Македонија со намалена сиромаштија
16 октомври 2015Во својот осми „Редовен извештај за Југоисточна Европа“, објавен кон крајот на годинашниов септември, Светската банка нотира намалување на стапката на сиромаштија во Македонија за 2,8 процентни поени од 2010 до 2013 година. Според неа, „тоа се должи на отворањето нови работни места и укажува на подобрување на условите за живот.“ „Се очекува сиромаштијата да продолжи да опаѓа и во следните години поради отворањето нови работни места. Сепак, невработеноста останува главен структурен предизвик особено меѓу младата популација, бидејќи стапката на невработеност кај младите се уште е многу висока, што предизвикува големи краткорочни и долгорочни економски трошоци, а исто така и социјални последици“ - се вели во извештајот на оваа меѓународна банарска институција. Во својата последна расположлива публикација „Анкета за приходите и за условите за живеење во 2013 година“, објавена на 26 август годинава, Државниот завод за статистика констатирал пад на сиромаштијата во земјата: во 2011 година имало 551 илјада и 700 жители, кои живееле под линијата на сиромаштијата, или 26, 8 проценти од вкупната популација; во 2012 година под таа линија се наоѓале 540 илјади и 100 луѓе, или 26, 2 проценти од населението, а во 2013 година со статус „сиромашни“ биле 500 илјади и 400 лица, односно, 24, 2 отсто од популацијата. Податоци за 2014 и 2015 година нема и за нив јавноста ќе почека. Во 1997 година, кога првпат сиромаштијата се мерела според светски прифатените стандарди, 19 отсто од населението или околу 360.000 граѓани живееле под нејзиниот долен праг.
Се множат „народни кујни“
Со овие статистички и други податоци Македонија го дочекува 17-ти октомври, Светскиот ден за борба против сиромаштијата, кој годинава ширум светот се одбележува под мотото „Да ја градиме својата одржлива иднина и со заеднички напори на сите да се стави крај на сиромаштијата и на дискриминацијата“. „Вчера имав само едно и пол евро во џепот, невработен сум и со страв ја дотрошувам пензијата од мајка ми. Со своите 250 евра месечно таа не‘ издржува, без малку, сите четири души дома. Платата од жена ми е околу 200 евра месечно, таа доцни веќе три месеци и само го чекаме моментот кога нејзиното претпријатие ќе замине под стечај. Се‘ поголем страв ме фаќа колку повеќе животецов ме турка кон социјалната бездна“ - со овие зборови си ја отвори душата 43-годишниот гостиварец М.Д, кажувајќи ја за ДВ својата животна приказна, која ја живее со години. Но, овој човек и не е меѓу најзагрозените во Македонија. Во оваа земја се отворени 49 „народни кујни“, во кои околу 4 илјади лица примаат храна, но само еднаш во текот на денот. За нивното функционирање се трошат 16,3 милиони евра годишно од буџетот на државата. Владата најави отворање уште една „народна кујна“ до крајот на годинава, а до 2017 година треба да профункционираат уште 4 такви „кујни“. Во Македонија во овој момент има 30 илјади корисници на социјална парична помош и пет илјади корисници на постојана парична помош. На почетокот на годината имаше околу 35.000 корисници на социјална парична помош и на околу 5.800 корисници на постојана парична помош. Владата тврди дека со зголемувањето на висината на социјалната парична помош и постојаната парична помош за 10% ќе се подобри социјалната положба на оваа категорија на населението. Мнозината од нив, кои примаат социјална помош под 50 евра месечно, самите знаат како опстануваат. Еден социјалец од Тетово, на возраст од 27 години, инистирајќи на анонимност, ни рече: „Социјалната помош ми достасува за леб и половина од некоја од сметките. Струјата честопати ми е исклучена. Собирам фрлени метални делови од контејнерите, ги носам по отпадите и ми плаќаат, зависи што е: железо, алуминиум, или бакар. Успевам да купам и да однесам во ’најлончето’ нешто храна дома. Арно што сум сам, без жена и деца. Млад сум уште, но, кога ќе ми падне здравјето, немам поим од каде пари за лекови ќе наоѓам.“
