1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија мора што поскоро во НАТО-опасни ветрови од север

27 јули 2018

Идеите за размена на територии меѓу Србија и Косово отвораат опасност од домино-ефект во регионот. Македонија не треба да „спие“, туку што поскоро да стане членка на НАТО, предупредуваат аналитичари и дипломати

https://p.dw.com/p/32AnP
NATO Gipfel in Brüssel Mazedonien Einladung zu Beitrittsgesprächen
Македонија прими покана за почеток на преговори со НАТО: Јенс Столтенберг и Зоран ЗаевФотографија: Reuters/D. Zammit Lupi

Македонија мора да отвори четири очи и не да ги преспие процесите што се заговараат во соседството. Ова е пораката од аналитичари и дипломати, по интервјуто на српскиот претседател Александар Вучиќ за хрватскиот неделник „Глобус“, во кое навестува идеи за „враќање“ на територии. Дали воскреснуваат старите идеи, според кои, северно Косово, кое е мнозински населено со Срби да се спои со Србија, а српскиот град Прешево и неговата околина со мнозинско албанско население - со Косово?

„Сите Срби знаат дека го загубиле Косово, но јас ќе направам сè што е во моја моќ за да се врати назад она што може, па тоа на крај да не излезе целосен пораз или целосна загуба (...) Ако видам дека нешто е добро за Србија, јас ќе го туркам тоа, без оглед на последиците“, изјавил Вучиќ за „Глобус“.

Повеќе:

Вучиќ предлага поделба на Косово и размена на територии?

Приштинскиот весник „Газета експрес“ повикувајќи се на неименувани дипломатски извори, пишува дека постои можност токму Трамп и Путин да се договориле за такво сценарио на неодамнешната средба во Хелсинки. Според весникот, можно е да се разговара за размена на територии, но се изразува и стравување дека „она што ќе остане од Косово би се третирало како провинција на Албанија, и дека не се знае што ќе се случи ако се чепкаат границите на Косово“.

Brüssel EU-Kommission | Hashim Thaci, Federica Mogherini & Aleksandar Vucic
Александар Вучиќ, Федерика Могерини и Хашим Тачи на разговори во БриселФотографија: Europäische Kommission

Нова Јалта?

Според дипломатски извори, ваквите идеи за решавање на проблемот не се нови. Тие повеќепати биле разговарани „зад сцената“, но секогаш ги отворале и прашањата за опасност од домино-ефект во регионот, поточно „пред прагот на Македонија“. Националниот координатор за подготовка на Македонија за членство во НАТО, Стево Пендаровски, вели дека поделбата на Косово или размената на територии меѓу Србија и Косово се две, во суштина стари идеи, кои секогаш биле со радост прифаќани од екстремистите и во Белград, и во Приштина. Но, никогаш не добиле поддршка од релевантни меѓународни кругови, кои во процесот на распаѓање на Југославија доследно ги следеле старите административни граници на таа држава.

Повеќе:

Србија се надева дека Путин и Трамп ќе го пресечат косовскиот јазол

„Последните шпекулации дека на неодамнешниот самит во Хелсинки наводно се случила 'нова Јалта', на која Трамп и Путин се согласиле за поделбата на Косово, е базично неразбирање на механизмите по кои работат големите играчи во меѓународната политика. По Втората светска војна, големите геополитички комбинации и поделбата на интересни сфери, моќните никогаш не ја договарале на билатерални средби. Примерите со т.н. Арапска пролет или анексијата на Крим се само два од многуте примери во таа насока. Инаку, ставот против влечењето на нови граници на Балканот, затоа што сигурно ќе предизвика домино-ефект во регионот, е познат и применуван без исклучок: од Дејтон, па се до последната одлука на косовскиот парламент за демаркација на границата со Црна Гора, за која беше употребена масивна дипломатска артилерија“, аргументира Пендаровски.

Вели дека е тешко од Скопје да се прогнозира содржината на финалната солуција за Косово, но сепак смета дека таа ќе биде на линија на т.н. Лондонска декларација на Контакт групата за Косово од 2006 година, која заговарала независно Косово, но без загрозување на регионалната безбедност. Односно, дека  билатералниот договор во некој облик ќе ги содржи двата столба на едно одржливо решение.

Повеќе:

Што би подразбирал компромисот меѓу Белград и Приштина?

„Прво, Белград нема експлицитно да ја признае косовската независност, но, ќе мора да воспостави дипломатски односи со Приштина. Второ, Србите на северот ќе добијат одреден степен на автономија која нема да се именува како автономија. Двата клучни елементи на таквиот статус, уште во 2005 година во својот специјален извештај до Генералниот секретар на ОН ги предложи норвешкиот дипломат Каи Еиде: хоризонтално поврзување помеѓу српските општини на северот и воспоставување на специјални врски со Белград кој, сепак, нема да го има суверенитетот врз нив. И кај нас, за време на рамковните преговори во Охрид беше направен обид за примена на принципот на територијални решенија за етничките прашања, но тоа уште во старт беше одбиено од најсилните на масата, со алтернативен предлог за суштинска децентрализација“, потсетува Пендаровски. 

Тоа, според него, не значи дека Македонија треба да спие и да чека решенијата за домашните системски проблеми само да и бидат соопштени од некој центар на светската моќ.

„Напротив, Македонија треба да ги реши и подготвена да го пречека финалето на последното крупно регионално прашање, за кое никој не може да исклучи дека во одреден контекст нема да продуцира неповолни импликации и кон нас“, предупредува националниот координатор за НАТО.

Mazedonien NATO Mazedonische Fahne und NATO Fahne
Фотографија: DW/Petr Stojanowski

Мотив повеќе да се биде во НАТО

Дипломати со кои разговараше ДВ се уверени дека членството на Македонија во НАТО и извесниот пат кон ЕУ, се нешта што може да гарантираат дека Македонија нема колатерално да биде вовлечена во проблем, под параванот на решавање друг проблем.

„Токму затоа, во овој политички момент несфатливи се 'резервите' што ги промовираат одредени политички субјекти кон интеграцијата на Македонија, преку неодговорно создавање пречки за претстојниот референдум“, велат нашите соговорници.

Повеќе:

Грчко-македонскиот договор и фијаското на Кремљ на Балканот

Слични дилеми посочува и новинарот и аналитичар, Сашо Орданоски.

„Евентуалната српско-косовска размена на територии е прагматично, но опасно решение за целиот регион, но и за други европски региони кои имаат слични проблеми. Тоа го етаблира принципот дека за политички проблеми може да се бараат територијални решенија, што е во суштинска спротивност со темелот на Охридскиот договор, на пример. Затоа од извонредна важност за Македонија е успехот на референдумот за договорот со Грција, бидејќи така ќе се зацврсти и унапреди македонскиот политички модел на мултиетничка демократија, кој фаворизира интеграција наместо поделби. Особено што евентуалната поделба на Косово ќе ги отвори дилемите за иднината на албанскиот косовски ентитет и можноста за спојување со Албанија, но на долг рок ќе ја дестабилизира и Прешевската долина на нашата северна граница“, посочува тој.

Повеќе:

„Пржинска влада“, но и гаранции за успешен референдум!?

Од тие причини смета дека е важно Македонија да не ја пропушти шансата за интегрирање во Алијансата. 

„Од животна важност за Македонија да се интегрира во воената алијанса на НАТО, но и да ги продолжи реформите за ЕУ, како единствен рецепт за долгорочна стабилност и развој на нашата држава. Сите други опции се идеи на опасни авантуристи или на оние кои имаат силен персонален интерес за нова политичка и безбедносна криза во Македонија“, предупредува Орданоски.