Македонизмот како „хајнекен ефект“
30 ноември 2019Во кампањата за изборите во Велика Британија, што треба да се одржат на 12 декември, повеќе конзервативни аналитичари го опишуваат пристапот на лидерот на ториевците, Борис Џонсон, кон гласачите како „хајнекен ефект". Допирните точки секако се поврзани со славното пиво, и тоа со маркетиншката филозофија да се продаде продуктот на што поголем број конзументи. Повеќе од 30 години „Хајнекен“ се рекламира во Британија како пиво кое „ги освежува деловите кои другите пива не можат да ги дофатат". Во оваа политичка приказна тоа значи дека Борис Џонсон допира до електоратот каде другите конзервативци се мачат да стигнат. Џонсон е поздравуван како човек кој ја разбира модерната Британија, особено поради неговото искуство како градоначалник на мултиетничкиот Лондон. Можеби некому му изгледа незграпна оваа споредба на политиката со рекламата за познатото пиво, но токму оваа метафора последниве децении ја користеа тројца славни мислители (Збигњев Бауман, Жан Бодријар и Славој Жижек) за да ги објаснат тековите на современиот живот и да ги освежат критичките перспективи на сегашниов капитализам коишто не можат да ги достигнат другите теоретичари.
Лидерот на македонската опозиција, Христијан Мицкоски, се обидува да направи некаква, во основа, инстинктивна или потсвесна аналогија, промовирајќи го македонизмот како нова вмровска идеологија, обидувајќи се да допре онаму каде што неговите партиски претходници не успеаја да стигнат во десничарскиот, конзервативниот и националистичкиот камп. Бидејќи овој „проект“, барем засега, повеќе наликува на идеолошка флоскула отколку на разработена програма, Мицкоски само одвреме-навреме допира до рабовите на „хајнекен ефектот". Тој претпоставува дека со тоа пледоаје може да го привлече вниманието кон оние што имаат голема недоверба кон него, но очигледно е дека на ова му недостига теоретска структура за да се развие како привлечна платформа. Можеби тоа е поради недостигот на политички теоретичари во новото вмровско раководство, можеби поради политичкото неискуство на Мицкоски, можеби во претераната црна кампања против властите, можеби поради тоа што за две години откако е лидер не понуди ни приближни координати како ќе изгледа освежениот идеолошки концепт на партијата.
Обид за идеолошка рамка
Мицкоски се обидува да создаде една своја идеолошка рамка, која се бори да излезе на површината, но, парадоксално, тој самиот брзо ја турка под вода патетично повторувајќи ги истите зборови за „лажгото“ Зоран Заев, за неговото „предавство“, „неспособност“, „арамилак“, „рекетирање“. И така по сто пати на ден. Плус, неговите долги професорски експликации со бесконечни бројки и проценти за порастот на пензиите, на пример, кои нема кој да ги слуша, а новинарите немаат никаква потреба да ги пренесуваат. Тој веќе две години не знае како да го отфрли професорското од него и да се претстави како вистински политичар од крв и месо. Тука лежи еден од неговите најголеми проблеми, но како и кај многуте овдешни професори суетата за сопственото знаење (дури и непогрешивост) ја покрива вештината на политиката. Доколку успее да излезе од таа сопствена замка и да го прошири допирот со вистински политички пораки, шансите на Мицкоски да ги добие априлските избори ќе станат навистина реални.
Овие избори ќе ги покажат и идеолошките платформи на двете најголеми партии. СДСМ направи драматичен отклон од својата програма замрзнувајќи го прогресивниот данок, чекор кој ја врати партијата во 1990-тите години, а ВМРО-ДПМНЕ се’ уште се бори внатре како да ја конципира идолошката програма. Дали да се врати на технократските корени од првите години на Никола Груевски, или да им даде умерен тон на националистичко-патриотските раскалашни политики од неговите последни години. Тоа е вмровското распетие за наредните месеци.
Во средината на октомври Мицкоски во Гевгелија изјави дека ќе понудат соодветни решенија за реалните проблеми, а „не оние измислените и замислените коишто се носат во дебелите и кожни фотелји, газејќи ги дебелите персиски килими во Владата и во Брисел". Тоа наликува на она барање на Груевски по три-четири години владеење, кога побара од министрите да ги извалкаат чевлите и да ја крстарат Македонија, а не да одат во Брисел. Но со само една реченица Мицкоски влегува во конфликт не само со партијата, туку и со самиот себе. Би било налудничаво да се отфрли самата помисла дека Мицкоски не знае оти тие персиски килими беа наредени од Груевски во барокизираната зграда на Владата, кога тој таму му беше советник на поранешниот премиер и дека ништо од таму не е мрднато. Или дека Мицкоски не знае дека европските канцеларии во Брисел се нападно аскетски, дури и претерано скромни, и дека таму нема персиски килими. Или дека Мицкоски е многу свесен оти најскапите и најраскошните персиски килими тој ги гази секој ден во партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ.
