1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Македонија веќе сега е успешна економска приказна“

Зоран Арбутина
27 септември 2018

Германските стопанственици се надеваат дека Македонија ќе го продолжи својот пат кон ЕУ, што е претпоставка за натамошен економски развој. Тоа би било позитивно како за македонската така и за германската економија.

https://p.dw.com/p/35YeR
Mazedonien Dräxlmaier-Werk in Kavadarci
Фотографија: Dräxlmaier Group

Михаел Хармс е германски економски експерт и извршен директор на Здружението на германското стопанство за источна Европа и во таа функција е еден од организаторите на дводневната економска конференција „Западен Балкан 2030- Визии. Желби. Реалност“ која вчера започна во Белград. Во интервју за Дојче Веле тој покрај анализата на економската ситуација во земјите од Западен Балкан се осврнува и на можното влијание на актуелните политички текови врз стопанството во регионот, како на пример претстојниот референдум во Македонија.

ДВ: За неколку дена во Македонија ќе се одржи референдум за промена на името на земјата. Доколку овој спор се реши, како тоа ќе се одрази на економскиот развој на земјата?

Михаел Хармс: Македонија веќе сега е една успешна економска приказна. Германската економија таму веќе многу инвестираше, и постои интензивна трговска размена. Но, претпоставката за понатамошен развој е Македонија да го продолжи својот пат во Европа, а спорот околу името постојано е голема пречка. Ние силно се надеваме дека овој проблем ќе се реши. Тоа би го ослободило патот, и би било многу позитивно за Македонија и за германската економија.

Повеќе: 

-Германската економија во поддршка на Македонија

-Германски стопанственици: Правната несигурност е лоша порака за бизнисот

Како Вие ја проценувате сегашната состојба на економските односи меѓу Германија и земјите од западен Балкан?

Тоа е регион на т.н. скриени фаворити. Последните години обемот на трговската размена со овие земји се удвои и овие односи имаат многу добра динамика. Но, тоа се' уште не е доволно. Причината е тоа што овие земји, иако, брзо се развиваат, поаѓаат од едно многу ниско ниво. Освен тоа тука станува збор главно за мали и фрагментирани пазари. Поради тоа регионалната соработка е многу важна. Но, германските фирми не само што тргувааат со овој регион, туку и инвестираат. Со шест земји од западен Балкан годишната трговска размена изнесува околу 10 милијарди евра. Истовремено во Србија создадовме 40.000 нови работни места, а на пример во Македонија околу 20.000. Сѐ на сѐ можеме да бидеме задоволни од развојот.

Michael Harms Interview
Михаел ХармсФотографија: DW/E. Nikolaeva

Што очекуваат германските фирми од овој ангажман?

Претприемачите секогаш очекуваат финансиска корист, сакаат да заработат пари. А тоа е можно во овие земји. Проблем е тоа што пазарите во регионот се мали. Поради тоа не се исплатува да се инвестира во производство само за тој пазар. Поголемиот број од производите се наменети за германскиот, европскиот или за светскиот пазар. Но, работниците се квалификувани, работната сила е релативно евтина, постои добра логистика со Европа, а постои и европска политичка перспектива. Тука е направен голем напредок кога станува збор за начелата за правна држава и за стабилни рамки кај условите за работење, иако тука сѐ уште има и проблеми. Освен тоа постои и друга традиција за соработката со Германија, многу луѓе го зборуваат германскиот јазик. Тоа се важни предности.

Каква е притоа улогата на темите како слободни медиуми, или човекови односно работнички права?

Фирмите во принцип се неполитични. За претприемачите е најважно да имаат стабилна и сигурна рамка за работење. Демократските текови се меѓутоа дел од тоа. Ако нема на пример транспарентно, сигурно и некорумпирано правосудство, тоа влијае и на рамковните услови за работење. Поради тоа сите фирми се заинтересирани за тоа да се почитуваат и да се применуваат критериумите на Европска унија. Тоа се критериумите кои сите овие земји, кои тежнеат кон ЕУ, сакаат да ги почитуваат и ние тоа секако го поддржуваме.

Што очекувате од иднината?

Оваа регионална економска конференција и се одржува со посебно тежиште на прашањето, како Западен Балкан би можел да изгледа во 2030 година. Ние пред сѐ се надеваме дека патот кон Европа ќе продолжи и оти овие земји ќе бидат дел од ЕУ. Се надевме дека и политички ќе се стабилизраат, и оти конфликтите од минатото нема повторно да излезат на површина, туку дека ќе бидат решени. Се надеваме оти населението во овие земји ќе може да живее во слобода и во просперитет. Јас во секој случај сум многу оптимист.