Замрзнати цени пред празниците - штетна или нужна мерка?
15 декември 2021Владата ја прошири листата на производи чии цени ќе бидат замрзнати во пресрет на празниците, а со цел да се ублажи ценовниот шок за граѓаните. Со најновата одлука се опфатени и цените на оризот, тестенините и јајцата, кои не смеат да поскапуваат до 31 јануари 2022 година, информираше министерот за економија, Крешник Бектеши. Со тоа ќе се прошири веќе објавената листа на производи чии цени беа замрзнати со одлука на Владата. Замрзнати беа цените на: леб, шеќер, брашно, сончогледово масло за јадење, трајно млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%, месо, сувомесни производи, сирење и урда. Ограничувањето на цените на примарните производи на слободниот пазар е поттикнато од здравствената и енергетската криза во светот како и потрошувачката моќ на граѓаните.
Мирјана Лончар – Велкова, претседателка на Организација на потрошувачите на Македонија, за ДВ вели дека ваквата мерка е неопходна и е еден од можните механизми за да не се наруши стандардот на граѓаните.
Според Лончар не станува збор за популистичка мерка, туку за нешто што требаше да се преземе и порано со оглед на порастот на цените на основните производи од 5 до 10 проценти, кој што беше евидентен изминатиот период. Таа потсетува дека Организацијата на потрошувачи во повеќе наврати изминатиов период, предлагаше токму замрзнување на цената на млекото, маслото и шеќерот.
„Ние сме задоволни од ваквата мерка на Министерството за економија, која што се случува во време на енергетска криза, во пресрет на празниците, а се воведува на краток рок, така што не гледаме дека може да има негативни последици од неа“, вели Лончар.
Замрзнувањето на цените може да биде пролонгирано
Цените се замрзнуваат на нивото на кое биле овие продукти на 1 декември годинава во трговијата на мало и на големо. Министерот Бектеши преку социјалните мрежи порача дека на одлуката е со цел да се превенираат евентуалните поскапувања на овие основни производи кои исто како и другите основни прехранбени производи масовно се користат во исхраната на населението. Од Владата најавија дека одлуката за определување највисоки цени на основни прехранбени производи, може да биде продолжена и по 31 јануари 2022 година, ако тоа и натаму го бара состојбата на пазарот.
Бизнисмените по најавите за замрзнување на цените предупредија дека тоа може да доведе до недостиг на производи и празни рафтови во продавниците. Од Агро-бизнис комората при Сојузот на стопански комори на Македонија, на прес-конференција реагираа дека одлуката за „замрзнување“ на цените на прехранбени производи може да ја продлабочи кризата во која се наоѓаат фирмите и да предизвика проблеми за граѓаните при пристап до намирници.
Лончар, пак, вели дека првиот бран на замрзнување на одредени основни продукти покажа дека тоа не се случи - ниту рафтовите се празни, ниту пак се почувствува посериозно кај производителите, со оглед на тоа дека се работи за краткорочна мерка. „Можеби мерката не соодветствува со пазарната економија, но јас изминатиов период не слушнав некој друг предлог со кој што ќе се ублажат ефектите од кризата“, вели Лончар.
И економистот Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски истражувања неодамна посочи дека нема да дојде до недостиг на производи, туку до намалување на профитите на фирмите. Според него, мерката е оправдана, па дури и задоцнета. „Мерката е оправдана, затоа што фирмите во Македонија генерално се во многу подобра состојба отколку што се граѓаните. Дури, макроекономски гледано, профитите на фирмите се поголеми од платите што граѓаните ги земаат. Македонија е една од ретките европски земји каде што е тоа така“, е ставот на Јовановиќ.
Граѓаните како контролори
Надлежните ги повикуваат граѓаните да пријават неправилности со цените на основните продукти. Доколку има драстично зголемени цени на основните прехранбени производи, тоа може да се пријави на бесплатниот телефонски број 191 на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ).
Според претседателката на Организацијата на потрошувачи, граѓаните се главни контролори за тоа како се движат цените. Тие први забележуваат дали поскапел лебот или маслото и доколку има непочитување на мерката веднаш реагираат.
Владата со одлука ги замрзна цените на основните продукти започнувајќи од 6 декември, а одлуката ќе се применува до 31 јануари. Според Државниот завод за статистика, трошоците за живот во изминатата година се зголемени за 4 проценти, а храната е поскапена за 4,6 отсто. Од Нова Година се очекува и зголемување на цената на струјата.