1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија и натаму „делумно слободна“ според Фридом Хаус

БГ
31 јануари 2017

Македонија и годинава останува со речиси истата оценка како и лани во извештајот за Слободата во светот во 2017 на организацијата Фридом Хаус.

https://p.dw.com/p/2Wioh
Logo Freedom House

Откако во минатогодишниот извештај беше апострофирана како пример за тонењето на демократските стандарди во Европа, годинава Македонија „мирува“ на листата на Фридом Хаус. Земјата и натаму има статус на „делумно слободна“ земја со ниска оценка за политичките права и уште послаба за граѓанските слободи. Во делот на слободата на медиумите останува оценката „неслободна“ која ја доби уште минатата година, со што е една од ретките во Европа, во друштво на Турција и Русија.

Поединечните извештаи за сите земји сѐ уште не се објавени од Фридом Хаус, а во заедничката оценка за земјите од Балканот се наведува дека тамошните политички моќници и натаму ги кршат демократските процедури.
„На Балканот се случи понатамошно влошување на процесите за фер избори и владеење на правото, откако ЕУ ја запостави својата улога на промотор на демократијата меѓу потенцијалните земји-членки. За разлика од минатото кога можеби постоеше придржување до нормите на ЕУ, лидерите во БиХ, Србија, Црна Гора и Македонија ги напаѓаа критичарите од цивилното општество, ги опструираа истрагите за малверзациите на владите, и ги игнорираа уставните процедури, дури и во ситуации кога траеја преговорите за влез во ЕУ, во најголем дел непречено.
Набљудувачите изразуваат загриженост дека напредокот кон демократските стандарди е заменет со отровна мешавина од национализам, корупција, дисфункционално владеење и мешање на Русија“, наведува Фридом Хаус.

Македонија, во минатогодишниот извештај на Фридом Хаус се најде на европското дно. Во извештајот беше нотирано назадување во шест категории: демократско владеење, изборен процес, независни медиуми, правна рамка и независност, корупција и демократски рејтинг. Во седмата категорија - граѓанско општество, тогаш беше забележано мало подобрување.