1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Лекови од автомати

Леони Марч
5 јануари 2019

Грижата за хронично болните може да се поправи со полесен и побрз пристап до лекови, односно поставување на „аптекарски автомати“. Таков автомат, со поддршка на германската влада, сега е поставен во Јоханесбург.

https://p.dw.com/p/3Ajbj
Symbolbild Arzneimittel
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Reinhardt

Батванда Мбеле ја вади својата чип-картичка од чантата и ја става во една машина која изгледа како банкомат. Но наместо банкноти таа добива лекови, односно терапија поради тоа што е ХИВ-позитивна. Мбеле вели: „Навистина сум воодушевена. Кога одев по терапија во клиниката морав да станувам рано. Бидејќи уште пред да отворат, луѓе веќе чекаа во долга редица. Со часови траеше додека конечно дојдете на ред за на крај да налетате на непријатна болничарка. Тоа чинеше и нерви и време, во кое требаше да бидам на работа или да му помагам на моето дете околу домашните задачи."

Чекањето има крај. Автоматот за лекови преку Скајп ја поврзува 25-годишната Мбеле со аптекар во кол-цента. Таму се проверуваат личните податоци и болничката анамнеза и во случај на дилема се одговараат дополнителни прашања, на пример за нуспојави од лекот и слично, а потоа се избира соодветниот лек, кој автоматот неколку минути подоцна го исфрла. По успешна фаза на пилот-проект, примената се проширува, вели претседателот на организацијата „Right 2 Care": „До денес имаме снабдено 4.800 пациенти со вкупно 18.000 лекови. Не се работи само за ХИВ-позитивни, туку и други хронично болни, кој страдаат од дијабетес, висок притисок или астма."

Deutschland BdT Rezeptsammelstelle
Рецептот во автомат, нарачката дома - во автоматите за рецепти, како овој во Најдлинген, рецептот се скенира, а потоа аптекар ги носи лековите на домашна адресаФотографија: picture-alliance/dpa/S. Gollnow

Повеќе: Фотографија на денот: Аптека-автомат

Техниката за автоматот е од Германија, софтверот и роботот од Јужноафриканската Република. Американската и германската влада финансиски го поддржаа проектот за кој велат дека досега се покажал одлично. Германскиот заменик амбасадор во Јужноафриканската Република, Клаус Штрајхер, изјави дека „мисли оти има многу малку развојни проекти кои се конципирани и се спроведуваат на ваков начин“. “Сметаме дека со ваквиот проект итно потребното снабдување на многу болни луѓе ќе биде многу поедноставно и многу посигурно во иднина."

Јужноафриканската Република има најголема стапка на заразени со ХИВ во светот, а и многу други хронично болни луѓе. Па така и очекувањата на министерката за здравство на провинцијата Гаутенг се високи. 

„Во земјата има два милиона ХИВ-позитивни луѓе, на кои им се потребни лекови кои не ги примаат”, вели Гвен Рамокгопа. „Оваа иновација може да помогне да ги снабдиме со лекови сите хронично болни кои треба да ги примаат редовно."

Пациентите како Батандва Мбеле, кои во клиниката земале соодветен чип за користење на автоматот, добиваат СМС-порака кога е дојдено времето за земање нова тура лекови. Мбеле вели: „Не морам веќе да се качувам во такси, туку може пеш да дојдам до тука. Не мора цел ден да го поминам во болница. За 15 минути до половина час ги имам моите лекови и може да си одам."

Задоволна си ја пакува месечната доза во чантата и спокојно си заминува од трговскиот центар дома.