1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија веќе нема да биде даночен рај!

Костадин Делимитов
10 ноември 2017

Најавата за промена и на данокот на добивка го крена на нозе бизнисот! Стопанствениците бараат сериозни пресметки пред да се донесат непопуларни решенија.

https://p.dw.com/p/2nOOX
Skopje 2014 Makedonija
Фотографија: DW

По персоналниот, власта ќе го менува и данокот на добивка. Во опција е прогресивно да се оданочува и добивката на компаниите, но не како досега со една ставка од 10%, туку скалесто. Владиниот економски тим разгледува различни предлози за промени на т.н. рамен данок, но засега нема јасен став. Клучно е, велат, да се обезбеди фиктивно намалување на даночната основица:

„Компаниите имаат многу можности за намалување на основицата и за избегнување на т. н. повисока стапка и заради тоа прогресивниот данок на добивка не е приоритет кога се разгледуваат опциите за промена на данокот на добивка. Но, дефинитивно се размислува за промени. Не само што се размислува, туку имаме и препораки од меѓународни организации, и од стопански комори, што е можеби зачудувачки. Компаниите имаат можност да книжат услуги помеѓу поврзани субјекти по т.н. трансферни цени и на тој начин ја намалуваат даночната основица. Така што, тоа е едно горливо прашање и мора да се адресира. Имавме и мисија со ММФ во врска со ова прашање и оваа промена мора да се направи ургентно“, изјави Бранимир Јовановиќ, советник во Министерството за финансии.

Повисоко оданочување над 5 милиони евра профит?

Според информации на Дојче веле, на маса веќе биле ставени и конкретни опции. Една од нив е оданочувањето на добивката да биде по старо за оние со ќар до 5 милиони евра, односно двојно повеќе за компаниите кои остваруваат поголем профит. Од Владата официјално засега не откриваат детали околу овој план, но сепак потврдуваат дека за оваа идеја било разговарано. Се разгледуваат различни опции и сѐ уште нема дефинитивен став. Но што и да се донесе, нема да се применува пред 2019 година, вели изворот за Дојче веле.

Mazedonien Geld Denar
Фотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Стопанствениците „на два ума“

Веста дека, покрај персоналниот данок, власта подготвува и промени во данокот на добивка, го крена на нозе бизнисот. Стопанствениците се затечени, но не и посебно изненадени од ваквите најави. За дел од нив е неприфатливо да се брза со нови решенија, посебно со напуштање на политиката на рамен данок:

„Јас сум за рамен данок и крај и немам дискусија. Прогресивно оданочување само ја поттикнува даночната евазија. Во таков случај ќе има некои приходи за државата, но на долг рок ништо нема да се промени позначајно. Ова со дизелот е поисправно решение. Затоа сметам дека мора да остане рамниот данок, а да се воведат заштитни мерки со кои ќе спречиме даночна евазија. Во таа насока беа и ставовите што ги слушнавме од министерот за финансии, кој ни соопшти дека се размислува за зголемување на прагот за кој се плаќаат давачките преку воведување мерки за спречување на даночна евазија. Сите се залагаме за фер плеј и избегнување на неплаќањето данок. Но мора да има сериозна анализа и рокови за имплементација и прилагодување на бизнисот. Најавите да дојдат навреме“, коментира за Дојче веле бизнисмен од Стопанската комора на Македонија.

Дел од стопанствениците пак, ја поздравуваат идејата. Бараат засилување на мерките за даночна дисциплина, но и ставање крај на, како што велат, досегашниот неправеден начин на оданочување:

„Не е праведно да плаќаат исто некој што одвај преживува и тој што остварува милионски суми. Но каде да се постават тие граници е прашање за кое треба да се дискутира. Од каде ќе почнат да се применуваат стапките? Со она што го имаме досега само ги привилегираме најмоќните, големите компании како ЕВН, Телеком, Вип и разни други големи инвеститори кои дошле тука да имаат даночен рај. Па тие компании можат да сонуваат за вакви добивки во матичните земји, каде имаат поголем пазар и подобри позиции. Напротив, на пример Телеком е во загуба во Германија, а кај нас? Редно е да престанеме да мислиме само на некој којшто дошол овде да ќарува, а и од рамниот данок не видовме ништо позначајно, буквално станавме слуги, не видовме некоја инвестиција, доаѓаат си заминуваат и ќарот си го носат надвор“, коментира Мендерес Кучи, бизнисмен од Стопанската комора на Северозападна  Македонија.

Die Fabrik Jugohrom bei Tetovo Mazedonien.
Фотографија: DW/S. Toevski

Рамниот данок - адут на ВМРО-ДПМНЕ

Политиката на рамен данок беше клучна во економската стратегија на владата на ВМРО-ДПМНЕ. Ваквата стратегија беше една од причините за високото рангирање на земјата во меѓународните извештаи како оние од типот на „Дуинг бизнис" на Светска банка. Но, од друга страна, таа беше предмет и на сериозни критики - дека служи за популизам од типот „сите сме еднакви“, што во реалноста е далеку поинаку. Рамниот данок беше клучна алатка на минатата власт за привлекување на странските инвеститори. Редица компании ја искористија оваа можност и дојдоа во Македонија, но во меѓувреме се откри дека оваа поволност била само дел од колачот привилегии кои ги добивале од страна на државата.

Наместо даноците се удри по акцизата

Во предизборната програма на СДСМ немаше ништо околу промена во делот на данокот на доход. Клучниот адут на социјалдемократите беше прогресивниот персонален данок, кој требаше да обезбеди правична распределба. Но неговата примена е одложена за 2019 година. Наспроти ова, власта се реши да интервенира во акцизата на нафтата, која фиксно ја зголеми за 3,54 денари со вкалкулиран данок на додадена вредност. Оваа мерка стапува во сила од 1 јануари како клучна новина во буџетот за наредната година, кој доцна синоќа доби виза од Владата.