„Македонија на најреформски курс во регионот“
18 април 2018Вчерашниот Извештај на Европската Комисија за напредокот на земјите кандидати на патот на евроинтеграција и препораката за почеток на пристапни преговори за Македонија и Албанија го одбележаа речиси сите германски и медиуми на германски јазик, најчесто преку вести и извештаи, но некои и со коментари.
Весникот Берлинер моргенпост истакнува дека препораката на ЕК за Македонија и денешниот престој на Јоханес Хан и Федерика Могерини во Скопје се сигнал за земјата која изминатата година е на реформски курс како ниедна друга во регионот:
„Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан и високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Федерика Могерини со својата посета на Скопје по објавувањето на Извештајот за напредокот на аспирантите за влез во ЕУ сакаат да дадат сигнал. Македонија доби одлична оценка од Европската комисија, па пораката гласи: земјата треба конечно да почне со ЕУ-пристапните преговори.
Македонија, заедно со Хрватска, која одамна е членка на ЕУ, кандидатурата за членство ја доби во 2005. година, но на својот пат кон НАТО и ЕУ постојано е попречувана од ветото на Грција. Сега спорот околу името Македонија, зад кое Атина стравува од аспирации на соседот кон истоимената грчка провинција, треба конечно да биде решен. Затоа, сите очи се свртени кон Атина. Како можно ново име за државата е во оптек и 'Нова Македонија'. Фактички, Македонија, по промената на владата пред една година, зазеде реформски курс како ниедна друга земја во регионот. Повторно е воспоставена поделбата на власта и засилено владеењето на правната држава, подобрена е независноста на судството, но и слободите во цивилното општество.“
Слично пишува и Зиддојче цајтунг:
„Со препораката за почнување пристапни преговори со ЕУ, на Македонија и на Албанија им е оддадено признание за направениот прогрес, како што изјави еврокомесарот Јоханес Хан. Но, истовремено е истакнато дека во двете земји има уште многу да се направи. На Македонија ѝ е дадена потврда за надминувањето на длабоката политичка криза... Почетокот на преговорите сега зависи од согласноста на 28-те членки на ЕУ...“
Австрискиот весник Кроне во текстот под наслов „ЕУ форсира прием на Албанија и Македонија“, ја пренесува и реакцијата на шефицата на австриската дипломатија:
„ЕУ, по годините на кризи, сега планира повторно да расте. Европската Комисија во Србија и Црна Гора гледа фаворити за прием до 2025. година. Услов, секако, е дотогаш тие да ги решат сите свои гранични конфликти од времето на екс-Југославија. Македонија и Албанија досега се кандидати без почнати преговори. Кај Македонија тие ќе можат да почнат откако ќе се реши спорот околу името со Грција, за што интензивно се работи и со посредство на ОН...'Македонија во последните месеци постигна нешто многу впечатливо и започна бројни иницијативи за помирување со соседите', се вели во реакцијата на австриската министерка за надворешни работи Карин Кнајсл. Според неа, пакетот проширување и извештаите за напредокот на одделните земји јасно покажуваат дека веродостојната ЕУ-перспектива претставува сила да ги мотивира кандидатите за членство во ЕУ на примена на важни, иако мачни реформи.“
Повеќе:
EK: Македонија оди напред, штетите од минатото не се поправаат преку ноќ
Дали членките на ЕУ ќе ја „одблокираат“ Македонија?
Германскиот најтиражен весник Билд пак во коментарот со наслов „Непромислено растегнување“ е исклучително критички настроен кон проширување со земји кои уште не се зрели за прием во ЕУ:
„Европската комисија планира прием на две балкански држави, Албанија и Македонија. Човек да не поверува. Тоа е толкава неспособност да се согледаат очигледни работи, толку непромислено и страшно наивно. Веќе денес ЕУ не функционира како што би требало. 28-те членки се премногу различни, а нивниот заеднички именител често премал за решавање на големите проблеми.
Со Бугарија и Романија, последно беа примени две земји кои не беа доволно подготвени за тоа. Но, по долгите преговори со нив, никој не се осмелуваше да ја повлече рачната кочница. Ве молам, да не се повтори тоа.
Бриселските проширувачки технократи можеби со тоа ја исполнуваат целта на своето постоење, но приемот не е цел сама по себе.
Штети од тоа ќе претрпи Европа: сѐ повеќе луѓе престануваат да веруваат во оваа величествена идеја, затоа што таа се растегнува непромислено, а во своето јадро е неспособна да ги реши проблемите на граѓаните.“