Лезбос: Европа во хаос кој самата си го создаде
14 септември 2020„Во никој случај не сакам да одам во новото сместувалиште. Сакам да си заминам од Лезбос,“ вели Реза. Овој млад Авганистанец добро зборува англиски. Исто како и илјадниците други бегалци останува на улицата меѓу Митлини, главниот град на островот и малото селце Панагида, сликовито сместено во заливот полн со кафетерии и ресторани. Од другата страна на заливот можат да се видат низа шатори. На поранешниот воен полигон, грчката влада заедно со Организацијата за бегалци на Обединетите нации од саботата гради нов привремен камп. 300 од бездомниците веќе се преселени таму. Наскоро треба да има место за сите. „Овде се чуствувам побезбедно,“ вели еден Сириец кој беше меѓу првите бегалци кои доброволно се преселија во новото привремено сместувалиште.
За Реза, тоа не е алтернатива. Тој е добро расположен. “Немам јадено ништо два дена,“ раскажува тој во саботата и се смее. Надежта, дека конечно ќе го напушти Лезбос е поголема од гладта или стравот. Тоа е случај со многумина од нив кои си поставиле сопствено привремено сместувалиште овде на главниот пат. Но, овие привремени сместувалишта не се наредени во линија како во малиот “шаторски град“ кој го изгради владата. Овде владее хаос.
Грчката војска, која всушност е задолжена за распределба на храна, им дозволува на не баш омилените невладини организации да делат храна и вода на островот. При тоа доаѓа до драматични сцени. Тие ја разнесуваат со комбиња со отворени врати. Кога луѓето кои со часови седат на жешкото сонце ќе ја здогледаат водата трчаат зад комбето. Под овој притисок оние кои во комбето се обидуваат со викање да воведат ред, а потоа само ги фрлаат шишињата во толпата. Луѓето се борат и паѓаат. Една жена лежи на патот во бессознание. Еден човек ја скрши раката.
Нема структура – нема безбедност
Невладините организации ниту се подготвени ниту опремени за вакви исклучителни ситуации. Но учат во од. Следниот ден формираа човечки ланец и некако успеваат поорганизирано да ја поделат храната. Во неделата пакуваа порции храна, леб и овошје во ќеси за да биде ова уште подобро организирано. Многу помагачи се доста мотивирани. Тие се доброволци кои се таму на сопствен трошок. Млади луѓе од различни земји работат заедно, за со малку хуманост да им се спротивстават на пропустите на европската политика за азил и организацискиот хаос на грчките власти.
Повеќе:
-Лезбос не сака нов камп: „Повторно ќе подметнат пожар“
-Фотографија на денот: Се бара спас за децата од Морија
„Првите денови по пожарот беа тешки. Луѓето беа насекаде, а улиците блокирани. Тешко стасувавме до нив,“ вели Хенк Динкелман, доброволец од организацијата Еуро рилиф, која беше одговорна за сместување на бегалците во кампот Морија, и која по пожарот веднаш организираше да се покријат елементарните потреби. Но, ова е тешко надвор од камп. „Во Морија ја имавме сета потребна инфраструктура за распределба на храна.“ Под овие околности беше потребно време се да се реорганизира. „Во моментов користиме автомобили, но секако потребни се одредени капацитети, за се да биде подобро организирано“, вели тој.
Стручна помош би им била добредојдена. По пет дена грчката влада успеа да подигне шатори зад бодликавите жици и да да обезбеди места за спиење. Ангажиран е и кетеринг сервис. Но, ни привремените тоалети и елементарните потреби организирани таму, не се доволни. Дури ни со помошта на армијата која е на готовс по објавувањето на вонредната состојба и може веднаш да реагира.
Контрола преку изолација
Од неделата на новинарите им е забранет пристап до улицата на која престојуваат голем дел од мигрантите и бегалците.
И во изминатите денови камерманите мораа да паркираат пред првите барикади и остатокот од патот да го минат пеш, покрај новите бездомници на островот.
Со отворањето на новиот привремен камп се ограничува слободата на движење за медиумите. Некои ги заобиколуваат барикадите и стасуваат до пределот преку едно брдо. Други уште од раните утрински часови се кај многу избегани.
Од сега натаму за новинари има само пристап во рамки на организирани обиколки на привремениот камп и само официјални соопштенија од ресорните министри.
Грчкиот министер за миграција, Нотис Митаракис, објаснува: “Од првиот ден приоритет ни беше безбедноста на бегалците, на барателите на азил и на локалното население. Откако обезбедивме безбедност, снабдување со храна, вода и медицински средства, направивме и неколку илјади легла во преодниот камп.”
Речиси може да стекнете впечаток дека преку ноќ се случило чудо. Но, репортажите на новинарите кои успеале да стасаат во затворената зона покажуваат слични сцени како и ден претходно.
Постојано помали побуни од бегалците. Некои намерно ги провоцираат службениците. Насилство предизвикува најголемо внимание.
Лезбос плаќа цех за Европа
По страшниот пожар во Морија Брисел и Атина најавуваат изградба на нов камп на островот. На Лезбос никој не го сака тоа. Владите во Западна Европа пак, се чини дека тоа воопшто не ги интересира. Ретко кој сака да прими бегалци. Се шири стравот дека вака ќе се поттикнат бегалците од другите острови и таму да ги запалат камповите само за конечно да дојдат до земјите во кои може да им биде понудена некаква перспектива. Рокот за да се најде решение со кое ќе можеше да се спречат слики како на Лезбос, одамна е истечен.
Не помагаат само вербални заложби. Но, географската позиција не и дозволува на Грција проблемот да го игнорира. Едно е сигурно: бегалци ќе има и во иднина. Тогаш еден единствен нов камп нема да биде доволен за да се држат на страна од Европа оние на кои им е потребна помош.