Локални избори за голем пресврт на политичката сцена
16 октомври 2017Оценка на набљудувачите и на МВР е дека Локалните избори минаа во фер и демократска атмосфера, иако не отсуствуваа и изолирани неправилности и инциденти. Излезноста достигнала околу 60 проценти, што е помалку од изборите во 2013 година, а вкупно гласале нешто над еден милион и 70 илјади граѓани. Зоран Заев и неговата СДСМ се големи победници на изборите. Партијата успеа да направи целосен пресврт во распоредот на градоначалниците и да ја извојува првата изборна победа по пауза од 13 години. Заев порача дека завршува „ерата на локалните шерифи“ и побара од сите новоизбрани функционери да ги засукаат ракавите и да се фатат за работа. Иако најавуваше „нова ера“, Никола Груевски го доживеа најтешкиот пораз во својата политичка кариера. По серија последователни победи на сите изборни циклуси во последните 11 години, Груевски со наведната глава се пожали на изборни неправилности и најави жалби. Иако одби да одговори дали ќе поднесе оставка на партиската функција, меѓу редови, такво нешто се насетува.