1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија: етнополитика наспроти мултиетничност

БГ
16 јануари 2017

Швајцарскиот Ноје Цирхер Цајтунг во анализа посветена на Македонија предупредува дека етнонационализмот се заканува да им стави крај на придобивките на Шарената револуција и обидот да се изгради мултиетничко општество

https://p.dw.com/p/2VqdD
Mazedonien Protest der albanischen Minderheit BESA
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

„Дали е можноста веќе пропуштена?“, прашува НЦЦ во воведот на текстот под наслов „Нема крај на етнополитиката во Македонија“. Во него се критикуваат партиите на Албанците кои бараат своите „заштитници“ во Тирана, но и посредувањето на албанскиот премиер Еди Рама, чија политика весникот ја споредува со онаа на Белград и Загреб кон своите сонародници во Босна и Херцеговина.

„Неколку месеци се чинеше дека Македонија ќе успее барем делумно да се ослободи од длабоко вкоренетата етнополитика. Но преговорите за формирање нова влада се закануваат да стават крај на таа надеж.Етничките албански партии се обврзаа на заедничка платформа. Етничката припадност треба да остане главна политичка категорија.

Мобилизацијата пред изборите покажа еден нов тренд. Се говореше за право, правда и морал на кои граѓаните, сеедно дали се Македонци или Албанци, имаат право. Многумина поинаку го претставуваа политичкиот пејзаж: без хоризонтална поделба на една македонска и една албанска сфера, туку поделба на владејачка класа горе и граѓани долу. За благостостојбата беше одлучувачки дали е некој клиент на политичките елити или не.

Предуслов за новата конфигурација е длабоката криза на системот. Двете владејачки партии- националконзервативната ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот коалициски партнер ДУИ- речиси десет години делуваа недостижни. Ги контролираа економијата, судството и медиумите и победуваа на сите избори. Фрустрациите на многу граѓани поради ароганцијата на власта и одвај забележливото подобрување на стандардот добија на сила пред две години, откако беше откриен големиот скандал со прислушкувањето. 

Edi Rama
Политичарите како Еди Рама се обидуваат да се постават како „заштитници“ на нацијата, пишува НЦЦФотографија: Getty Images/AFP/D. Dilkoff

(...)Протестите против власта беа мултиетнички. За првпат во историјата на независна Македонија се изградија движења во кои Македонците и Албанците заеднички се бореа против владејачката елита. Предвремените избори доведоа до една мала сензација. Се очекуваше владејачките партии да имаат загуби, но за првпат голем број албански гласачи го дадоа гласот за македонската СДСМ, а не за ДУИ- нивните „застапници“ во владата.
Но, одлучувачкиот збор сега го имаат албанските партии. Обидот, оваа позиција да се искористи, и со еден удар да се решат сите проблеми на албанската заедница, е голем. Но со тоа, ветувачкиот експеримент за една заедничка не-етничка политика би можел да дојде до брз крај.

Албанскиот премиер Еди Рама беше тој кој, на почетокот на јануари, ја иницираше етнополитичката солидарност.

(...) Станува збор за една проблематична традиција на Балканот, малцинствата да бараат поддршка од „татковината“, а таа пак да се поставува како сила заштитничка на своите „сонародници“ надвор од своите граници. Од истите причини и босанските Срби и Хрвати бараат заштита од Белград и од Загреб. Но со тоа го поткопуваат слабиот легитимитет на овие мултиетнички држави и сопствената улога како граѓани на тие држави. За политичарите од татковините таквото мешање е добрејдојдено, за себеси да се постават како заштитници на нацијата“, пишува Ноје Цирхер Цајтунг.