Во истиот говор во Гевгелија, Мицкоски најави дека ќе сносат одговорност сите оние кои ја распродале „македонштината и Македонецот во нас". Со тоа тој го омеѓи неговиот повик до останатите граѓани, стеснувајќи го полето за допир. Десетина дена подоцна тој се обиде да ги тргне шиндрите и да го прошири полето. Во Драчево го промовираше концептот на македонизмот како основна алка која ќе ги обединувала сите граѓани на Македонија. „Ќе успееме кога нема да одиме во крајноста на антиквизацијата, истовремено нема да одиме во крајноста и на севернизацијата, туку ќе одиме право во срце. Ќе успееме со македонизмот така што ќе ја вратиме правната држава, каде што ќе нема привилигерина каста на луѓе и политичари, каде што секој којшто се огрешил пред законите и се посрамотил пред граѓаните ќе одговара без политичка интервенција. Тоа е првиот чекор за да успее македонизмот".
Борбата против корупцијата и криминалот е извонредна работа, тоа би требало да биде алфа и омега за секој овдешен политичар. Мицкоски преку тој концепт се обидува да го конципира вмровскиот „хајнекен ефект" за да може да допре до поширок круг граѓани. Но прашање е дали терминот „македонизам“ е најсреќно одбран, дали тој ги оддалечува другите граѓани кои не ја носат патетичната „македонштина“ во себе.
Влијателниот турски онлајн весник „Ахвал“ неодамна објаснувајќи ги мотивите за турската интервенција во Сирија се наврати на дилемите при распаѓањето на Отоманската Империја и каква идеологија можеше да ја обедини мултиетничката и мултирелигиозната држава. Едниот концепт беше модерен – отоманизмот, кој имаше цел да создаде нација од многуте религиозни и етнички групи. Другиот концепт беше исламизмот, а третиот турцизмот. Отоманизмот пропадна затоа што Турците не сакаа да го споделат еднаквиот статус со другите групи кои беа под нивна власт со векови. Па, така, Кемал Ататурк се сврте кон турцизмот, во кој најголемото малцинство во земјата, Курдите, останаа несреќни партнери. Кога умерениот исламизам на партијата на Ердоган пропадна со Арапската пролет во 2011 година Турција направи остар пресврт и го прифати турцизмот. Во таа коалиција се сите – и исламистите и кемалистите, под истото знаме се тврди дека курдската закана бара некаков турцизам. Воениот упад во Сирија против Курдите уште еднаш покажа дека национализмот е заедничката основа на сите турски партии, а потоа се разликите во исламот или секуларизмот.
Други колумни од авторот:
Каде отиде граѓанската десница
Оваа експликација е повеќе асоцијација отколку правец каде може да однесе една ...изам идеологија. Така, македонизмот, наместо да го прошири допирот во една етнички и религиозно мешана средина како Македонија, може да го намали. Би било наивно да се верува дека ова раководство на вмровците не е свесно какви ограничувања може да им донесе објавениот концепт, без оглед што тоа Мицкоски сака да го поврзе со владеењето на правната држава. Тоа е екстремно лизгав терен на кој може повеќе да се изгуби отколку да се добие. Внимателната дистинкција да не се одело во крајноста со антиквизацијата е кажана со половина уста, повеќе како алиби отколку како став.
ВМРО-ДПМНЕ, всушност, е во потрага по својата идеологија, која ја загуби последниве десетина година во одаите на моќта, самозадоволството и корупцијата. Пред две години, во септември 2017, на еден месец спроти локалните избори Христијан Мицкоски беше сведок на обидот на Никола Груевски да направи идеолошки нова партија. Тогаш, при промовирањето на кандидатите за градоначалници Груевски под слоганот „Новата ера почнува" најави дека ВМРО-ДПМНЕ се трансформира во граѓанска десница. Сигурно дека Мицкоски добро се сеќава на тој говор, веќе три месеци беше генерален секретар на партијата. Во основа, тоа беше добар концепт за развојот на ВМРО-ДПМНЕ.
„ВМРО-ДПМНЕ беше и народна и конзервативна партија. И ќe ги задржи овие атрибути, но денес сметаме дека треба јасно и недвосмислено да им се обратиме на сите граѓани кои ги делат нашите вредности и да се легитимираме пошироко и поедноставно како граѓанска десница. Граѓанската десница се стреми кон граѓанските вредности во политичка смисла на зборот. Граѓанската десница е отворена куќа, дом и место за сите. Граѓанската десница им се обраќа на сите... ВМРО-ДПМНЕ е против површен оптимизам или лажна надеж. Мудроста е во мерката и средината. ВМРО-ДПМНЕ е партија на десниот центар. Оттаму е потребно да се има и негува едно заедничко стојалиште за сите граѓани во Македонија, што ќе ги држи заедно за доброто на секој".
