1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Медиуми

Теориите на заговор земаат замав

Мартин Муно
1 февруари 2021

Сѐ повеќе луѓе веруваат во нешта кои до неодамна важеа за чиста глупост. Тоа не е само бизарно, туку и многу опасно за демократијата, смета Мартин Муно.

https://p.dw.com/p/3ofcm
USA Jacob Anthony Chansley Gewaltsamer Einbruch Capitol Verschwörungstheoretiker
Фотографија: Douglas Christian/Zumapress/picture alliance

Ако до пред неколку години некој јавно излезеше со тврдење дека светска елита држи во заробеништво киднапирани деца и ги измачува за да добие од нивната крв лек за подмладување, тој некој ќе го советуваа под итно да замине на психијатриски третман. Денес пак, според британска анкета, околу 10 проценти од Американците се декларираат како поддржувачи на таквата неразумна теорија на заговор под името Канон.

Движењето стаса дури до Германија. Според сознанијата на фондацијата Амадеу Антонио, во земјата има околу 150 илјади приврзаници на заговорот Канон, со што Германија е втора најголема по бројнодт заедница надвор од англиско говорно подрачје. Според студија на фондацијата Конрад Аденауер, околу третина од Германците се чинат подложни на митови за заговор.

Ако се одземат децата под 14 години, тоа се сепак 24 милиони лица. Други испитувања дошле до слични сознанија, но и до тоа дека има повеќекратна поврзаност меѓу приврзаниците на Канон, оние кои го порекнуваат постоењето на корона и десноекстремните.

Само неколку клика ве делат од глупостите

Но, како очигледна глупост може толку да се прошири во еден просветлен свет? Сепак живееме во 21, а не во  среден век. Одговорот ни е пред очи: бидејќи од глупостите нѐ делат само неколку кликови со маусот. Особено социјалните мрежи се збирштина на лажни информации и митови за заговор.

Повеќе:

-Зошто американските евангелисти толку многу се противат на вакцините?

-Во што веруваат Македонците: „Не“ за вакцина против Ковид-19, „Да“ за теории на заговор

-Теорија на заговор: КјуАнон во подем

Центарот за истражување „Коректив” во анализа на податоци доаѓа до заклучокот дека Фејсбук и Јутјуб се платформите на кои минатата година биле проширени најмногу потенцијално погрешни информации. Потоа се шират натаму преку апликациите за размена на пораки Телеграф и Ватсап. Истражувачите на Институтот за технологија од Масачусетс откриле дека е потребно шест пати повеќе време со вистинска информација да допрете до 1500 лица отколку со погрешна.

Kommentarbild Muno Martin
Мартин Муно, автор на коментарот

Особено големите социјални платформи сега се притеснети: од една страна тие поимот слобода на изразување го интерпретираат многу широко, па често пати дури и лажни информации, па дури и навреди спаѓаат под него. Фејсбук до октомври 2020 дури се противеше од своите страни да ги симне негирањата на холокаустот, што во 18 држави во светот е казниво дело.

Социјални медиуми: се препознава опасноста

Од друга страна, по претседателските избори и најдоцна по упадот на толпата во Капитол подгреана од тогашниот претседател Трамп, и социјалните медиуми ја увидоа опасноста од ширење лажни и погрешни информации и омраза.

Ако сега одредени платформи ги блокираат профилите на познати и помалку познати лица, ако означуваат информации со лажна содржина, ако се обидат да ги повикаат корисниците на одговорност – тоа може да биде само почеток.

Мора да се преземат две работи: Како прво мора Фејсбук и другите платформи и самите да понесат поголема одговорност за објавите кои содржат лажни вести и говор на омраза. Европската комисија се обидува тоа сега да го регулира со „Законот за дигитални услуги“. И тоа не е нималку едноставна работа, бидејќи линијата меѓу сузбивање на лажни информации и цензура е екстремно тенка. Па сепак мора да се повлече.

Јакнење на медиумската писменост

Од друга страна мора да се работи на јакнење на медиумската писменост, пред се кај младите кои најчесто се информираат преку социјалните медиуми, а не преку традиционалните. Од друга страна традиционалните медиуми се повикани да развиваат програмски формати со кои полесно ќе ја привлечат „Јутјуб генерацијата“.

Справувањето со теориите и митови на заговор е итно и многу важно. Неодамна во Вашингтон видовме дека тие имаат потенцијал да ја уништат демократијата. Неделава на тоа обрна внимание и Марина Визбанд во нејзиниот говор во Бундестагот по повод годишнината од Холокаусотот кога рече дека мора да се сфати оти „антисемитизмот не почнува онаму каде што се пука во една синагога. Ниту холокаустот (н.з. не почна) со гасните комори. Туку сѐ почнува со ширење на теории на заговор.“