1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Лажен идентитет за 20 илјади евра

ДТЗ
7 април 2021

Поднесени се кривични пријави за 11 лица за издавање пасоши со украден идентитет. Имало и случаи кога едно лице добило четири лажни пасоши.

https://p.dw.com/p/3rgyx
Mazedonien Reisepass
Фотографија: DW

Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство Скопје денеска поднесе две кривични пријави за 11 лица за издавање пасоши со украден идентитет. Обвинителството бара притвор за осум лица, од кои едно е во бегство, додека за двајца од осомничените се предлагаат мерки на претпазливост. Тие се товарат за злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 1 од Кривичниот законик.

Деветмина од осомничените се вработени во МВР во службите за издавање пасоши, додека едно лице се смета дека е посредник за „штанцањето“ пасоши со лажен идентитет. Документи со украден идентитет добиле 215 странски државјани, а на едно лице му биле издадени дури четири патни исправи со различни идентитети.

Две пријави

Првата кривична пријава се однесува на 215 незаконски издадени патни исправи на странски државјани под туѓ, македонски идентитет, а со фотографија од лицето на кое му била издадена патната исправа. Идентитетот што се користел бил на лица што живеат во дијаспората. Втората пријава се однесува на 4 пасоши што му биле издадени на едно лице, при што биле искористени повеќе матични броеви, кои не биле опфатени со постапка за нивно поништување, со кои тоа лице добивало нов идентитет, но со негова фотографија.

-повеќе на темата: Пасоши за мафијаши: Осомничените купувале скапи возила и недвижности

Еден од осомничените веќе се наоѓа во притвор по претходен предмет за незаконско издавање возачки дозволи. Обвинителството најави дека ќе ги истражи и информациите дали и кои лица им ги направиле достапни на јавноста информациите за истрагата пред да бидат поднесени кривични пријави. Ваквите најави доаѓаат по барањето на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој повика да се истражи како информациите за меѓународната акција стигнале до опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Партијата во неколку наврати објави документи за пасоши кои со туѓ идентитет биле издадени на лица од подземјето во Србија и Турција.

Обвинувања

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во гостувањето на „Утрински брифинг“ рече дека еден од уапсените во аферата со издавањето пасоши на криминалци бил во секојдневен контакт со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Партискиот потпретседател Александар Николоски рече дека единствениот со кој контактирал Мицкоски, а кој можеби е поврзан со случајот, е премиерот Зоран Заев. „Ова се смешни работи, СДСМ неколку дена пласира целосно лажни вести, класични ’фејк њус‘, ги растура пердувите со цел на тој начин да ја скрие сопствената одговорност мислејќи дека ќе ја дефокусира јавноста. Единствен со кого Мицкоски имал контакт изминатиот период, а кој можеби е поврзан со овие работи ,е Зоран Заев со кого имаа лидерска средба“, изјави Николоски.

Staatsanwaltschaft in Skopje
Обвинителството најави дека ќе ги истражи и информациите дали и кои лица им ги направиле достапни на јавноста информациите за истрагата пред да бидат поднесени кривични пријавиФотографија: DW/Katerina Blazevska

Тој денеска на прес-конференција објави нови информации со кои располага партијата во врска со аферата за издавање македонски пасоши на осомничени криминалци од странство. Тврди дека со пасоши се стекнале и водач на наркокартел од Албанија и платеник на Ковачкиот клан кој извршил обид за убиство во Украина. „МВР во регуларна постапка на 17 јули 2019 му издала македонски пасош со број C1265083 и на шефот на наркоклан од Албанија, Флоријан Мусај, со позајмен идентитет Наум Фило, роден на 22 јануари 1986 година. Мусај станува познат во 2018 година, кога против неговиот наркокартел во меѓународна соработка меѓу полициските служби на Германија, Италија, Холандија и Албанија се откриени 91 килограм кокаин вреден 20 милиони евра и огромна дилерска структура низ сите овие држави. Според информациите што ги добивме по добивањето на македонски пасош во 2019, Мусај непречено патува низ повеќе европски држави, за во октомври 2019 да пристигне во Јужна Америка“, рече Николоски. Втората индиција што ја има опозициската партија е дека пасош поседувал и Стефан Џукиќ, осомничен за обид за убиство на еден од водачите на т.н. Ковачки клан.

Истрагата ќе се проширува

Случајот со издавањето на пасоши со лажни идентитети веќе неколку дена ја бранува македонската јавност. Полицијата вчера уапси 9 лица, а едно е во бегство. Министерот за внатреши работи Олиер Спасовски вели дека продолжува акцијата на меѓународно ниво, дека се работи заедно со Интерпол и дека со секој нов доказ што се појавува истрагата ќе се проширува. На случајот се работело уште од 2019 година, кога се појавувиле првите индиции.

-повеќе на темата: МВР со детали: Како се издавале македонски пасоши со лажен идентитет

„Таквите пасоши ги користеле криминални структури, затоа истрагата е проширена и надвор, затоа и Интерпол беше дел од целата операција. Целата акција е транспарентна со отчет пред јавноста. Акцијата е во тек веќе две години и траеше сѐ до моментот кога јавниот обвинител процени дека има доволно докази. Имавме пред неколку месеци друга група која ја приведовме за издавање нелегални возачки дозволи. Секое лице за кое имаме доказ е приведено“, вели Спасовски.

Според досегашните сознанија, службеници и контролори од управните служби на МВР издавале патни исправи, злоупотребувајќи идентитети на граѓани што немале македонска патна исправа. На тој начин, вкупно 215 лица, од кои 214 се странски државјани, се стекнале со фалсификувани пасоши, преку посредник надвор од МВР. Меѓу оние што добиле македонски пасоши има членови на меѓународни криминални групи и на наркокартели. За еден пасош се плаќало и по 20 000 евра.