Лек против сите вируси?
21 ноември 2011Американските научници од Институтот за технологија во Масачусетс веќе го тестирале во лабораторија средството наречено „Драко.“ Името е многу соодветно, објаснува Тод Рајдер од институтот, бидејќи навистина станува збор за драконско средство кое може да им стави крај на најразличните вирусите. „Драко досега го тестиравме против 15 вируси, меѓу кои оние што предизвикуваат настинка, вирус на желудникот, но и заболувања како што се детската парализа и треската денга. Лекот делуваше против сите овие вируси. Имаме уште цела листа на вируси што сакаме да ги тестираме“, објаснува Тод Рајдер.
Тајната на „Драко“ е дека тој не го напаѓа самиот вирус, туку клетката во телото инфицирана со него. Вирусите имено, се множат во клетката за конечно да ја уништат и од неа да излезат и да го продолжат својот поход на другите, здрави клетки во телото. „„Драко” ја уништува првата инфицирана клетка уште пред да почнат вирусите во неа да се множат и пред да можат да ги инфицираат другите клетки“, вели Тод.
Тестовите врз животни биле успешни
Но, затоа „Драко” мора прво да ја пронајде инфицираната клетка и тоа со помош на рибонуклеинската киселина, или накратко РНА. Кога вирусите се множат создаваат исклучително долги двострани синџири на РНА. Таквите синџири обично не можат да се најдат во здравата клетка и поради тоа тие се знак дека клетката во која постојат е заразена со вирусот.
Откако ги препознал клетките со долги нуклеински киселини на вирусот, објаснува Тод Риде: „„Драко” ги наведува клетките сами да се уништат и на тој начин ја стопира инфекцијата. Притоа, здравите клетки остануваат недопрени.“ Тоа во секој случај вака функционира во епрувета. На тестовите направени врз животни, научниците успеале да ги излекуваат глувците заразени со свински грип. Тод Рајдер е убеден дека „Драко“ би можел да биде универзален лек кој ќе им стави крај на сите вирусни зарази – од настинка до сипаници.
Другите научници на ова „чудесно“ средство гледаат со скепса
Една од нив е Андреа Бренч од Медицински факултет Маунт Синал во Њујорк. Таа, имено, се воодушевува на креативноста и домените на сите колеги од факултетот во Масачусетс, но е убедена дека тестовите во епрувета или на глувците не се доволни: „Доколку во телото се инфицирани премногу клетки со вирусите и тие така да се каже се тераат да се самоуништат, тоа би можело да го убие и самиот пациент,” аргументира таа.
Како пример ја наведува инфекцијата со Хепатитис-Б. Кај оваа инфекција вирусите ги напаѓаат поголемиот број клетки на црниот дроб. Доколку сите тие одеднаш „умрат“, црниот дроб би откажал и во тој случај само трансплантација на друг црн дроб би можела да му го спаси животот на пациентот. Меѓутоа, постојат секако инфекции, вели Андреа Бренч, кои напаѓаат само мал број на клетки. Ако „Драко” навистина може да ги пронајде и да ги уништи, принципот би можел да функционира. Тод Рајдер и неговиот тим од Техничкиот универзитет во секој случај ќе истражуваат понатаму. Нивниот следен чекор е тестирање на „Драко” во борба против вирусот ХИВ.
Автор: Марике Деген / Бисера Огњановска-Митров
Редактор: Симе Недевски