„Македонија оставена на цедило од ЕУ“
10 август 2015„Македонија бара ЕУ итно да дејствува за справување со бегалската криза, што се’ посилно ја погодува таа земја“, пишува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ). „Министерот за внатрешни работи Митко Чавков за весникот изјави дека ЕУ има обврска да ја поддржи Македонија ’затоа што проблемот кај нас е увезен од една земја членка на ЕУ‘“.
ФАЦ објаснува дека од 19. јуни годинава, „кога македонските власти започнаа да ги регистрираат бегалците кои доаѓаат од Грција, нивната бројка достигна 27 илјади. (...) Се проценува дека од почетокот на минатата недела грчко-македонската граница ја минуваат по две илјади бегалци дневно. ’Доколку тоа го споредите со бројот на населението, тоа е како секој ден во Германија да влегуваат по 80 илјади луѓе‘, вели Чавков. Според него, Македонија се чувствува ’оставена на цедило од ЕУ‘. Тешки обвинувања Чавков упатува кон Грција: Оттаму бегалците со автобуси ги носат до границата со Македонија, а притоа грчките власти одбиваат каква било комуникација.
Висок функционер во македонското МВР ја опишува состојбата како ’апсурдна, оти од една страна од земја на ЕУ луѓето непречено влегуваат во Македонија, а од друга страна ЕУ ја поддржува Србија да го спречи натамошното патување на овие луѓе кон целните земји“, наведува ФАЦ.
Стремеж за отселување од Балкан
Во друг текст ФАЦ во денешното издание се задржува на актуелните податоци од јули, според кои околу 7000 жители на Албанија побарале азил во Германија. Лани во истиот месец биле само 766. Весникот го пренесува и податокот дека во последниов период речиси половина од сите баратели на азил во Германија се од земјите на Западен Балкан. Во врска со предлозите и Албанија, Косово и Црна Гора да бидат прогласени за сигурни земји, ФАЦ ја пренесува оцената на Ридигер Фајт од фракцијата на социјалдемократите (СПД) во Бундестагот, дека е „заблуда“ да се смета оти со тоа и би се намалил приливот на азиланти со укажување дека тоа не помогнало многу ни во случајот со Србија, Македонија и Босна и Херцеговина.
Во тој контекст се укажува и на една студија на фондацијата „Фридрих Еберт“ дека „околу половина од младите од Западен Балкан го означуваат како веројатно дека ќе ја напуштат сопствената земја. Фолкер Бек, претставник за внатрешна политика на фракцијата на Зелените во Бундестагот, на ЕУ и’ префрлува соодговорност за тоа. Во рамките на политиката на ЕУ кон соседството Европа би морала целно да се заложи за промени, рече Бек. ’Само да се испраќаат пари, како што ние правиме денес, само ја јакне корупцијата‘“, цитиран е Бек. Од студијата е наведен и податокот дека „младите, првенствено од Косово, ги карактеризира силна религиозност. Само малкумина од младите во регионот прифаќаат социјална и политичка разноликост“, наведува ФАЦ.
Германска развојна помош за Балкан
Од политичката дебата за азилот во Германија, „Ди Велт“ го издвојува предлогот на Бодо Рамело од Партијата на левицата, покраински премиер на Тирингија, дека „Германија треба со земјите-наследнички на Југославија, кои уште не се во ЕУ, како и со Албанија, да склучи развојни спогодби“, кои, како што наведува весникот, „покрај економски развојни перспективи, треба да опфатат и образование на младите и регулирана работна миграција. (...) Европа не може ’да си дозволи држави на сиромаштија на своите рабови‘. Балканските држави имаат потреба од ’просперитет и европска перспектива‘“, го цитира „Ди Велт“ Бодо Рамело.
Од контроверзната дискусија по повод предлозите на СПД за отворање повеќе можности за вработување на луѓе од Западен Балкан, весникот го цитира баварскиот покраински министер за внатрешни работи Јоахим Херман од ЦСУ, кој не гледа “дека азилантите што доаѓаат кај нас од Западен Балкан располагаат со било какви вредни да се споменат квалификации кои се бараат на германскиот пазар на работна сила“.
Додека ЦДУ/ЦСУ одамна бараат значително побрзо протерување на безизгледните баратели на азил од балканските држави, информира „Ди Велт“, шефот на либералите Кристијан Линднер бара „промена на стратегијата“: прогласување на сите земји од регионот за сигурни, побрзо протерување и „повторно воведување виза за тие држави. Но, кон таа тема спаѓа и нова отвореност за квалификувано доселување“. Работната виза, според Линднер, може да биде како „сина карта“: квалификувани кандидати од Балканот би можеле „да дојдат во Германија за ограничено време“ и ако во тој период најдат работа, „правото на престој би им било продолжено“.
„Оградата на Орбан“
Магазинот „Фокус“ во подолг прилог се задржува на градењето 175 километри долга ограда долж унгарско-српската граница, висока 4 метри, со таканаречени НАТО-сечила на врвот, „слични на жилет, кои можат да нанесат тешки повреди“.
Во текстот, покрај другото, се вели: „Постарите набљудувачи уште се сеќаваат на тоа, како тогашниот комунистички министер за надворешни работи Ѓула Хорн и неговиот австриски колега по функција Алојз Мок пред 26 години ја пресекоа железната завеса на границата кон Австрија. Уште истата година падна и Берлинскиот ѕид“.
На аргументот на владата за повеќе 100 илјади мигранти дојдени само годинава, авторот го спротивставува фактот дека „одвај по некој од нив го дочекува крајот на постапката во Унгарија. Веднаш штом ќе можат, бегалците продолжуваат кон Запад. Иако правно германските власти можат тие луѓе да и’ ги вратат на Унгарија, очигледно тоа ретко се случува“.
Оградата всушност е дел од „стратегиски поставена кампања“, пишува „Фокус“ и наведува дека претходела „национална консултација“: секој избирач имал шанса да оцени дали “политиката на Брисел по прашањето на доселувањето и тероризмот доживеала неуспех“. Потоа уследила акција со плакати со порака „Кога доаѓаш во Унгарија, не смееш на Унгарците да им ја земеш работата“, напишани исклучиво на унгарски јазик, од што се извлекува заклучок дека „пораката не е насочена кон мигрантите, туку кон сопствените избирачи. (...) Со кампањата против странците Орбан (премиерот Виктор Орбан - н.з.) го запре негативниот тренд“ по неколкуте погрешни потези минатата година, па сега повторно за неговата партија Фидес се определуваат „40 проценти од избирачите, а десно-екстремната Јобик остана на 28 проценти“.
Таквата кампања поттикна „хајки против мигранти. (...) Во Унгарија честопати има изливи на непријателство и изолација на Ромите или бездомниците. Агресијата против запоставените малцинства опфати големи делови на општеството“, што го документира и една анкета, според која 46 проценти од населението годинава се декларирале како непријателски расположени спрема странците, се вели во „Фокус“.
„Прашање е дали оградата на границата навистина ќе ја заштити Унгарија од мигрантите. (...) Бегалците во иднина би можеле да заобиколат преку Романија или Хрватска. Ако Орбан би ги оградил и нив, тоа би бил европски скандал, оти тие минуваат внатре во ЕУ. Оградата, и правно погледнато, не дихтува. Таа е околу 20 метри внатре во унгарска територија“, пишува „Фокус“ и го пренесува ставот на унгарскиот Хелсиншки комитет дека бегалците со тоа се наоѓаат веќе во Унгарија и мора да им се даде право за барање азил.