1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Армин Лашет сака на врвот

20 април 2021

Армин Лашет е човекот кој влегува во борба за наследник на Меркел. Партиите на Унијата, ЦДУ и ЦСУ, постигнаа согласност за Лашет како кандидат кој треба да предводи во неизвесната предизборна борба годинава.

https://p.dw.com/p/3sH3d
Deutschland | Armin Laschet | Ministerpräsident NRW
Фотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Премиерот на покраината Северна Рајна Вестфалија, Армин Лашет, ја води ЦДУ од средината на јануари. Сега 60-годишникот влегува во трка за освојување на Канцлерамтот на парламентарните избори на крајот од септември. За тоа се изјаснија 77,5% од претседателството на демохристијаните, по борбата со лидерот на ЦСУ, Маркус Зедер, која траеше со денови.

Борба која го разниша системот на партиите на Унијата, ЦДУ и ЦСУ. Зашто, ривалството на двајцата партиски лидери во трката за кандидат за канцелар, досега не беше предвидено. Сега секој термин на двајцата беше претворен во ревија, секоја нивна средба претворена во шоу. Истражувањата на јавното мислење зборуваа јасно во полза на Зедер, што значи против Лашет. Но, шефот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ), Лашет, интерно секогаш сигнализираше дека сака да влезе во трка за канцелар.

Изборите се добиваат со победа на изборите, а не во анкетите, е крилатица која од времето на Хелмут Кол се врти во ЦДУ.

Од двата табора, на Зедер и Лашет, со недели се велеше дека одлуката за кандидатот на Унијата за канцелар ќе падне брзо по Велигден. По Велигден меѓутоа таборот на Лашет се разниша, прво во пратеничката група на Унијата, а потоа во круговите на покраинските премиери од ЦДУ и лидерите на партијата во одделните покраини. Човекот на Рајнската област постојано тврдеше дека ќе најде заеднички јазик со Зедер. А, Зедер пак, одвреме-навреме, во своите настапи укажуваше на поддршката која ја има во анкетите, поддршката од ЦДУ, неопходноста од јасна кампања против Зелените.

Deutschland Münster 2019 | Markus Söder, MP Bayern & Armin Laschet, MP Nordrhein-Westfalen
Со месеци се бореа да станат кандидат на Унијата за канцелар: Армин Лашет и Маркус ЗедерФотографија: Malte Ossowski/SVEN SIMON/picture alliance

„Борец“

Па, сепак, ЦДУ се определи за Лашет. Тој е „борец“, велеа неговите партиски пријатели опишувајќи ги деновите на неизвесност. Лашет, поддржан од своите заменици, бараше разговори и објаснувања, како со Зедер, така и со многу други ЦДУ-актери. Сето тоа наспроти истржувачите на јавното мислење, кои на Лашет му предвидуваа многу помалку поддршка отколку на Зедер како кандидат за канцелар.

Сега Лашет мора да го користи секој ден за да обезбеди контиунитет и да стане тој што ќе ја замени канцеларката Ангела Меркел. До изборите има уште пет месеци. Зелените, со впечатливо единство во постапката, ја избраа својата кандидатка за Канцлерамтот - Аналена Бербок (40), а и СПД веќе го има својот кандидат - Олаф Шолц.

ЦДУ на центарот

Кога на дигиталниот конгрес на ЦДУ во јануари 2021, во вториот круг, беше избран за лидер на партијата со 53% гласови, а во гласањето со писмо потоа имаше резултат од 83,5% освоени гласови од делегатите, многумина во Лашет видоа гарант на досегашниот курс на Меркел. Лашет, потпретседател на ЦДУ од 2012 година, постојано беше партнер од доверба на лидерката Меркел (до 2018 година) и на Анегрет Крамп-Каренбауер (од 2018 до 2020 година). Тој се залага за „ЦДУ на центарот“. „Ќе победиме само ако останеме силни во центарот“ - гласи реченицата која може да се слушне често во неговите говори.

CDU Digitaler Parteitag Laschet wird Vorsitzender
Лашет на дигиталниот партиски конгрес на ЦДУ во јануари 2021Фотографија: Hannibal Hanschke/REUTERS

Со вакво барање стана премиер на најнаселената германска покраина во 2017 година, а годинава и партиски лидер. Истовремено, ахенскиот католик често свесно се надоврзува на традицијата на ЦДУ, во која рајнското влијание долго време беше силно. Од Северна Рајна Вестфалија досега потекнувал само еден од осумте германски канцелари - првиот канцелар Конрад Аденауер (1949-1963), кој беше соосновач на партијата и кој ја обедини. Партиската централа во Берлин до денес го носи неговото име.

