Македонија- најспомнувано име во Атина пред големата одлука
22 јануари 2019Во „исклучително наелектризирана атмосфера“, како што опишуваат грчки медиуми, доцна синоќа заврши а денеска претпладне продолжува расправата во Комисијата за национална одбрана и надворешни работи во грчкиот парламент. За нацрт-законот со кој се ратификува и стапува во сила Договорот од Преспа. Зборот кој ги руши сите рекордите во дебатата е познат: Македонија и Македонци.
Според претседателот на парламентот, Никос Вуцис, по завршувањето на расправата Комисијата ќе изготви извештај, а во наредните два дена за нацрт-законот ќе расправа на пленарна седница, по што ќе следува конечното гласање.
Во синоќешната комисиска расправа која траела пет и пол часа, противниците на Договорот од Преспа ја критикувале неговата содржина, аргументирајќи зошто нема да гласаат за ратификација на Договорот меѓу двете земји: „Тоа е Договор кој им служи само на плановите на НАТО и затоа треба да биде отфрлен“, „Губитоците од него се многу поголеми од придобивките“, „Расправата на оваа тема е ден на жалост за Грција“, „Нема да гласаме за национален пораз“...
Претседателот на „Независни Грци“ (АНЕЛ) Панос Каменос, според медиумите, „со високи тонови“ го критикувал Договорот, па дури и со оценка дека „ако тој влезе во сила ќе го поништи Договорот на Јалта и ќе доведе до крвопролевање на Балканот“.
Вистината за Договорот
Додека траеше дебатата во Комисијата, грчкиот премиер, Алексис Ципрас, со видеопорака се обрати до граѓаните во Грција, во која истакна дека е време да се изнесат фактите за Договорот од Преспа и да се дознае вистината.
„Со Преспанскиот договор ја штитиме нашата Македонија. Го надминуваме стравот и го отвораме патот кон мирот и економскиот раст“, порача Ципрас во видеообраќањето со наслов „Вистината за Преспанскиот договор“, во кое Договорот го нарече „камен-темелник за балканското регионално пријателство, соработка и братството на народите“.
„Нашите соседи го разликуваат својот идентитет, признаваат дека нивниот јазик е словенски и дека нивната култура на ниту еден начин не е поврзана со древното грчко наследство. Преку Преспанскиот договор го признаваме државјанството, а не етничките групи. Нема да има иредентистички алузии во нивните учебници. Тие ги менуваат имињата на спомениците, инфстраструктурата и јавниот простор“, рече Ципрас во видеопораката во која има и инсерти од потпишувањето на договорот помеѓу Грција и Македонија.
Повеќе на темата:
-Протести против Преспанскиот договор: Историјата им припаѓа на Грците!
-Ако на Грците не им се допаѓа ни Северна Македонија, па Пепси нека се викаат!
-Ципрас и Преспанскиот договор: Ретка државничка доблест
Пораката на Ципрас предизвика поделени реакции. Според коментарите, дел од јавноста ги прифаќа неговите аргументи, дел ги оспорува. Ангелос Сиригос, вонреден професор по меѓународно право и надворешна политика на Универзитетот Пантеон и Евантис Хаџивасилиу професор на Катедрата за историја и археологија на Универзитетот во Атина, кои се се автори на книгата „Преспанскиот договор и македонскиот“ во заедничка колумна ги посочија спорените делови на Договорот.
„Со промена на името на Поранешната Југословенска Република Македонија (во 'Северна Македонија') практично жителите на соседната земја ќе се нарекуваат 'Mакедонци' (а не 'северномакедонци'). Најнесреќен е изборот на терминот 'nationality' на соседната земја во придружба на дефиницијата на 'македонски / граѓанин на Северна Македонија'. Во членот 7 од Договорот се предвидува дека 'Македонија' и 'македонски' ќе бидат опишани за северниот сосед во однос на 'неговата територија, јазик, луѓето и нивните особини, со нивната историја, култура и наследство'. Секако, ова не е дефиниција за државјанство. Тоа е дефиниција за идентитет“, пишуваат Сиригос и Хаџивасилиу.
Во колумната тие потенцираат дека Грција 28 години барала промена на државното име на ПЈРМ, за сега да биде дозволено право нејзините граѓани уредно да се декларираат како „Македонци“. Со тоа, според нив, Договорот од Преспа се заканува да создаде голем проблем на идентитетот за три милиони грчки Македонци и да предизвика експлозија на национализам во земјата.
Стабилност во регионот
Но, дел од грчките аналитичари ги потенцираат предностите од Договорот за стабилноста во регионот, за лидерската позиција на Грција во овој дел од Европа, за важноста на добрососедството, за окончувањето на замрзнатите конфликти и создавањето успешен модел за решавање и на други билатерални проблеми на Балканот.
Дел се осврнуваат и на повиците за одржување рефрендум на кој грчките граѓани ќе се изјаснат за Договорот од Преспа. Во некои од новинарските коментари се акцентира и прашањето - дали треба да се оди на референдум, ако не е сигурно дека тој ќе ги обезбеди посакуваните резултати. Односно, дека прашањето може да биде дали грчките граѓани сакаат решение под името „Северна Македонија“ или едноставно „Македонија“, како што веќе е идентификувано од околу 140 членки на ОН.
Медиумите ги пренесуваат и ставовите на македонскиот вицепремиер задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во интервјуто за грчката новинска агенција АНА-МПА, во кое вели дека Договорот од Преспа е заемно корисно решение.
„Земјата ќе влезе во НАТО, ова ќе создаде политичка стабилност, а политичката стабилност носи економска стабилност. Во продолжение ќе го подобриме економскиот просперитет на граѓаните во регионот. Целиот регион ќе се движи со брз ритам и со тоа веќе нема да постои 'црна дупка' во овој дел од Европа, што би можел да биде потенцијално место за конфликти и војни“, вели Османи, додавајќи дека е во исчекување успешно да заврши процесот и во Грција за да стапи на сила договорот. Според него, фактот што постои противење за Договорот со слична фразеологија и во двете земји, покажува дека тој е симетричен и дека придобивки има и за двете страни: Грција ќе има водечка улога за интеграција на земјите од регионот во ЕУ, а Македонија ќе стане членка на НАТО и ЕУ.