Лукашенко, „новиот“ пријател на Киев
6 август 2014Александар Лукашенко настапува великодушно. Белорусија, без оглед на сопствените потреби, ќе и‘ помогне на Украина да ја снабди нејзината економија со нафтени деривати, беше соопштено во понеделникот (04.08.2014) од претседателскиот кабинет во Минск. Лукашенко, во телефонски разговор со својот украински колега Петро Порошенко, ветил Белорусија да и‘ испорача гориво на Украина.
Украинскиот претседател од своја страна и‘ заблагодари на Белорусија за поддршката во преговорите за смирување на оружениот конфликт во Источна Украина. На 31 јули во „Саслави“, резиденцијата на Лукашенко кај Минск, беше одржана средба на Контакт групата, составена од претставници на Украина, Русија и Организацијата за европска безбедност и соработка, ОБСЕ. Тема беше размена на заробеници и пристап кон местото на уривање на малезискиот патнички авион, кој во средината на јули веројатно беше соборен од проруските сепаратисти. За резултатот од средбата малку се знае. Порошенко би сакал да ги продолжи советувањата, соопшти неговата прес-служба.
Добредојден гостин во Киев
Ова се најновите примери за „нежностите“ меѓу Киев и Минск. Украинскиот претседател, кој својата земја сака да ја води во правец на ЕУ, очигледно не се воздржува од контакт со Лукашенко, кој на функцијата е 20 години и кого Западот го нарекува „последниот диктатор во Европа“. На Украина се чини не и‘ пречи ни тоа што Белорусија е близок сојузник на Русија.
Од почетокот на украинската криза, Белорусија зазеде неутрална позиција. На крајот на февруари, кратко пред Русија да го анектира украинскиот полуостров Крим, Лукашенко се изјасни за зачувување на територијалниот интегритет на Украина. За разлика од Русија, тој веднаш го призна новото украинско државно раководство. На крајот на март Лукашенко дури се сретна во Минск и со привремениот претседател Олександер Турчинов, кого го увери дека Украина не треба да стравува од напад од белоруска територија, па ни руски. Лукашенко, кој на крајот на мај му честиташе на новиот украински претседател Порошенко за неговата изборна победа, беше поканет на инаугурацијата во Киев.
Помош наместо посредништво
Астрид Сам, белоруски експерт и гостин-научник на берлинската фондација Наука и политика, смета дека „пријателството“ со Украина не е „нов развој“.
„Лукашенко, и покрај одбивањето на т.н. колор-револуции, уште по 2004 година одржуваше добри контакти со тогашниот украински претседател Виктор Јушченко“, вели таа за Дојче веле. Затоа, по најновата смена на власта во Киев, Лукашенко беше замолен од украинските политичари за поддршка, вели таа.
Близината кон Украина и блиските односи со Русија од Минск прават погодно место за преговори во украинската криза. Лукашенко самиот истакнува меѓутоа дека не го сака зборот „посредство“. Тој порадо зборува за „помош“.
Киевски пријател со милост на Москва?
Москва засега молчи во однос на воочливо пријателскиот курс на Лукашенко кон новите властодршци во Киев. Набљудувачите претпоставуваат дека на овој начин Москва сака да чува отворена можност за директни контакти со Киев.
Еден од малкуте руски критичари на актуелниот развој е Роман Чудјаков од деснопопулистичката Либерално-демократска партија на Русија.
„Не сфаќа ли Лукашенко дека придонесува за уништување на украинскиот народ со тоа што му помага на Порошенко?“, праша тој во интервју за руското радио „Ехо Москва“. Тој истакна, Киев веднаш ќе наточи нафта во своите тенкови, кои ќе бидат употребени во борбите во Источна Украина. Затоа Чудјаков предложи редуцирање на испораката на нафтени деривати кон Украина. Имено, од руската сурова нафта во белоруските рафинерии се произведува енергенс кој потоа треба да и‘ биде испорачан на Украина.