Лек за коронавирус од антитела на излечени пациенти
18 март 2020Кога пациентите ќе пребродат инфекција со Ковид-19, а такви во светот има веќе околу 80.000, тогаш нивната крвна плазма содржи редица различни антитела кои можат ефективно да го сузбиваат коронавирусот.
Доколку антителата, изолирани од плазмата и исчистени, му бидат вбризгани на друг пациент, тој добива „пасивна имунизација.“ Тоа не е вакцина во фактичка смисла, зашто антителата не се произведени од самото тело.
Предности и недостатоци на серумската терапија
Но, предноста е јасна: телото во случај на инфекција не мора допрва со напор и со губење време самото да гради антитела, туку директно добива соодветни антитела кои веднаш можат го сузбијат предизвикувачот.
Недостаток на пасивната имунизација е што таа по правило трае само неколку недели или месеци. Не се создава траен имунитет против предизвикувачот, зашто внесените антитела се разградуваат по околу 30 дена. Така организмот повторно е во опасност од нова инфекција дури и со истиот предизвикувач, зашто имунолошкиот систем не е доволно стимулиран.
Нобелова награда за терапија со крвна плазма
Пасивната вакцина е воведена уште во 1890 година од Емил фон Беринг, германски имунолог кој пронашол начин за лекување на дифтерија. На почетокот на 19 век оваа исклучително заразна бактериска болест била одговорна за смртта на илјадници деца.
Во 1901 година Емил фон Беринг ја добил првата Нобелова награда за медицина. За неговите успеси во развојот на серумски лекови против дифтерија и тетанус, тој од страна на печатот бил наречен „спасител на деца“ и во Првата светска војна бил славен како „спасител на војници“.
Примена против ебола и птичји грип
Серумската терапија во 2014 година беше применета при избувнувањето на епидемијата на ебола. Четири години подоцна, при избувнувањето на епидемија на ебола во Демократска Република Конго во август 2018 година, лек добиен од антителата од крвната плазма спречи вирусот на ебола да се шири, стапката на смртност на тој начин беше редуцирана за околу 30 проценти.
Научници од цел свет сега сакаат на сличен начин да се борат и против новиот коронавирус САРС-КоВ-2, преку пасивно имунизирање со примена на антитела од крвна плазма.
Уште во февруари во кинескиот град Шангај беше изградена специјална клиника за серумска терапија.
Производителот на лекови Такеда Фармакојтикл од Јапонија работи на развој на мешавина од антитела под име ТАК-888 добиени од излечени пациенти инфицирани со Ковид-19, надевајќи се да создаде нов лек против коронавирус.
Такеда веќе произведува лек под името Интравенозен имунглобулин (IVIG ) за третман на пациенти со пореметувања на имунолошкиот систем. Методот е многу ветувачки, зашто лекот се состои од различни прочистени антитела. Научниците значи не мора со комплицирани постапки да изнаоѓаат кои антитела најдобро го сузбиваат коронавирусот, туку му спротивставуваат така да се каже цела палета антитела.
Постапката е ефикасна, зашто потребни се само мали количества, сигурна е, зашто не се пренесуваат други вируси и пред се' - заштедува време. Зашто, лекот е веќе во оптек, па можно е евентуално прескокнување на временски интензивните тест-фази и би бил порано на располагање за лечење или профилакса.
Повеќе:
Фон дер Лајен се надева на вакцина за коронавирус до наесен
Трамп нудел 1 милијарда долари за вакцина за коронавирусот
Ограниченото движење и „мајката природа“ нема да го сопрат коронавирусот
Калифорнискиот конкурент Вир Фармасојтикл следи сличен пат: американскиот концерн моментно истражува дали антителата добиени од крвната плазма на поранешни пациенти заболени од САРС во 2003 година, можат да го неутрализираат и вирусот САРС-КоВ-2. Американскиот концерн Вир Технолоџи работи во тесна кооперација со кинеската фирма ВуШи Биолоџикс.
Може ли серумската терапија да биде замена за вакцина?
Создавањето лек и развојот на вакцина за среќа течат паралелно. Брзодејствувачка серумска терапија како првично згрижување е оправдана првенствено кај пациенти со висок ризик, значи постари и веќе заболени лица. Ваков лек со антитела може да биде применет кај голем број пациенти, зашто може да се произведе брзо во огромни количества. Во кризата со ебола во 2018 година на овој начин можеше да се постигне барем намалување на стапката на смртност.
Но, за да се постигне вистинско забавување на пренесувањето на новиот коронавирус или тој да биде запрен, потребна е вакцина, на чие пронаоѓање во моментов се работи со полна пареа низ цел свет.