на таа држава, ревизија на основите на македонскиот национален идентитет. При тоа, игнорирана е волјата на македонските гласачи – референдумот за името на државата пропадна, но надворешниот притисок продолжи“. И за Црна Гора Путин имаше слична порака: „Во 2017 година, и покрај ставот на половина од населението, Црна Гора беше вовлечена во НАТО. Се уплашија за референдум за тоа прашање, па сега државата поминува низ политичка нестабилност“.
Чудо едно – ако државата сака да влезе во НАТО поминувала низ политичката нестабилност. Како Црна Гора, така и Македонија. Во македонскиот случај не важат ни сите декларации во парламентот од независноста до денес, ни унисониот став на речиси сите политички партии, ни големата поддршка во јавноста. Немајќи што да каже, Москва е загрижена за легитимноста на процесот. Не само овде, туку и во Грција. Всушност, најголемиот удар за Преспанскиот договор беше насочен кон Грција. Во Македонија, дали поради малиот стратешки интерес на Москва за нашата држава, дали поради тоа што смета дека е премногу мала да истури голем гнев врз неа, притисокот е во рамките на некакви подносливи рамки. Она што се случува во грчко-руските односи на извонреден начин го отсликува драматичното намалување на влијанието на Москва во една историски пријателска земја.
Скршено пријателство
Со векови двете земји се сметаа себеси за природни сојузници. Поврзани со православието и со исламот на нивните граници, Русите и Грците негуваа посебна наклоност. Клучната точка за ова пријателство оди дури во 1774 година, кога Русија ја презеде обврската да ги штити сите православни христијани во Отоманската империја. Тоа им овозможи на грчките трговци на нивните бродови да стават руско знаме со што ги избегнуваа отоманските даноци и го зголемуваа своето богатство. Кога во 1821 година почна грчкото востание за независност Турците го обесија грчкиот патријарх и неговото тело го фрлија во Босфорот. Кога тоа се појави на површината на морето Грците го однесоа во Одеса, Русија, каде што му беше приреден величествен погреб. Во 1827 година британско-француско-руската флота во битката кај Наварино ја уништи турско-египетската флота, што резултираше со декларацијата за независност на Грција. Дури и за време на студената војна и откако во 1952 година Грција стана членка на НАТО, двете земји се чувствуваа како сојузници. Грција имаше посебен канал на камуникација со Советскиот Сојуз. Преспанскиот договор и настаните околу Сирија драматично ги влошија меѓусебните односи.
Лани летото Грција протера двајца руски дипломати, а на други двајца им го забрани влезот. Тие беа обвинети дека сакале да поткупат владини функционери за да го поткопаат Преспанскиот договор. На уште двајца руски свештеници им беше забранет влез во земјата за да отидат на Света Гора, каде што руските манастири се претворија во разузнавачки центар. Атина пред тоа се обидуваше да го остави во функција овој канал на комуникација со Москва, па не се согласи со препораката на ЕУ да протера руски дипломати како одговор на труењето на таткото и ќерката Скрипал во Британија. Но обидите за поткопувањето на Преспанскиот договор отидоа предалеку и Атина неочекувано ја сврте страницата. Во декември Алексис Ципрас замина во Москва во обид да се поправат односите, но таа посета имаше краткотраен ефект. Дел од тоа кусо затоплување беше изјавата на рускиот амбасадор во Атина, Андреј Маслов, од крајот на декември кога рече дека „без оглед дали ќе има или не ратификација на Преспанскиот договор тоа нема да има никакво влијание врз односите со Грција. Какво има да договарат Атина и Скопје за Македонија и ако тоа влезе во македонскиот устав ние тоа ќе го признаеме".
Но она што потаму следеше беше арогантен напад на грчката влада, можеби и поради тоа што Кремљ на почетокот го потцени влијаниот што Преспанскиот договор може да го има на целиот Балкан, а со тоа да ги наруши неговите интереси во регионот. Иронијата е што Путин долго време ги критикува САД затоа што сакаат да им ги наметнат нивните интереси на други земји (тој се претставува како партнер кој не поставува прашања за човековите права или другите основни вредности), а во острата реакција до Атина ја подучуваше Грција на демократија. Тоа ја разбесни владата на Ципрас.
