1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пуч или удар против опозицијата?

Зоран Јордановски2 февруари 2015

Многу прашања, малку одговори во врска со наводниот обид за пуч во Македонија. Политичката ситуација натамошно се компликува, на Македонија и’ претстои неизвесност со конфликтен потенцијал, смета Зоран Јордановски.

https://p.dw.com/p/1EUQ1

Што навистина се случи во саботата во Македонија? Прашањето е оправдано врз основа на она, што е досега познато. Спречи ли македонската влада обид за загрозување на уставниот поредок или ова е силен удар против социјалдемократската опозиција? Мешаницата од контрадикторни реченици во изјавите отвора многу повеќе прашања отколку што нуди одговори околу она што се случувало зад кулисите во изминатите четири месеци, а кулминира во саботата. Ако навистина претседателот на СДСМ Зоран Заев се обидувал да го уцени Никола Груевски за да изнуди техничка влада и нови избори, зошто премиерот дури четири пати лани во октомви и ноември разговарал со него? Дали можеби преговарале. За што, на која тема? Има ли можеби Заев докази за корумпирано или криминално однесување кои тешко би го товареле премиерот или неговите најблиски соработници? Тоа веројатно требаше да биде „бомбата“ што пред повеќе месеци ја најави Заев и до денес не поднесе никакви конкретни докази. Веќе големото одолговлекување со објавувањето на доказите во прилична мерка, а сега, по саботните настани, речиси сосем и’ ја одзема експлозивната сила на бомбата.

Кулминација на кризата

За момент да го оставиме настрана прашањето дали наводните докази се набавени по илегален пат или дури биле доставени од неименувана странска разузнавачка служба. Ми се чини дека е битно прашањето зошто Заев и СДСМ го одбраа тој пат, зошто не сакаа - и покрај добронамерните совети од Европа – да се откажат од бојкотот и со пратениците што на изборите ја добија довербата на граѓаните да учествуваат во работата на Собранието? Таму опозицијата ќе можеше да ги изнесе сите обвиненија и да води легитимна политичка борба против корупцијата и злоупотребата на власта за која, според сопствените зборови, има и докази. Патот за кој се решија Заев и СДСМ е правно неодржлив – и покрај сите приговори на опозицијата, потврдени и преку оцените од ЕУ, дека во Македонија правосудство не е независно.

Deutsche Welle Mazedonisch Zoran Jordanovski
Зоран Јордановски, уредник на програмата на македонски јазик на DWФотографија: DW/P. Henriksen

Јасно е дека доживуваме кулминација на внатрешно-политичкиот спор на владеjачката партија ВМРО ДПМНЕ и социјалдемократите, кои од 2006 година се во опозиција. Но, само привремена кулминација. Груевски, се чини, успеа да испревари можно објавување на наводни или реални докази. Уште еден негов успешен тактички потег: наместо можното погрешно однесување на шефот на владата, сега во фокусот е можното предавничко однесување на шефот на опозицијата. Во Македонија во доверба многу се зборува за злоупотреба на власта од кликата околу Груевски; јавно малку кој се осмелува да зборува – од, како што најчесто се образложува, страв од правосудството кое досега дејствува селективно, речиси исклучиво во полза на оние, кои се на власт. Драконски парични, па дури и затворски казни, им ја затнаа устата на новинарите. Верноста, од друга страна, богато се наградува.

Неизвесна иднина

На премиерот, како во Македонија, така и во странските медиуми, му се припишува се’ поавторитерен стил на владеење. Таа тенденција е карактеристична во периодот по 2008 година и тука ни меѓународната заедница не е сосем без вина за таквиот развој. Кога таа своите приниципи ги применува селективно и не ги почитува пресудите на сопствениот највисок суд, како на пример во случајот со грчко-македонскиот спор околу името, тогаш логиката, не само на македонската влада, може да е: Зошто ние, кога не тие?! Од грчкото вето за прием на Македонија во НАТО, иако на самитот во Букурешт 2008 беше констатирано дека Македонија ги исполнува условите, а подоцна и Меѓународниот суд на правдата во Ден Хаг во спорот околу името, пресуди со 14 спрема 1 во полза на Македонија, во земјата власта применува се’ поцврста рака.

Комисијата на ЕУ веќе шест години констатира дека можат да почнат преговорите за прием, Советот на ЕУ, поради грчкото вето, уште не дава термин за тоа. Постојано беше поважно решавањето на кризата со грчките долгови. Наместо да реши еден проблем, сега Европа има уште еден згора. Во македонското население е широко распространета фрустрацијата поради тоа, а инаетливите реакции на владата беа контрапродуктивни.

Политичката ситуација во Македонија е компликувана, економската сотојба и натаму тешка. Со најновиот развој Македонија оди кон неизвесна иднина со конфликтен потенцијал.