Либија: Меркел ја бидува за кризи
15 јануари 2020В недела на мировна конференција во Берлин би требало да се сретнат страните во конфликтот во Либија. Либија не треба да стане „втора Сирија“. Оваа мантра германската влада ја повторува со месеци. Германија исто така има свој удел во тоа што воопшто се прави ваква споредба.
Кога генералот Калифа Хафтар, отворен противник на владата на единство на либискиот премиер Фаиз ал-Сараџ, минатиот април со своите трупи наеднаш се најде пред вратите на Триполи, беше јасно: Либија е следната голема криза пред европските порти. Криза девет години по бомбардирањето од страна на НАТО и убиството на диктаторот Моамер ел-Гадафи.
Вакуумот во Либија се претвори во буре барут
Вакуумот во моќта во некогаш најбогатата со нафта земја во Африка оттогаш доведе до тоа земјата да се претвори во буре барут на регионални интереси и посреднички војни. Од уништувањето на системот Гадафи, Либија е преполна со стари и нови актери и нивните интереси за моќ. За некако да ја стабилизираат земјата, Франција, Русија, Египет, Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија, Турција, Италија и Катар во меѓувреме мораа(т) да се координираат. Во најмала рака.
Портпаролот на владата на Меркел до пред само неколку месеци не знаеше како да одговори на прашањето што ќе направи Германија за да спречи достава на оружје во Либија, која тоне во војна, а сега цел на конференцијата во Берлин би требало да биде ембарго на оружје. Тоа би требало да води од прекин на огнот до долгорочно примирје.
Двете работи би биле голема етапна победа на тивката германска дипломатија. Со оглед на растечката критика на сметка на министерот за надворешни работи Хајко Мас, тоа би бил брз доказ дека германската надворешна политика во текот на изминатите месеци, покрај апелите за деескалација во Либија, трговската војна со САД која се заканува и кризата околу Иран, сепак успеала да постигне нешто конкретно.
Дипломатски успех на Меркел
За овој успех, уште еднаш, би требало да ѝ се благодари на канцеларката Ангела Меркел. На нејзината средба со рускиот претседател Владимир Путин во Москва во саботата, таа уште еднаш покажа дека може конструктивно да соработува и со тешки противници. Од помош при интензивните напори сите да бидат донесени на една маса бил и нејзиниот телефонски разговор во неделата со египетскиот претседател Абдел Фатал ал-Сиси.
Во Берлин сите одговорни се видливо горди што можеле да отворат можен пат за излез од воениот ќорсокак во Либија, иако Германија нагласува дека е ова само почеток за политичко решение со посредство на ОН.
Меркел и овојпат докажа дека влегува во добра политичка форма во тешки кризи и пред сѐ кризи со комплексни состојби на различни интереси на многу актери. Исто како што беше случај со финансиската криза или анексијата на Крим, која барем успеа да ја префрли во процесот од Минск, Меркел покажува неверојатно чувство за она што е можно да се стори во дадените услови.
Зошто Меркел интервенира дури сега?
Тоа, меѓутоа, речиси и не може да биде утеха ако се има предвид дека канцеларката во осумте години пред најновата воена ескалација во Либија, во април 2019, едноставно не сметаше дека е нејзина задача да ги доведе на иста ЕУ-линија европските кавгаџии во Либија - Франција и Италија.
Меркел може да решава кризи како ретко кој друг. Таа можеше да спречи криза доколку ги слушаше своите дипломати и доколку имаше концепт за овој регион кој е важен за Германија и Европа. Наместо тоа - политика на решавање кризи. Се поставува прашањето дали до крајот од нејзиниот мандат, есента 2021 година, ќе има уште една конференција за регионот Сахел (Буркина Фасо, Чад, Мали, Мавретанија, Нигер).