1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Локалните избори како втор круг на парламентарните избори

14 октомври 2021

Перцепцијата е дека мнозинство кандидати на македонските локални избори се во натпревар на нудење проекти и идеи за трошење пари, но без идеја или проект како осиромашените граѓани да добијат пари. Пишува Арсим Зеколи.

https://p.dw.com/p/41eUA
Арсим Зеколи, автор на колумната
Арсим Зеколи, автор на колумнатаФотографија: DW/K. Blazevska

Баравме и по долго чекање добивме вистински шведски избори во Македонија. Мирни, здодевни, неинтересни избори со кандидати чии имиња едвај ги паметиме. Секако, контекстот е поинаков. Шведската изборна досадност е диктирана од благосостојбата како константа. Кај нас е досадност од убеденост дека кој и да биде, исто ти се фаќа.

Убеденоста е можеби погрешна, но перцепцијата а не фактите ја прават политиката (не)интересна. А перцепцијата е дека мнозинство кандидати се во натпревар на нудење проекти и идеи за трошење пари, но без идеја или проект како осиромашените граѓани да добијат пари. За кандидатите можеби звучат заносно оратористиките полни со метрополи, тунели, патишта, школи во кои – согласно нивниот аутистичен мајндсет – ќе купуваме среќни, ке патуваме удобно, ќе школуваме радосно, растеме безгрижно. За граѓаните оставени на милоста на реалноста, сите проекти се сведуваат на истото: да купуваме со што, бе? Да патуваме со овие ли цени на бензин? Во светот на вртоглавите суми на кандидатите, нема премногу муабет за малите денари со кои преживуваат граѓаните.

Eccola, што би рекле италијаните, причината за популарноста на Гоце ‘Вегета' Цветковски, палавиот охриѓанец кој со пропаганда од десетина евра ги распука арогантните меури на „милионски инвестициони програми” на противкандидатите, сосе распаметената новинарка. Цветковски е автентичниот лик на Заевата имитатација на бивање „човек од народот”, лишен од фондациска идеологија, олигархијски пари и опортунистичко квази-левичарство од урнекот на Заев и Апасиев. Во опкружување опседнато од проектирање илузии на способност и знаење, Цветковски е близок до народот бидејќи го претставува таков каков што е – и без причина да се срами од тоа. Од друга страна, некогашната популистичка популарност на Заев, следена од пара-политичката, симпатиите за Другарот Вегета укажуваат на трендови кои ја потврдуваат доминантната антисистемска енергија во општеството. Која колку може да биде забавна на екраните, може да биде и фатална за општеството. 

Nordmazedonien Wahlen
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B.Grdanoski

Локалните избори ги очекуваме во атмосфера и испреплетени односи поради кои тие со право може да се сметаат како втор круг на парламентарните избори од минатата година. Во македонскиот кампус, невидливиот баук кој виси над главите на двете најголеми партии е соочувањето со нус-појавите од замислената неслужбена коалиција Заев–Мицкоски во име на „македонското национално единство” договорено непосредно пред парламентарните избори. Замислена и претставена како одбрана и заштита од ДУИ и надворешните притисоци, но сепак сведена на профитерско единство на децата на црвената буржоазија и безбедњачка аристократија. Со должни нијанси на различност, договорното ривалство Заев –Мицкоски е само македонска варијанта на видената некогашна договорна кавга Ахмети – Тачи. Која траеше сѐ додека сијамското близнаштво не дегенерира во папочен спој на допелгангери кои се хранат на сметка на стравовите, параноите и сентиментите на сопствениот народ. И појавата на Беса и Алтернатива.

Повеќе од авторот:Крајот на етно-командантите и крахот на граѓанските комесари

Преведено на македонски и во македонски контекст, допелгангерот се нарекува како Курто и Мурто. Ним треба да им се заблагодариме што демонстрираното „единство” резултира со делумно автентични, делумно фингирани нови групировки и избирачки понуди, струења во самите партии и генерално негативното расположение на гласачите. Неслужбените договорки на водачите предизвикуваат неслужбени дилови помеѓу групировките, ситнејќи ја внатрешната кохезија и генерирајќи нови сојузништва кои на крај ќе се одразат и врз самите судбини на лидерите. Времето ќе покаже кој од двата македонски лидери ќе ја доживее судбината на Тачи врз меч, а кој на Ахмети врз штит. Обидите за продолжување на августовскиот пакт се разбирливи за нивните интереси, но сосема неприфатливи за постизборните процеси кои, по долго мирување, треба да започнат и финишираат со полна пареа. Заев е веќе премногу непопуларен за нив да ги истера без да предизвика масовни турбуленции. Од друга страна, ниту Мицкоски не може да се пофали со преголема популарност, но тоа е помал проблем во споредба со неговиот дискутабилен авторитет на независен и самостоен предводник.       