Што напишт руското министерство за надворешни работи на 14 јануари, три дена по ратификацијата на договорот во македонскиот парламент. И што одговори Атина? Оваа кореспонденција е многу интересна и ги отсликува точките на кои сака да влијае Москва на Балканот. Прво, гласањето во македонското Собрание го нарече „кршеење на македонскиот закон. Позицијата на претседателот на Република Македонија и мислењето на мнозинството од населението кое го отфрли Преспанскиот договор беше игнорирано. Протестите во Скопје и другите македонски градови ја покажаа големата поларизираност на општеството“.
Чудни настани
Но она што најмногу ја налути владата на Ципрас беше овој дел од соопштението: „Последните настани во Грција исто сведочат за експлозивноста на ситуацијата, со што ја поткопуваат стабилноста – па дојде до повлекувањето од владата на Панос Каменос, лидерот на Независни Грци, кој е против Преспанскиот договор. Забележливо е дека Атина го турка Преспанскиот договор без оглед на мислењето на граѓаните на земјата, а нема ниту збор за референдум за ова прашање што е фундаментален национален интерес... Ние мислиме дека ова прашање треба да биде разгледано од Советот за безбедност на ОН во согласност со членот 3 од Резолуцијата 845“.
Понекогаш настаните изгледаат чудни. Русија ја подучува Грција за потребата од референдум. Одговорот на Атина беше жесток и дојде неколку часа подоцна. Бидејќи Ципрас сега е и министер за надворешни работи по оставката на Никос Коѕијас, тој одговор има уште поголемо значење за обидот Русија да се инволвира во Преспанскиот договор и настаните на Балканот. „Преспанскиот договор е меѓународно призната парадигма за решавање на разликите меѓу две независни суверени држави според основите на ОН ослободени од ‘интервенцијата’ на трети страни... Оваа изјава не е на линијата на долготрајните пријателски врски меѓу нашите народи и односите меѓу Грција и Русија. Во исто време, тоа внесува разбирлива загриженост дека се доведува во прашање демократското функционирање на институциите во Грција, чиј устав содржи чисти одредби за секоја можност во внатрешниот политички поредок... Вакви изјави содржат мешање во внатрешните работи на Грција“.
Факт е дека односите меѓу Грција и Русија се на рекордно ниско ниво. Ништо подалеку не се ни руско-македонските односи по падот на претходната власт и особено по потпишувањето на Преспанскиот договор. Речиси во истиот ден со соопштението на Кремљ американскиот Стејт департмент во обајевната стратегија за секоја земја подвелкува дека Грција е „темел на стабилноста во комплицираниот регион“ и дека „јавната и приватна поддршка на САД за Грција во нејзината деветгодишна економска криза и неодамнешната миграциска криза сериозно го намали антиамериканизмот во земјата“.
Чија рака допира подалеку – руската или американската? И зошто Владата на Ципрас, која во 2015 година кога дојде на власт имаше отворени проруски симпатии, сега презема вакви драстични мерки. Дали само поради Преспанскиот договор? Дали и поради отвореното мешање на Москва грчките внатрешни работи и подземната поддршка на тамошните националисти пред парламентарните избори што треба да се одржат во октомври оваа година? Дали поради тоа што Грција стана доверлив партнер на САД токму за времето на оваа левичарска влада? Дали поради американските и европските планови Грција да биде пиемонт на демократијата и стабилноста на Балканот и да се амортизира влијанието на Турција? Секако, одговорот е во сите овие работи, прашање е кој е нивниот меѓусебен размер. Она што е важно е дека Русија во обидот да го зголеми своето влијание во регионот и него да го зачува како област на хаос и несигурност, го прави токму спротивното. Таа ги оддалечува и нејзините долгогодишни пријатели, бидејќи почна забрзано да го губи вистинскиот правец во дипломатијата. Сигурно нема да биде далеку ни денот кога истото прашање ќе си го постават и во Белград, кога ќе дојде времето вистински да одлучуваат за својата иднина.