Лекарите под постојан стрес во корона-кризата
4 април 2020Ниту еден друг регион не е толку погоден. Округот Хајнсберг во Северна Рајна до вторникот во регионот со 250.000 жители има 1307 регистрирани заразени лица и 37 починати. За споредба, во метрополата Берлин со 3,8 милиони жители има 2777 заразени и 15 смртни случаи. Од крајот на февруари докторот од одделот за интензивна нега Аико Лидман и неговиот тим од градската болница во Хајнсберг се борат со чумата. Сите работат до исцрпување, без да се пресметува прекувремена работа, ни вели Лидман во телефонскиот разговор. „Работам со навистина високомотивиран тим, и тоа и покрај овие тешки времиња – ми причинува радост.“ Лидман и неговите колеги имаат среќа. Имаат доволно заштитна облека на располагање. „Но пред неколку недели не знаевме дали количините заштитна облека што ги имаме наутро ќе ни стасаат до вечерта.“ Сега ситуацијата е поинаква. Меѓу другото и поради тоа што првиот човек на Хајнсберг, Штефан Пуч од ЦДУ лично се заложи да се набават и тоа преку Бундесверот и од Кина. И тоа му успеа.
Во моментов во градската болница во Хајнсберг се третираат меѓу 20 и 30 заболени од коронавирусот. Овој број беше значително поголем. „За жал, не можевме да ги спасиме сите,“ вели Лидман со потиштен глас.
Хајнсберг - лабораторија за коронавирус
Како коронавирусот се појави во Хајнсбегр и како се прошири, како дел од заболените ја преживеаа болеста – ова сега треба научно да биде испитано. Овој регион веќе три недели пред останатиот дел од Германија се бори со епидемијата и поради тоа се третира како „лабораторија за корона“. На овој проект од понеделникот работат 40 научници екипирани околу вирологот од Бон, Хендрик Штрек. Ова е „добра идеја“ вели доктор Лидман. „Ваквите испитувања имаат голем смислол бидејќи, ние како медицински лица сме благодарни на секоја информација поврзана со вирусот која може да ни помогне понатаму,“ додава тој. Тој смета дека дебатата околу олабавување на рестрикциите е прерана, но и дека мерките како во Австрија задолжително да се носат заштитни маски при одење во продавница, се претерани. Тој сепак стравува дека вирусот ќе продолжи уште повеќе да се шири. Овој семеен човек не се плаши за себе туку за неговите две мали деца.
Психотерепевтка: Корона стрес за „екстремно социјализирани луѓе“
„Оваа пандемија е огромен стрес-фактор за сите“, и таа станува се поголема тема во фокусот на нормалното сесии со пациентите, вели психотерапевтката Бетина Песел од Берлин. Тоа го гледам речиси секојдневно во мојата работа: „Корона е неконтролирана епидемија, за која не се знае како ќе се развива, и дали некој лично или неговите најмили, наскоро ќе бидат погодени од неа.“ Таа пандемијата ја нарекува „стресер“ која „екстремно социјализирани луѓе “ ги турка до граници на издржливост:„Всушност близината нам луѓето ни е запишана во гените“. Но просторна близина во моментов не само што не е возможна, туку е и забранета. Контакт преку месинџер или вотсап не помага многу.
Повеќе:
Корона-криза: Негувателите бараат повеќе од аплауз
Се повеќе докази дека и здрави луѓе го пренесуваат коронавирусот
БСЖ вакцината - алатка против Ковид 19?
„Германскиот Вухан“ ќе биде лабораторија за коронавирусот
Песел вели дека открила два груби пристапа во справување со кризата. „Има една група која се надградува над ограничувањата, но има и лица кои од порано имале стравови, и ним сега им е многу полошо.“ Тие имаат страв дека ќе се разболат лично, или некој нивен пријател или роднина. Секако има и луѓе кои имаа голем страв за иднината: Ќе ја загубам ли работата? Ќе може ли да си го задржам станот, да ги плаќам сметките?