Во албанскиот кампус, нештата се троа покристализирани поради либеро поставеноста на ДУИ која продолжува да се храни од инаетчиската пизма на македонските и безидејниот очај на албанските партии. Сепак, во позадината на бело-зелените бои и скапите пропаганди и митинзи, ДУИ вози на празно и во лер. На бранот на инерцијата од реформите преземени во пресрет на парламентарните избори, сведени на жално-комични егзибиции на политичкиот шверцер Артан Груби. Кој со невкусни, вулгарни, адолесцентни gangsta-rap гестикулации во манир на чаирски Тупак Шаќири ја киднапира, сврти наопаку и целосно обесмили смислата на реформите и автентичната енергија на академскиот помладок на ДУИ. Неговите настапи пред збунетите и фрапирани членови на партијата (и самиот лидер Ахмети) неодоливо потсетуваат на тажните призори од изборните сцени во периодот 2006-2008 и експлоатацијата на веќе кревкиот Арбен Џафери од страна на неговиот наследник. Ахмети е очигледно – доброволно или од нужда – помирен со неговата сегашна експлоатација, рамо до рамо со актерот во главна улога и фрлен во мизансцен, кандидатот Висар Ганиу. Кој е принуден на крилјата на неговата победа да го прошверцува и непопуларниот кај гласачите и несакан од сопартијците, заменик-премиер.

Повеќе од авторот: ЕУ и Западниот Балкан: Неславен крај на германското претседавање

Состојбата во Тетово е подеднакво надежна за партиската номенклатура и тажна за самите тетовчани, сеуште во состојба на траор за изгубените сограѓани. Но не и Теута. Никогаш Теута. Нејзината победа не е гарантирана, иако е извесна како плод на меѓу-партиските дилови. Но пред сѐ благодарение на од неа (и нејзе сличните) инсталираниот погубен политички менталитет на тетовчани и гостиварчани кој е сеуште зачаурен во раздорната логика на Фрчковски од девеесетите за судирот помеѓу сељаците и урбаните. Тетово ќе продолжи и во следните четири години да биде владеен од скопските тетовчани, полни со горделиви. чаламџиски зборови за нивниот град, но од пристојна комотна дистанца на живеење во и работење за Скопје. Сепак, среде сивилото и траорот на тој град, има и една причина зошто гласањето за советот на Тетово е побитно од (однапред изгубената) пародија на градоначалништво. Една од подобрите независни листи е групацијата на млади, професионални, креативни и grasroot автохтони активисти од листата Подобро за Тетово (Me mire per Tetoven). Кои се единствените кандидати на овие избори кои ја имаат мојата подршка во освојување гласови за обезбедување убедлива и автентична контрола, отчет и притисок врз полошката Марија Антоанета.

Како што рековме, не очекува – иншала! – здодевен изборен ден по шведски-досадна кампања. И на некој начин, тоа е најдоброто што може да го очекуваме. И цениме како една превидена но есенцијално битна позитивна консеквенца на нашето членство во НАТО и чувството на безбедност. Етнички неоптоварената кампања, меѓу-партиски цивилизираното ривалство не е последица на некаков дар од небо, туку резултат на растовареноста од параноични стравови, хистерични сценарија и црни наслутувања. Како и со многу други прашања, општеството ја почувствува разликата долго пред тоа да го разбере државниот естаблишмент и партиите. Останува на нив– по пропуштената можност од минатата година – во следните месеци да ја препознаат, разберат и прифатат логиката на бивање земја членка на сојуз во кој нема место за мали, провинциски, атавистички и самопоразителни национал-единствени сојузчиња „под радарот на НАТО”. Но добро, ќе биде и тоа, Доколку не на овие локални, тогаш на следните парламентарни и претседателски избори.

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач