1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија - земјата за која е загрижен Балкан

ЖА
7 септември 2017

Македонија беше проблематичното дете на Балкан, сега новата влада сака да ја демократизира земјата. Гигантска задача, постојано торпедирана од соседот, Грција, пишува германски Шпигел.

https://p.dw.com/p/2jXGU
Mazedonien Zentrum von Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Во подолгиот текст авторот Кено Ферзек во Шпигел ја анализира најновата ситуација во Македонија по државната криза:

„До неодамна Македонија беше кризна држава. Под водството на премиерот Никола Груевски, кој ја контролираше од 2006. до пролетта годинава, Македонија се лизгаше во авторитарност и национализам. Изборни измами, корупциски афери и режирани етнички конфликти меѓу Македонците и албанското малцинство во изминатите три години, во земјата доведоа до тешка државна криза и повеќекратни насилни конфликти. Новата влада е на власт од пред сто дена... Таа се обидува со брзо темпо да ја реформира земјата“, констатира Шпигел, пренесувајќи ги зборовите од интервјуто со шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров: 

„Очекувањата и надежите на македонското општество се многу високи. Успеавме да обезбедиме втора шанса за Македонија за изградба на вистинска европска демократија. Мораме да ја искористиме историската прилика. “

Шпигел потсетува дека тој со недели патува низ Европа и кај колегите-дипломати агитира за поддршка, меѓу другото и во Берлин.

„Таа на Македонија ѝ е исклучително неопходна, зашто владата на премиерот Зоран Заев се наоѓа пред екстремно тешка мисија. Таа мора да ги реши кнфликтите со соседите; итните проблеми и барања на албанското малцинство; да се справи со нападите на македонските националисти; да најде излез од економската и социјалната мизерија на земјата.“

Притоа, маневарскиот простор е мал, ги пренесува Шпигел зборовите на публицистот Сашо Ордановски:

„Во прашање вистински е успех или пораз. Неуспех на Македонија би бил сигнал за пресврт во целиот регион, сигнал кој би ги зајакнал насекаде антидемократските, националистички сили...“

Најчувствителен проблем за Македонија е деценискиот конфликт со соседите, посебно со Грција, пишува Шпигел, потсетувајќи на историјатот на спорот за името и истакнувајќи дека новата влада презема иницијативи за негово решавање и прием во НАТО под привремената референца ПЈРМ, иако досега без голем успех.

„Не сакаме нова рунда префрлување на вината, вели македонскиот министер Димитров, но мора да смееме да бидеме она што сме - Македонци. Не бараме ништо што не ни припаѓа, но не смее да се очекува од нас да се откажеме од нашата душа и гордост...

Но, политикологот Јоанис Армаколас од Универзитетот Македонија во Солун не верува во скоро решавање на конфликтот, јавноста во двете земји уште не е спремна за прифаќање на 'болен компромис' за двете страни, зашто:

'Во Македонија грчката позиција долго време служеше како изговор за сите тешкотии,  но првенствено, кај грчката јавност не постои желба за разбирање на позицијата на соседот на Балкан', “ пишува Шпигел.