Искуството од Вухан: пораст на семејното насилство
Германците се под толку голем стрес и песимисти како никогаш досега од 1949 навака, покажува анкетата на Институтот Аленсбах. Ќе има ли поголем број самоубиства? Тоа не може да се предвиди, вели Песел, но едно е јасно: „Семејното насилство и малтретирањето на деца ќе биде во пораст.“ Тоа го потврдуваат и студии направени во регионот на Вухан во Кина, кој беше најмногу погоден од коронавирусот. Истото веројатно ќе се случи и во Германија.
Песел исто така се адаптираше според новите услови за работа. Во нејзината ординација во Берлин Шонеберг мебелот е повеќе оддалечен согласно препораките за безбедна дистанца. Но, во моментов се повеќе пациенти оддржуваат сесии преку видео-конференциска врска – нешто што терапевтката го нуди како опција уште од почетокот на годинава: „Во ординацијата доаѓаат оние на кои им е „стемнето“. Но таквите се малкумина.
Во руралните области недостиг од доктори имаше уште пред кризата
Бригите Шаши во нејзината ординација на село е препуштена сама на себе. „Порано бевме тројца лекари.” Во руралните региони и не само таму, има недостиг од персонал. Тоа сега особено доаѓа до израз. „Политиката се труди многу актуелната ситуација да ја држи под контрола. Но, на здравствениот систем и претходно му беше потребна поддршка”, ја критикува таа владата. Докторката Шаши имала среќа во несреќа оти таа и тимот имале заштитна опрема уште од времето на свинскиот грип пред неколку години. Таа насетила што ќе се случува и пред две недели нарачала заштитни маски и облека. „Ако вака продолжи ситуацијата, ќе имаме можеби доволно за две недели.” Многу ординации во близина веќе морале да затворат бидејќи немале заштитна опрема.
Брисеви за тестови на отворено
Во ординацијата на Шаши е речиси како и насекаде - сомнителните на коронавирус се третираат во специјални термини. „Често брисевите ги земаме на отворено”, вели Шаши. Тоа е побезбедно за сите. Инаку докторката често пати советува пациенти на телефон. Смета дека во иднина ќе мора да извршува повеќе домашни посети кај постари лица. Тоа е побезбедно за сите. Добра идејае „да се изолираат оние кои се особено загрозени”.
Ја разнежнило тоа што многу Германци излегле на балконите да им аплаудираат на докторите и негувателите во време на епидемија. „Добро е што луѓето се насочуваат на љубов кон ближниот; иако можеби ова ви звучи по малку старомодно”.
Доктор од служба за брза помош очекува „корона цунами”
„Држете растојание!" Тоа засега е најважното правило во контактите со пациенти од итни случаи, вели докторот Гералд Велерсхоф. Не може како порано веднаш да им пристапиш на пациентите. „Сега држам 2-3 метра растојание и се обидувам прво да разјаснам дали можеби е случај на Ковид-19”. Ако е така, пропишано е да се носи комплетната заштитна опрема од ракавици, скафандер, маска, очила и заштита за главата.
Таква опрема сѐ уште има во спасувачките возила на Берлинската противпожарна служба. Но, во берлинската болница Урбан опрема веќе недостасува. Т.н.маски за висока безбедност се користат повеќепати од едно лице, иако всушност треба да се за еднократна употреба. Тоа го нарекуваат „штедење на ресурсите”. Пред речиси секоја интервенција на итната помош има брифинг во противпожарната служба. „Се информира за најновите сознанија за Ковид-19 вирусот и што тоа значи за нашата дневна работа”. Најчесто како извор се користат најновите резултати од истражувањата на институтот Роберт Кох кој информира редовно и за бројките поврзани со случаи на коронавирус. Велерсхоф во скоро време очекува „корона цунами”.
Сепак вели дека „лично не се плаши толку дека може да се зарази”.
Но, вистина е и дека превентивно се распрашал кај соседите кој би можел да го шета кучето Ела, доколку треба да биде во корона карантин.