Лекот парацетамол може да ја промени психата на пациентите
10 јануари 2022Најголем дел од средствата против болки, како ибупрофен, аспирин или парацетамол, во Германија можат да се добијат без рецепт. Парацетамол од 500 милиграми или повеќе може да се добие само на рецепт. Но, препорачаната максимална дневна доза од 4000 милиграми може лесно да се достигне и со примање поголема количество помалку дозирани таблети, за кои не е потребен рецепт.
Многумина кои на своја рака консумираат високи дози парацетамол, не се свесни за можните нуспојави и последици. Во многу домови парацетамол може да се пронајде во домашната аптека. Овој лек, освен против болки, дејствува и врз снижување на телесната температура и затоа често им се дава и на деца.
Меѓутоа, парацетамолот во никој случај не е безопасен, вели Герхард Милер-Швефе од Центарот за палијативна медицина Гепинген. „Парацетамолот може да го оштети црниот дроб, што е посебно опасно кај деца, кај кои лесно може да се пречекори допуштената дневна доза“, вели овој лекар. Според него, прекумерна доза може многу брзо да доведе и до откажување на работата на црниот дроб.
„Црниот дроб поминува низ запаление, зашто штетните состојки не можат да бидат исфрлени од организмот, што доведува до имунолошка реакција. Тоа води кон запаление на дробот и што повеќе клетки во дробот се уништени низ овој процес, состојбата станува подраматична“, истакнува Милер-Швефе.
Многумина, откако првата земена таблета парацетамол не го покажува посакуваното дејство, земаат уште една, па уште една, надевајќи се дека поголемото количество ќе помогне. Така брзо може да дојде до оптоварување и откажување на црниот дроб.
Опасност од зависност
Парацетамолот може со време да создаде и зависност. „Долго време не беше познато дека парацетамолот дејствува во централниот нервен систем, односно во мозокот и рбетниот мозок, каде лекот делува на систем кој е одговорен за контрола на болките“, објаснува Милер-Швефе.
Притоа, нашиот организам располага со различни сопствени средства против болки. Едно од нив е и ендорфин, односно морфиум кого телото самото го произведува и кој во кризни ситуации може да ја потисне болката. Парацетамолот дејствува така што преку рецепторите за болка го намалува чувството на болка.
Меѓутоа, притоа доаѓа до проследни појави кои многумина првично не ги забележуваат. „Се намалува способноста за промена на расположението. Тоа значи дека засегнатиот не реагира ни позитивно ни негативно на одредени ситуации. Засегнатите се целосно емотивно изолирани“, вели Милер-Швефе. Но, се менуваат и некои други особини: се зголемува подготвеноста за ризик, готовноста за побрзо носење одлуки.
Тоа има еволутивни корени: „Кога животот ви е во опасност и морате да бегате, силните болки можат да ве спречат во тоа. И во такви ситуации немате време да помислите дали треба да одите лево или десно, туку треба да донесете брзи одлуки“, вели овој лекар специјалист за болки.
Студии за парацетамолот
За да се продлабочат сознанијата за непознатото дејствување на парацетамолот, во изминатите години се спроведени многубројни студии, а една од нив во 2020 година на Државниот универзитет Охајо, која исто така дошла до заклучок дека парацетамолот може да дејствува врз човековата свест или да менува карактерни црти.
Група учесници во студијата кои редовно консумирале парацетамол, се однесувала многу поризично и похрабро, но истовремено и со многу помалку емпатија, со бесчувствителни и груби реакции на сметка на другите.
„Има луѓе кои парацетамол не земаат само против болки, туку и за да се изолираат, за да избегнат емотивни стресови, како позитивни, така и негатвни. Тоа за некои може да биде мотивација за редовно земање на овој лек“, вели Милер-Швефе.
Постојат алтернативи за средствата против болки
Овој искусен терапевт, специјалист за намалување болки кај пациенти во тешка здравствена положба, смета дека постојат и доволно алтернативни начини за сузбивање на некои болки. Главоболки често можат да се отклонат со целен тренинг со концентрација. Со овој тренинг пациентот може да дојде до одговор на прашањето зошто воопшто има главоболка и така поуспешно да се бори против болките.
„Земање средство против болки без многу размислување или дури и превентивно, пред спорт, е целосна бесмислица“, заклучува лекарот Милер-Швефе.