Билјана Дуковска, вршителка на должноста раководителка на невладината организација „Македонска платформа против сиромаштијата“, коментира: „Нашата социјална помош е така програмирана да не дозволува граѓаните да умрат, односно се преживува, само ако така може да се нарече состојбата на живеење без достоинство, во сиромаштија и социјална исклученост. Висината на нашата социјална помош не овозможува задоволување ниту на основните, минимални, потреби за живот. Како илустрација: линијата на сиромаштија за самечко домаќинство, која ја определува Државниот завод за статистика, (а се однесува за 2013 година, изнесува 5856 денари, а социјалната парична помош по лице изнесува 2451 денар (ако лицето користи субвенција за енергетска сиромаштија тоа се плус 700 денари). И конечно, постојниот износ на социјална помош ги принудува граѓаните да се снаоѓаат на алтернативни начини, да работат 'на црно’, со што им се загрозуваат здравјето и општата безбедност.“
ДВ побара изјава и од Министерството за труд и социјална помош во врска со напорите и резултатите што се остваруваат на планот на борбата против сиромаштијата, но, и покрај доставените прашања, до моментот на објавувањето на овој текст одговорите не беа испратени. Во својата ревидирана „Национална стратегија за намалување на сиромаштијата во периодот до 2020 година“, објавена во 2013 година, ова министерство укажува дека сиромаштијата е мултидимензионален проблем, кој бара интегралност и мултидимензионално решение“, но и дека „е неопходно власта да ги охрабрува сите општествени фактори и да креира култура на ’самопомош’ кај поединците и групите.“ Во последниве години со ваквите „национални стратегии“ долната граница на сиромаштијата е проектирана на околу 2 долара дневно за живеачка, што се совпаѓа и со состојбата во реалноста, во која десетици илјади граѓани преживуваат дневно и само со сто денари дневно.
Потребна е планска и долгорочна економска политика
Ристе Темјановски, професор на државниот Економски факултет во Штип, вели: „Борбата со сиромаштијата, треба да претставува стручна, планска и долгорочна економска политика. Значителен дел од македонските граѓани го чувствуваат товарот на овој горлив проблем. Отворањето на ’народните кујни’ е само привидно ублажување на натрупаните проблеми што македонската економија ги носи како товар од самото осамостојување па до денес. Нискиот стандард кај поголем дел од населението, недоволната економска моќ за македонскиот граѓанин да се справи со секојдневните животни предизвици, се уште високата стапка на невработеност, како и ’нехуманите’ односи во дел од приватниот сектор, каде што се вработени најголем дел од македонските граѓани, не создаваат пријатно чувство за справување со секојдневните финансиски потреби, а сè повеќе оставаат ’груби и нехумани лузни’ од девалвираните финансиски услови на работа. Носителите на политичката власт го имаат севкупниот инструментариум (институции, законски одредби, дисциплина во спроведување на одредени мерки и регулативи и тн), со кои можат да ги координираат активностите за справување со овој проблем. Сиромаштијата не можеме да ја надминеме преку ноќ, затоа мора да се создадат услови кои ќе бидат директно насочени кон поголем економски раст и благосостојба, што ќе може да ја почувствуваат македонските граѓани.“
Јорде Јаќимоски, експерт за социоекономија и животен стандард на населението од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања од Скопје, заклучува: „Невработените се соочуваат често со ограничен пристап до приходи, до средства за работа, до социјалните, здраствените, образовните и културните услуги, придружено со сиромаштија и неисхранетост. Стапката на невработеност од 28 проценти, според ’Анкетата на работна сила’ од 2014 година, не дава добри перспективи за општествена интеграција на работната сила, особено ако го земеме фактот дека стапката на невработеност на младата популација на возраст од 20-29 години изнесува 43, отсто. Релативната сиромаштија меѓу возрасните групи е повисока кај младите во однос на повозрасните лица. Според состојбата од 2011 година, релативно повеќе младите ја искусуваат сиромаштијата од прва рака во споредба со постарите старосни групи. Оваа се споредува со 40,9 проценти кај младите (возраст 15-39 години) и 28,2 отсто од постари работоспособни лица (40-59 години) Сиромашни се оние лица или семејства, чии ресурси (материјални, културни и социјални) се ограничени до тој степен што ги исклучува од минималниот прифатлив начин на живот. Во Македонија сиромашните лица, или семејства, не само што се сериозно лишени од основните човекови потреби (храна, чиста вода за пиење, здравствена заштита, санитарни објекти и информации), туку и од одредени услуги“.