Не се ова лоши идеолошки начела. Кој учествуваше во овој обид за идеолошки коперникански пресврт на „најмакедонската“ партија до ден-денешен остана нејасно. Можеби и Мицкоски како генерален секретар. Но, сломот на локалните избори го закопа овој промодерен концепт како и никогаш да не се случил. Иако тој имаше потенцијал да ја смени целата политичка сцена во Македонија. Можеби тој не успеа затоа што изгледа не бил искрен, туку понуден како алиби потег по загубата на власта. По оставката на Груевски партијата се врати на старите патеки, каде што најдобро се снаоѓа – во „македонштината“. А никако во граѓанството и заедницата на слободни и автономни индивидуи.
Јазичните еквилибристики некогаш може да им предизвикаат големи штети на политичарите. Неодамна, во интервју за Дојче веле, на констатацијата на новинарот дека услов за членство во НАТО беше решавањето на спорот за името (што беше заклучок од самитот во Букурешт во 2008 година) Мицкоски се обиде да протурка погрешно тврдење: „Не би рекол дека тоа беше услов" – и си направи самиот себеси огромна штета трудејќи се да ги негира фактите. Така и со македонизмот – ако Македонија е составена од толку многу различни етнички и религиозни групи, мора да му даде вистински идеолошки контекст на неговиот концепт, затоа што едноставното поврзување со правната држава не е доволна. Вака, тоа личи само на патриотското флертување од кое партијата нема да извлече многу корист. Всушност, може да загуби и повеќе отколку што се надева дека ќе добие.
* * *
Македонската политика е полна со незнаење, фриволност, полуразбирање и погрешни асоцијации. Трудејќи се да преземе дел од иницијативата по владиното масивно зголемување на платите пред изборите, Христијан Мицкоски се обиде да го однесе на тенок мраз Зоран Заев со еден предлог кој тргнува врз погрешни премиси. На средбата со граѓаните во Општина Центар во средата Мицкоски го рече ова:
„Ајде да воведеме институт којшто ќе го наречеме кандидат за мандат, или кандидат за носител на мандат, како што тоа е пракса во Европа, како што тоа е пракса на веќе завршените избори за Европскиот парламент, којшто ние го нарекувавме шпицен кандидат или кандидат за носител на мандат. Тој што ќе победи има право да ја формира владата и да ја води Македонија во следните четири години. Тој што ќе изгуби да не се крие зад пратеничкиот мандат, туку веднаш да ја напушти политиката и да се соочи со одговорноста за сопствениот пораз. Тој што ќе победи е идниот премиер, а тој што ќе загуби заминува во политичката историја и треба да се соочи со одговорноста на сопствените политики, без разлика дали тоа биле опозициони политики или тоа биле владини политики".
Верниот аѓутант од вториот ред, Влатко Ѓорчев, во четвртокот во Собранието оваа иницијатива му ја постави како пратеничко прашање на премирот Заев, иако треба да се верува оти тој знае дека работите не се баш такви како што ги објасни Мицкоски.
Еве ги фактите: системот Spitzenkandidat (или водечки кандидат) беше воведен пред европските избори во 2014 година. И покрај големите отпори тој беше применет и на годинашниве европски избори. Тројцата главни кандидати од шестемина беа Манфред Вебер (кандидат на Европската народна партија), Франс Тимерманс (социјалисти) и Маргрет Вестагер (либерали). Тимерманс и Вестагер во тоа време беа клучните комесари во Европската комисија на Жан-Клод Јункер. И покрај големите загуби, ЕПП, сепак, освои најголем број пратеници во Европскиот парламент, а Вебер требаше да биде наследник на Јункер. Но тоа не се случи. Во една голема игра на моќта, уцените и зделките, победникот Вебер беше брутално тргнат настрана и на негово место беше уфрлена Урсула фон дер Лајен. Тој сега е шеф на пратеничката група на ЕПП во Европскиот парламент. Оние што изгубија – Франс Тимерманс и Маргрет Вестагер – добија далеку поважни места: тие се клучни членови и на новата Комисија. Тимерманс е прв потпретседател на Комисијата задолжен за Европскиот зелен договор и климатска акција, а Вестагер е извршен потпретседател на Комисијата, надлежна за заштита на кокуренцијата (што и досега го правеше), но со проширено портфолио за дигиталната ера и дигиталните даноци.
Процесот на Spitzenkandidat заврши трауматично за победникот Вебер, а оние што загубија, Тимерманс и Вестагер, ќе ја одредуваат европската агенда. Политиката речиси секогаш е сурова. А Мицкоски треба повеќе да прочита за исходот од овој процес пред да се расфрла со зборови дека го знае. За Влатко Ѓорчев не би можело да се каже дека не е запознат со европската разврска околу водечките кандидати, но така е кога партијата бара нешто од тебе – ќе мораш да се срамиш и од себе.