Мадрид ќе ѝ ја одзема автономијата на Каталонија
19 октомври 2017Во писмо испратено до централната влада во Мадрид, каталонскиот лидер Карлес Пуџдемон единствено соопштува дека ако Мадрид и натаму го ингнорира барањето за дијалог, регионалниот парламент во Барселона може да прогласи независност.
Од владини извори во Мадрид пак се дознава дека централната влада за в сабота планира одржување вонредна седница, на која ќе се разгледува новонастанатата ситуација и ќе се донесе одлука околу идните чекори. Притоа, владата размислува околу активирање на членот 155 од Уставот, што може да води кон обезвластување на регионалната влада во Барселона.
Каталонскиот лидер Карлес Пуџдемон до денеска до 10 часот имаше рок да ја расчисти дилемата - дали регионот прогласи независност или не. Со оглед на тоа што Пуџдемон и во најновото писмено соопштение до Мадрид не дава недвосмислен одговор, на Каталонија ѝ се заканува загуба на автономниот статус. Шпанскиот устав не предвидува можност за отцепување на делови од земјата. По референдумот за независност на Каталонија, одржан на почетокот на октомври, кого централната влада не го признава, Пуџдемон не прогласи веднаш независност, туку одлуката ја стави на мраз. Поради тоа, шпанската влада од него во два наврати побара јасно да се произнесе - дали Каталонија прогласи независност или не.