Македонија е земја на сигурно потекло!
19 септември 2014Во последен момент, благодарение на попуштањето на Зелените од Баден Виртемберг, во Бундесратот е усвоена регулативата која уште од пред годишните одмори беше визирана од Бундестагот, а со која Македонија, Србија и Босна и Херцеговина се класифицирани во групата „земји на сигурно потекло“! Ова е мерка со која Германија преку заострување на законот за азил сака да се одбрани од барателите од Западен Балкан. Ова конкретно значи дека шансите за добивање азил на барателите од регионот стануваат минимални, а постапките максимално се скусуваат, со што се намалуваат и трошоците и финансиското оптоварување на општините. Донесувањето на регулативата беше спорно поради спротивставувањето на претставниците на партијата на Сојузот 90 Зелени во Бундесратот, кои сметаат дека во земјите од Западен Балкан има дискриминација и прогонување на малцинството Роми, кои иако не се никаде евидентирани, се главните баратели на азил во Германија.
Премиеррот на покраината Баден Виртемберг Винфрид Кречман (Зелени) чиј глас беше решавачки за да се донесе Законот, бранејќи ја својата одлука пред делегатите на покраините кажа дека целта на Законот била да се постигнат „суштински подобрувања за бегалците“.
Емили Хабер, државен секретар во Министерството за внатрешни работи реформите во законската регулатива за азил ги образложи со потребата да се сопре порастот на барања за азил, чија стапка на одбивање е многу висока и е резултат на визната либерализација на земјите од регионот. Зашто како подвлече „нема никакви политички прогонувања“. Таа потсети дека и ваквата класификација за сигурни земји на потекло во кои се „преместени“ државите од Западен Балкан веќе функционира во другите земји на ЕУ.
Подобрувањето на регулативата се однесува на укинувањето на обврската за задолжителен престој, односно барањето барателите на азил да не го напуштаат местотот каде се регистрирани. Сега овој престој е со рок од 4 месеци. Едновремено по 15 месеци ќе отпадне и досега применуваната клаузула за приоритет при вработувањата со која пред барателите на азил секогаш предност за добивање работа имале германските и државјаните на ЕУ. Со тоа место надомест од државата, барателите на азил ќе имаат можност самите да заработуват и да не се товар на општините и германските даночни обврзници.
Според податоците на Службата за миграција во текот на септември азил побарале 814 македонски државјани или вкупно 5.425 во осумте месеци од годинава со што Македонија е на шестото место по Сирија, Србија, Еритреа, Авганистан и Ирак.
За време на заседанието пред зградата на Бундесратот протестираа стотина лица .