1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лекциите од холокаустот важат и денес

10 март 2011

Новата модерна градба сместена под скопското Кале е сведоштво за животот и страдањето на македонските Евреи. Во некогашното Еврејско маало е отворен Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија.

https://p.dw.com/p/10X0H
Фотографија: MIA

Лекциите од минатото никогаш да не се заборават за злото да не се повтори, рече вицепремиерот на Израел Моше Јаалон на официјалното отворање. Од име на својата држава и се заблагодари на Република Македонија за враќањето на еврејските имоти и за одлуката за изградба на Меморијалниот центар. „Почитуван претседателе, почитувани гости лекциите од холокаустот се важни и денес, како што беа и пред 70 години. Холокаустот не почна со концентрационите логори, туку со антисемитизмот и ширење на говорот на омразата по улиците. Тој не учи дека фанатичката идеологија не може да се запре со попуштање и индиферентност. Западот мора да ги научи лекциите од минатото и да покаже решителност во однос на современите закани“, кажа вториот човек на израелската Влада.

Holocaustgedenkstätte in Skopje
Вицепремиерот на Израел Моше ЈаалонФотографија: MIA

На денешен ден пред 68 години повеќе од 7000 Евреи од Македонија биле депортирани во концентрационите логори од каде никогаш не се вратиле. Денеска тие добиваат соодветен споменик. Градба која ќе одбележува, поврзува и создава нови вредности, рече македонскиот премиер Никола Груевски. „Мојот вредносен суд ми велеше дека мора да најдеме начин за да одбележиме дека овде живееле луѓе, наши сограѓани кои со нас го делеле и доброто и злото, кои чесно работеле и со своите вложувања создале имот, кој некој друг бесправно им го одзел, но без разлика на се’, тие и постхумно имаат исконско право на тој имот затоа што со мака и откажувања го создале“.

Holocaustgedenkstätte in Skopje
Македонскиот премиер Никола ГруевскиФотографија: MIA

Сеќавање на жртвите

Церемонијата на официјалното отворање почна со внесување на трите урни со пепел од жртвите во Треблинка чие вечно почивалиште ќе биде во Меморијалниот центар. Тие во поворка и со гардиска придружба беа пренесени од Музејот на Град Скопје, преку плоштадот и Камениот мост. „Во овој центар ќе ги видиме нивните лица, ќе можеме да ги спомнеме нивните имиња, да ги слушнеме нивните приказни, како и да запалиме свеќа и поставиме камен-плоча,“ рече Рабинот Ендрју Бејкер.

Entwurf Grafik Holocaust Mahnmal in Skopje
Фотографија: DW

Од 2002 година почна сериозна истражувачка работа, за секоја жртва - име по име, човек по човек, судбина по судбина, кажа претседателката на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија Лилјана Мизрахи. „Македонија е единствена земја во светот што донела закон за денационализација со посебни одредби за формирање фонд од имотите на оние кои не го преживеале погромот во нацистичките логори и немаат наследници, а чии имоти само од таа причина останале во сопственост на државата“.

Претседателот на Еврејската заедница во Македонија Бјанка Суботиќ говореше за повеќевековното присуство на Евреите на овие простори кои изградиле блиски односи со македонскиот народ воспоставувајќи заедничка историја, култура и вредности, но и делејќи иста судбина и борејќи се рамо до рамо за слободна Македонија.

Постојана изложба

Konzentrationslager Treblinka
Концентрациониот логор ТреблинкаФотографија: picture-alliance / dpa

Во Меморијалниот центар ќе има постојана изложба со подробен приказ на долгата историја на еврејскиот живот на целиот Балкан, за животот на сефардските Евреи по нивниот прогон од Шпанија во средниот век и нивниот придонес во општеството, а ќе има и сеќавање на трагичното патување во логорот на смртта Треблинка за што во едно катче од музејот е поставен еден од железничките вагони со кои биле одведени во смрт.

Отворањето го следеа претседателите на Македонија, Албанија и на Црна Гора Ѓорге Иванов, Бамир Топи и Филип Вујановиќ, пратеник од изралескиот Кнесет, верски поглавари и претставници од дипломатскиот кор.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Александра Трајковска