1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија го повикува Иванов да се разбуди

Катерина Блажевска24 април 2016

Ако претседателот гледа дека целта поради која ја донел одлуката за аболиција предизвикала тотален контраефект, што чека? Колку правни експерти треба да му кажат дека единственото решение е - да ја поништи одлуката!

https://p.dw.com/p/1Ibd6
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Поминаа 12 дена откако претседателот Ѓорге Иванов самоуверено им соопшти на граѓаните дека неговата одлука за „општ прекин на сите постапки меѓу политичарите и нивните соработници“, ќе значи крај на кризата. Одлуката ја објасни како крупен чекор кон меѓусебно помирување, за нормална демократска борба врз натпревар на идеи и резултати, и за придвижување на земјата кон реформи и реализација на стратегиските планови за влез во НАТО и ЕУ.

Дванаесет дена подоцна, се‘ што се случува во земјата е дијаметрално спротивно на неговите порценки и анализи. Кризата доживува кулминација, масовни протести ја тресат земјата, меѓународната заедница го повикува да ја повлече одлуката која ја убива правната држава, а наместо отворање на шансите за влез во европското семејство, се повеќе се навестуваат остри меѓународни санкции.

Што прави претседателот додека Македонија добива место во ударните вести во светот, освен што праќа разни протоколарни честитки за празници? Има ли интернет и тв-сигнал во резиденцијата на Водно или е во прекин оптичкиот кабел, па се што се случува му изгледа како „оптичка варка“? Ако Иванов гледа дека целта заради која ја донел одлуката предизвикала тотален контраефект, прашањето е што чека? Колку правни експерти треба да му кажат дека единствено решение е - да ја поништи одлуката!

Што уште треба да се случи, за да види од Водно дека ниту се случи национално помирување, ниту престана „Македонецот да оди против Македонецот“, како што беседеше Иванов. Благодарение на неговата партиска база, тој раздор стана максимално потенциран со контрапротестите. Учесници во нив станаа илјадници партиски капарисани Македончиња, мобилизирани преку смс-порачиња, заведени во списочиња, нахранети со сендвичиња, сместени во автобусчиња и ставени во партиски погончиња. Од сите тие партиски покорени Македончиња, со наведнати главчиња, се очекуваше да го сторат невозможното: да ја разбијат комплексноста на сите овие деминутивчиња, и да создадат привид дека се рефлексија на неговиот антипод - на аугментативот. Дека се Македончишта, храбри борчишта, непоколебливи мажишта и други партиско-мачоистички етикетишта, во одбрана на неодбранливото.

Таа тажна и поразителна слика на колонизирање на интегритетот на граѓаните, Иванов не ја запре, туку ја поттикна. Прво, преку тв-интервју на 14.04., потоа на 15.04 преку јавно обраќање во кое објасни дека останува на истата одлука, и конечно на 21.04. кога соопшти дека се консултира со правни експерти, но дека не и изнајден правен основ за повлекување на одлуката.
Не е јасно дали Иванов бесполезно врти нови кругови, за да се покаже дека не „паднал“ веднаш, туку по долга витешка битка, или тоа е само оправдување за да не го стори она што демократската јавност го очекува од него. Со ваквите одлагања, претседателот исцртува многу опасна тракторија за Македонија. Лично тој, уште на 15.04. изјави дека „безбедносните институции се парализирани со нарушен систем на команда и висок е ризикот да не можат да одговорат на заканите со кои се соочуваме“ и дека „Специјалното обвинителство има потреба од време за квалитетно вршење на истраги“.
Седум дена подоцна во МВР е извршен пуч. Директори и началници на клучни организациски единици му откажаа послушност на министерот, а вчера ДПМНЕ по којзнае кој пат се обиде да го убие СЈО, од позиција на прек партиски суд, типичен за некои минати времиња.

Нормално ли е во ваква ситуација, Иванов да се шета низ резиденцијата во пењоар и влечки, и да не чувства ни трошка грижа за состојбата во која ја вовлече државата, со оглед дека досега не презеде ништо во насока за елиминирање на причините што ги зовреа тензиите?
„Свесен сум за одговорноста која ја презедов“, рече Иванов пред 12 дена. Досега не не‘ увери дека таа свест ја имал, ниту дека во меѓувреме барем малку се разбудила. Ваквата претседателска хибернација во клучни моменти за земјата, е најстрашното нешто што може да и‘ го приреди еден претседател. Единственото нешто што се потврди во македонската реалност, е ставот на италијанскиот филозоф, Антонио Грамши, кој Иванов го цитираше во колективното тв-интервју.

„Во времето (меѓупериодот) додека стариот свет умира, а новиот се уште не се родил, владеат монструми“.

Со ова Иванов најточно го опиша периодот во кој живееме. Време на монструозни ирационални одлуки, правен неред и несигурност и систематско потсмевање на владеењето на правото во корист на воведениот систем за манипулации, кое завршува во заокружување на состојба на политичко и правно варварство. Сето тоа истовремено е аранжирано со ширење приказни за меѓународни заговори за Македонија, за инволвираност на странски служби и туѓи игри. Со такво политичко гатање врз кристалната - геополитичка кугла, Иванов влезе во јавно-приватно партнерство со неограничниот политички дилентантизам, во параполитички постапки и во злоупотреба на неговите уставни и законски надлежности.

Сега, кога песочниот часовник на Македонија неповратно истекува, тој е пред голема одговорност и веќе нема време за тактизирање. Ако е барем малку свесен за функцијата што ја извршува, мора да ја најде рецептурата за поништување на аболицијата, на истиот начин како што ја нашол кога ја донел одлуката. Се надевам дека губењето време не се должи на стравувањата дали и на кого ќе му падне „круната“ ако одлуката биде повлечена, па сега се бара некој „неутрален“ виновник за неа, во ликот на кабинетски или правен советник. Ако одлуката биде повлечена, тоа нема да биде важно.

Ова се последни денови кога претседателот мора да се одлучи во корист на иднината на Македонија, за да не се случи санкциите да бидат побрзи од него. Жално е што во досегашниот мандат тој ниту еднаш не се охрабри да излезе од партиско-гасеничната чаура и да сведочи на моментот кога гасеницата се претвора во пеперутка. Тој негов избор, истовремено е и неговиот најголем таксират. Но, тоа не значи оти има право лимитите што ги прифатил во практикувањето на неговата функција, да ги наметнува и во функционирањето и развојот на земјата. Ни по лична, ни по партиска волја, а најмалку по службена должност, Иванов нема право да и ги сече крилјата на Македонија. Тоа е огромно злосторство, за чија казна ни е предвидена, ниту некогаш ќе биде можна аболиција.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема