Политика на бојкот и лажната надеж
20 јануари 2021Не знам за вас, но некако мене ми се чини дека бојкотот и лажната надеж се основниот двигател на политиката на ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Еден пријател на шега ми вели: доколку Мицкоски беше лидер на историското ВМРО, се плашам дека денес во учебниците ќе учевме дека комитите го бојкотирале турскиот аскер и така се бореле за слобода и правдини.
Шега на страна, првата стратешка грешка која ја направи ова раководство на ВМРО беше токму бојкотот на референдумот. Тоа беше првата голема политичка одлука која ја донесе Мицкоски, со која одлука направи крупна стратешка грешка заради која се' уште ВМРО ја плаќа цената и седи во опозиција без изгледи да го промени овој губитнички статус. Одлуката за бојкот беше објаснета како обид за спас на името на државата од предавниците од СДСМ кои сакаат да го продадат името и со тоа да ни ја уништат државата. Ги уверуваа сите партиски членови дека ВМРО ќе го спаси името со бојкот на референдумот, а не со гласање против. Секој што сакаше да излезе на референдумот и да гласа против промената на името го прогласија за предавник, а патриот, според нив, беше секој оној кој го бојкотираше референдумот. Референдумот го бојкотираа, името се смени. СДСМ ги продаде и предаде националните интереси, не' убедуваа. Народот ова никогаш нема да им го прости, ни велеа. Ни даваа надеж дека брзо и убедливо ВМРО ќе го прегази СДСМ. Па после такво предавство кој би гласал за СДСМ! Ни велеа дека секој оној кој бојкотирал и не излегол на гласање е против СДСМ и дека ВМРО тоа ќе го капитализира на првите наредни избори за претседател на државата. Ни велеа, жена ќе биде, маж испадна. Политиката на бојкот доживеа фијаско. Државата го промени името, кое ВМРО храбро го бранеше со бојкот, а СДСМ убедливо си победи на претседателските избори. Излезе дека и покрај промената на името, сепак мнозинството граѓани ја дадоа довербата на СДСМ.
-претходни колумни: Последниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ?
Ние, кои во тоа време се спротивставивме на бојкотот како тотално недемократско и неефикасно решение, бевме прогласени за предавници. Замислете доколку ВМРО во тоа време ме послушаше, па наместо бојкот, одлучеше да ги повика граѓаните да гласаат против или воздржано (протестно гласање) и капитализираше 450-500 илјади гласови. Што мислите, кој ќе победеше на следните претседателски избори? Маж ќе беше или жена? Ако наместо бегање од соочување, кукавичлук и/или слабост што во превод значи бојкот, ВМРО тогаш ги поведеше масите, што мислите дали ВМРО ќе победеше на следните претседателски избори, а потоа и на парламентарните? Јас сум сигурен дека ќе победеше. Уште пак ако вака излезеше, СДСМ да го реши деценискиот спор со Грција и да влеземе во НАТО, ВМРО ќе си имаше чист мандат да покаже колку е подобро од СДСМ во делот на економија, проекти, намалување на невработеност, здравство, образование, а притоа секогаш да може да го обвинува СДСМ дека тие го смениле името. Вака што добивме? Ем името сменето, ем СДСМ на власт, а ВМРО во опозиција. Бојкотот се покажа како самоубиствено оружје, црешово топче кое експлодира во раце на оние кои го користеа и сакаа да го употребат против другите. Да потсетам, ова беше вторпат ВМРО да бојкотира, првиот пат тоа беа изборите во 1994 година, кога со бојкотот им овозможи на СДСМ да ја девастираат економијата, да се уништат и обезвреднат општествените претпријатија за да се овозможи потоа на нивните пулени да си ги приватизираат по багателни цени. Лекцијата од тогаш не беше научена, грешката беше повторена. Овојпат, со бојкотот ВМРО ги доурниса односите со меѓународната заедница, си го доуништи коалицискиот потенцијал, не го спречи менувањето на името и не успеа да си ги поврати стандардните 450.000 гласови. Катастрофална стратешка грешка, со многу лоши, долгорочни последици.
