Кучињата брзо откриваат коронавирус- зошто не се користат?
22 октомври 2020Европа е во паника поради вториот бран на коронавирусот, а стапката на новозаразени галопира. Белгија одлучи да го прекине тестирањето на асимптоматските случаи поради пренатрупаност на лабораториите, а и други европски земји се соочуваат со истиот проблем.
За тоа време, во мала кабина на аеродромот во Хелсинки, во замена за конзерва храна, на спасувачкото куче Коси му требаат само неколку секунди за да каже дали некој е заразен со коронавирус.
Да се прашуваа Коси и неговите колеги кучиња-душкала, голем број потенцијални преносители на вирусот ќе беа тестирани за кусо време, за само мал дел од трошоците и без непријатното чепкање во грлото или носот.
Брзо препознавање
Куче може да продушка ткаенина завиткана околу зглоб или грло и веднаш да идентификува дали носителот има вирус дури до пет дена пред да се појават симптоми кај тоа лице.
„Кучињата можат да спасат многу, многу животи“, вели ветеринарниот истражувач на Универзитетот во Хелсинки Ана Хјелм-Бјоркман за ДВ. Нејзините тестови покажале точност од 100%.
Нејзина била идејата да испроба дали Коси, куче за откривање болести, може да ги пренамени своите способности и да почне да открива коронавирус.
„Му беа потребни седум минути за да сфати: ’во ред, значи ова го бараш од мене’“, вели Хјелм-Бјоркман.
Сузана Павилаинен, извршна директорка на Визе Нос фондацијата за откривање на мирис, и жена која го спасила Коси од евтаназија во Шпанија пред 8 години, веднаш започнала да ги тренира нејзините кучиња да го откриваат коронавирусот.
Миина, која дотогаш била обучувана да открива шекер во крвта кај едно младо девојче, веднаш се преориентирала, заедно со уште две други кучиња во центарот. Целта е во првата фаза да се обучат вкупно 15 пси.
Вообичаената академска процедура би била да се тестира, да се објави студија и таа да се рецензира, но тие немаат ни време ни пари за тоа. Заменикот-градоначалник на Вантаа, Тимо Аронкито, кој е задолжен и за безбедноста на локалниот аеродром, вели дека одлуката да се дозволи тестирање со кучињата ја донел за две минути. Иако можностите за финансирање биле ограничени, тој сепак обезбедил 390,000 долари за четиримесечен пилот-проект, со кој треба да се истражи дали душкањето ги дава истите резултати како и ПЦР тест.
„Тестирањето на аеродромот ќе не чини повеќе од 1 милион евра месечно. Овие кучиња ќе бидат далеку поевтини“, вели Аронкито. Четири кучиња во две смени сега го вршат тестирањето на аеродромот, а Аронкито вели дека ќе го обезбеди истиот буџет и за следната година. За повеќе- нема пари. Финската држава во моментов нема интерес да го помогне истражувањето.
Нема политичка волја ни во Германија
Таквата ситуација не е ограничена само на Финска. Во Германија научниците велат дека добиле ветувачки резултати со кучињата кои откриваат коронавирус, но нивното користење досега не е одобрено.
Според професорот Холгер Фолк од Универзитетот за ветеринарна медицина од Хановер, засега нема доволна политичка волја за да се финансира истражување на оваа тема, нешто што според него е многу „проблематично“, особено со актуелниот раст на бројките на заразени.
„Кога го започнавме овој проект, го сторивме тоа затоа што сакавме да помогнеме да се сопре пандемијата“, вели Фолк за ДВ. „Но многу е фрустрирачки. Многумина ми кажаа не. Да не бев толку одлучен, досега веројатно ќе престанев“, вели Фолк.
Доколку теоријата со кучињата-душкачи се докаже како точна и со научна студија, предностите би биле огромни. „Замислете да имате куче кое секој ден ќе може да продушка набрзина една армија работници. Размислете за ефектот. И натаму ќе имате работен процес“, вели Фолк.
Сузана Павилаинен веќе размислува за алтернативите доколку не наиде на повеќе разбирање во Финска. Таа има понуди од земји од целиот свет да го пренесе своето знаење, и кучињата, таму.
„Размислуваме за преселба затоа што и Коси сака потопло време“, вели таа галејќи го своето куче.