Кучиња намирисуваат рак со 97% точност!
12 април 2019Во споредба со кучето, сетилото за мирис кај човекот е мизерно: животните можат да помирисаат 10.000 до 100.000 пати подобро од нас. Тие можат да намирисаат не само дроги и експлозиви, туку и – рак. Меѓутоа, досегашните студии не беа прецизни во поглед на точноста на животните во неговото детектирање.
Една нова американска студија сега приредува изненадување со запрепастувачки високиот коефициент на точност. Три кучиња од расата бигл, мали трагачи, успеале да идентификуваат рак на белите дробови во проби од крв со точност од 96,7 проценти. Здравите примероци од крв тие ги детектирале во 97,5 проценти од случаите. Само четвртото куче од групата со која се вршеле експерименти, Снаглс, немало воопшто желба за оваа „работа".
Студијата ја водела Хетер Џанквеира, раководен научник на претпријатието за истражувања и производен развој, БиоСкентДх (BioScentDx). Таа е одушевена од ефикасноста на кучињата.
„Нашата работа го подготвува патот за два можни истражувачки правци, кои можат да водат кон нови постапки во откривањето на рак“, вели таа.
Првата можност е кучињата да добијат налог и во медицинското секојдневие – да испитуваат дали пациентите имаат рак. Освен тоа, истражувањето може да се насочи и кон биолошките компоненти кои кучињата можат да ги детектираат во крвта на заболените луѓе, за да се развијат тестови кои исто така можат да трагаат по овие компоненти, објаснува Џанквеира.
БиоСцентДх во ноември започнала уште една студија - за рак на дојка. Во овој случај кучињата треба преку здивот на испитаниците да откријат дали кај нив постои заболување. Можеби овојпат и Снаглс ќе соработува.