Некогаш верен на Меркел

Лашет тесно соработуваше со канцеларката Ангела Меркел. Кога Меркел поради влезот на стотици илјади бегалци во 2015 година се соочи со жестоко противење во партијата, Лашет остана нејзин верен сопатник и соборец.

Но, поради грешките и слабостите во борбата против пандемијата Лашет се оддалечи од канцеларката. Прво се обидуваше да прави шпага. Но, на крајот на март тоа заврши. Кога канцеларката и покраинските премиери се расправаа во врска со заострувањето на рестрикциите за Велигден и кога по 15-часовни преговори го соопштија договореното, што предизвика огорченост кај речиси сите Германци, Лашет се стави јасно на дистанца. „Вака веќе не може“, рече тој ветувачки и заканувачки.

BG I Wie mit Fotos Politik gemacht wird I Virus Outbreak Germany Merkel
Армин Лашет тесно соработуваше со канцеларката Ангела МеркелФотографија: picture-alliance/AP/M. Meissner

Тоа одговара на невообичаено драматичната состојба во партиите на Унијата. Причините за тоа се бројни - тешкотиите во сузбивањето на пандемијата, различни корупциски афери во редот на пратеничката група во Бундестагот, недоверба и згора на тоа канцеларка, која е ценета многу на меѓународно ниво, но која сепак, со оглед на нејзиниот мандат кој завршува, е „парализирана патка“. Анкетите покажуваат дека патот на ЦДУ до Канцлерамтот нема да биде лесен, па дури и дека може да заврши во ќорсокак.

Лашет и Зелените

Сега, откако успеа во напорната борба против Маркус Зедер, Лашет мора да ја обедини партијата која е очајна и исфрустрирана и да повика на напад против зелената сила која е во подем, чија кандидатка Баербок припаѓа на друга генерација и има поинаква слика за себе. Токму Лашет, човекот кој по прашањата на интеграција уште пред децении имаше речиси повеќе сојузници во редовите на Зелените отколку во сопствениот табор. Лашет, кој по влезот во Бундестагот во 1994 година работеше на создавање однос на доверба помеѓу политичарите на ЦДУ и на Зелените.

Слоганот на Лашет како кандидат за лидерската позиција во ЦДУ во јануари одговараше и за слоган во борбата за кандидат за канцелар од редовите на Унијата: „Дваесеттите години да се претворат во деценија на модернизација на Германија - нова економска динамика, голема безбедност, најдобри и праведни образовни шанси“. Премиерот Лашет на кризните корона-средби се обидуваше да ја потенцира перспективата на економијата.

Повеќе: 

ЦДУ застана зад Армин Лашет како канцеларски кандидат, како ќе реагира Зедер?

Лашет или Зедер– кој ќе ги предводи ЦДУ и ЦСУ во изборната кампања?

Со Лашет, ЦДУ останува на „курсот на Меркел“

Армин Лашет е новиот претседател на партијата на Меркел

Политика одоздола нагоре

Лашет ги познава сите страни на политичкиот бизнис. По професија правник, дел од Советот на Ахен (1989-2004), Бундестагот (1994-1998), Европскиот парламент (1999-2005) и на покраинскиот парламент на Северна Рајна Вестфалија (од 2010 година). Израснат во пограничниот регион со Белгија, тој пулсира искусно европски. Од 2019 година Лашет е и ополномоштеник на Германија за германско-француските културни врски. Тој со политичкото раководство во Париз одамна негува интензивни контакти. Во однос на трансатлантските односи Лашет, кој во 2019 година како покраински премиер неколку дена патуваше во САД, треба да надополни некои работи.

„Армин Лашет е политичар кој ги има сите предуслови за највисоките партиски и државни функции“, стои на страницата на фондацијата „Конрад Аденуер“, која е блиска на ЦДУ. Во тоа Лашет ќе мора да ги увери и избирачите. „Премиер кој успешно владее во покраина со 18 милиони жители, може да биде и сојузен канцелар“, вели тој со задоволство.

Лашет ќе мора да ја поврзе и ЦСУ, која со недели го истакнуваше својот кандидат Зедер, а секоја пофалба за Зедер, звучеше како критика за Лашет. „Кандидатот“ ќе мора да мотивира и во својата ЦДУ, кој е во тешка криза. Спектарот е широк: од Фридрих Мерц, кој по две пропаднати кандидатури за партиски лидер, се кандидира за Бундестагот и во визир има министерска функција по ерата на Меркел, преку ЦДУ во источна Германија, која во борбата против АфД се надеваше на енергичниот и самоуверен Зедер, сѐ до жените во партијата, кои беа постојано горди на Меркел, а сепак претставуваат одвај една четвртина од кандидатите во изборните единици во државата.

Патот до Канцлерамтот за Лашет е многу долг. Долг и трнлив!