Лажна надеж
Потоа, кога немаше што да се бојкотира, ова раководство ја замени стратегијата на бојкот со стратегија на давање на лажна надеж. Влеваа лажна надеж дека ќе го вратат името. Се надеваа дека луѓето ќе им поверуваат и дека ќе успеат на оваа основа да го победат СДСМ. Нормално, граѓаните се веќе прилично изверзирани и лесно можат да препознаат кога некој фолира. Секој нормален си го постави прашањето - ако сакаа да не се промени името, зошто тогаш не нé повикаа да гласаме против? Се гледаше од авион дека надежта која Мицкоски се обидуваше да им ја даде на граѓаните е всушност лажна надеж. Ова кулминираше со предизборниот став дека доколку ВМРО освои двотретинско мнозинство во парламентот, ќе го врати уставното име. Оваа лага беше уште полесно да се разобличи од граѓаните, бидејќи секому му беше јасно дека шансите една партија, која и да е таа, да освои двотретинско мнозинство во парламентот е еднаква на НУЛА. Ова давање на лажна надеж во комбинација со повторната закана за бојкот, овојпат на парламентарните избори, ја закотви ВМРО на околу триста илјади гласови. Мицкоски и овојпат не успеа да ги убеди оние 150.000 неопределени гласачи кои во последните 6 изборни циклуси се определуваа кон ВМРО, да го дадат својот глас за ВМРО.
-претходни колумни: Надувано его
Десноориентираното не-партиско гласачко тело не му верува на Мицкоски. Не верува ниту во бојкот ниту во лажна надеж. Не верува во деструкција и постојана гола критика без понуда на решение. Едноставно Мицкоски не е опција за овие 150.000 наши граѓани кои во 6-те изборни циклуси од 2008-2016 година цврсто го подржуваа ВМРО. Овие 150.000 граѓани или гласачи, ВМРО не ги загуби дури ни во 2016 година кога беше соочено со далеку посложена изборна и политичка ситуација.
Дека бојкотот не е решение се покажа и на последните локални избори во Штип, кога бојкотот повторно му донесе пораз на ВМРО. Не само што СДСМ победи, туку и ја зголеми предноста пред ВМРО во Штип за дополнителни 1600 гласови. Зарем заборавивме дека и СДСМ кога бојкотираше губеше!
Сега гледам се најавува и бојкот на пописот?! Ако навистина Мицкоски е сигурен дека пописот ќе се лажира на штета на македонските национални интереси, тогаш треба да се бори тоа да го спречи, а не повторно храбро да бојкотира. Ако не знае како, нека праша, има луѓе што знаат.
Идеи наместо деструкција
Оваа ретроспектива на бојкотирањето и влевање лажна надеж ја направив за да може да се види како политичкиот аматеризам, немањето на визија или заматеност на умот од гнев и желба за одмазда води кон погрешна политичка проценка, лоши одлуки и пораз. Бојкотот, лажната надеж и деструкцијата водат кон пораз, а не кон победа.
Еве, на крај од оваа колумна, ќе ви дадам и еден совет. Не ја блокирајте работата на парламентот. Тоа е деструкција. Деструкцијата, бојкотот и лажната надеж водат кон пораз. Наместо блокирање на работата на парламентот со илјадници амандмани и оневозможување на кворум, ви предлагам затрупување на парламентот со предлог закони кои ќе донесат подобро за граѓаните. Има толку многу проблеми во државата за кои треба да се најде некое квалитетно законско решение. Ајде, обидете се наместо со деструкција и бојкот да се соочите со политичкиот непријател со предлози, проекти и квалитетни законски решенија. Граѓаните тоа го очекуваат од нас, а не да бегаме од седници, да блокираме улици или институции, бојкотираме, малтретираме. Покажете дека сте поквалитетни, дека не сте исти, дека имате визија, работна етика и енергија. Еве, на пример, поднесете закон за времено укинување на државното финансирање на политичките партии и пренаменете ги тие милиони евра за партиски раскош во помош на секторот угостителство и туризам кој е еден од најпогодените од пандемијата. Или пак предложете закон за екологија кој ќе ја намали загаденоста на воздухот за 50% наредната година. Или пак закон за забрана за непотистички вработувања и избор во звање на факултетите, па да не може некои професори децата да си ги вработуваат како асистенти. Упс, ова последното не ни одговара, не мора, бриши го. Но другото може. Јас така би направил и би победилe. И ве молам доста со дипломатските офанзиви на Будимпешта па Љубљана, па на Љубљана па Будимпешта. Тоа се стари пријатели. Ајде раширете, па обидете се малце во Берлин, Париз, Лондон, Вашингтон, Софија, Атина.
Еден мудар борец рекол: Грешките се секогаш простливи доколку имаш храброст да ги признаеш. Јас би додал: и поправиш.