1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Три дена и три ноќи без голем скандал

15 јуни 2021

Се случи луцида интервала кога среде лудило нештата попримија нормалност, барем за кратко време. Најзначајната споредна работа во светот - фудбалот - стана ни малку споредна, туку ептен главна. Пишува Ерол Ризаов

https://p.dw.com/p/3uugC
Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

Поминаа цели три дена и три ноќи без голем скандал во Македонија. Чудо невидено. Се случи луцида интервала кога среде лудило нештата попримија нормалност, барем за кратко време. Најзначајната споредна работа во светот- фудбалот стана ни малку споредна, туку ептен главна. Спортот, иако е дел од големата политика и овојпат победи, бидејќи јавноста го сврте вниманието од партискиот натпревар кон една друга игра, многу повозвишена, позначајна и повозбудлива и која подобро ја разбираме и многу повеќе ја сакаме без оглед на партиската, националната и верската припадност. Тука нема неопределени, сите се определени.

Си навиваме за нашата  фудбалска репрезентација ептен здушно, без оглед дали губи бидејќи прва влезе во Европа, сеедно дали на голема или мала врата. Таа е таму и си мери мегдан со големите спортски велесили. Си навиваме и за Новак Ѓоковиќ, како роден наш, оти е на светскиот престол и победува кога противниците и неговите навивачи во најголем број мислат дека е на работ на поразот. Првпат гледав два натпревара одеднаш во Букурешт и на Ролан Гарос во Париз. Еден на телевизија, другиот на лаптоп. Тоа ме потсети на една случка од пред 30 години, точно во ова време, кога не можев да го разберам разочарувањето што му го приредив на еден газда на мал семеен хотел во Париз, каде бев сместен.

Како мува во маштеница

Од каде сте, ме прашува газдата на депандансот, каде собата беше малку поголема од креветот, а цената трипати повисока од мојата службена дневница. Му велам - од Македонија. По работа ли сте дојдени? Да, јас сум новинар.... Не ја довршив реченицата. Браво, браво, дури од Македонија сте дошле да известувате од Ролан Гарос. Не, велам, јас сум дојден да известувам од средбата на премиерот Анте Марковиќ и претседателот на Франција, Франсоа Митеран, се работи дали ќе биде спасена Југославија од распаѓање.

Ме погледна како мува што се дави во маштеница, одмавна со раката и промрморе, а кои се тие Митеран и Марковиќ спрема Ролан Гарос. И самиот си одговори. Никој и ништо. Политика, курва... Си се загледа во „Фигаро“, каде со крупни букви на насловната страница беше за него најзначајната работа во светот. Почнува Ролан Гарос. Така ми даде до знаење дека разговорот е завршен. Тогаш си помислив: Види го Французинот забеган, нас државата ни се распаѓа, а тој Ролан Гарос, па Ролан Гарос, тенисот му бил поважен од судбината и иднината на една држава.

Утредента пред Елисејската палата, како на трибина, еден куп југословенски новинари го чекавме резултатот од, тогаш за нас, најзначајната одлука: дали Југославија ќе биде спасена. Кога претседателот Митеран го испрати Анте Марковиќ до портите на Елисејската палата, Дарко Рибникар, внукот на основачот на белградска Политика со исто име и презиме, тогаш дописник од Париз, подоцна стана и главен уредник на водечкиот југословенски весник, ме повлече за раката и рече: Ајде први да ги пратиме извештаите, да ги израдуваме граѓаните, Југославија е спасена. Чекај, му велам збунето, од каде знаеш, уште ништо не кажал премиерот Марковиќ. Готово е, рече воодушевено. Шифрата што ја имам е од прва рака. Штом Митеран го испраќа до вратата, работата е завршена. Ќе добиеме 10 милијарди долари неповратна помош и Југославија ќе биде експресно членка на Европската Унија.

Се разбира, веднаш на врат на нос отрчавме до велелепниот хотел Крион, каде беше сместен прес- центарот за југословенските новинари во еден луксузен и голем апартман и со голема еуфорија и радост ги издиктиравме нашите текстови за насловните страници. Кога нешто подоцна Анте Марковиќ ја потврди веста како точна, се чувствувавме како и ние да сме не само сведоци, туку и учесници во спасоносната мисија. До доцна во ноќта во Париз ја славевме големата победа. Частеше премиерот на државна сметка. Ни помисла дека ништо од тоа нема да се оствари. Напротив, бевме сведоци на крвавиот распад на Југославија, со најголемо разорување и жртви по Втората светска војна на европско тло.

Други колумни од авторот:

Комунални избори во сите бои

Милијардите на Тупурковски, Груевски и на Заев

Опасни предлози за поништување на договорите со соседите

Пак ветување од Елисејската палата

Не сакам до кобам и да правам непријатни асоцијации, но искуството ме научи да бидам многу повоздржан сега по 30 и кусур години откако видовме и слушнавме многу ветувања. Со поинакви очи ја гледам свечената вечера на премиерот Зоран Заев со претседателот Емануел Макрон во Елисејската палата, од онаа на Анте Марковиќ и претседателот Франсоа Митеран. Не дека тоа не е значајна средба, но сепак зборовите на претседателот Макрон дека: „Македонија заслужува да почне преговори со ЕУ без одлагање и дека за тоа одлуката е донесена и треба да се оствари“ мора да се прифатат со голема воздржаност и без грам еуфорија. Напротив, не само поради тоа што претседателот Макрон пред три години практично ја закочи Македонија со француското вето за проширување на ЕУ, предлагајќи нови правила кои во овој период се претворија во нови блокади од соседот Бугарија. Ако тогаш Југославија како потрошен историски модел самата беше виновна што не стана членка на ЕУ и што трагично се распадна, овојпат ветото на Макрон беше исклучиво вина на Франција и неговата политика. Сега околностите, по три години од воведувањето на новите европски критериуми по диктат на Франција, се сосема поинакви.

Фалбите на Макрон за Македонија не ја импресионираат многу Бугарија. Од нашиот источен сосед, освен што е заменет јазикот на омраза, ултиматумот е спакуван во нов пакет со иста содржина. Поранешниот премиер на Бугарија, Бојко Борисов ја обвинува привремената влада во својата земја и претседателот Радев дека не мрднуваат со прст за „братска“ Македонија иако, што се вели до вчера, самиот немаше храброст да направи решителен чекор напред. Сега тој е многу загрижен дека бугарската политика кон Македонија е опасност која може да предизвика повеќедецениска омраза помеѓу двата народа, па наеднаш се сети да праша како би се чувствувале тие да се на местото на Македонците и првиот комшија да ги блокира на пат кон ЕУ.

Многу остроумно и логично од Борисов, ама доцна стигна Марко на Косово. Додека има членови на историската комисија како историчарот Топалов, кој во Македонија гледа Тројански коњ на Русија во ЕУ, тешко ќе може да се договори како омразата меѓу денешните генерации Македонци и Бугари може да се надмине во учебниците. Ај да кажеше бугарскиот историчар дека сме чиј било Тројански коњ, само не руски, ќе беше и некако проголтано, колку и да е мачно и колку и да е голема лагата, ама Бугарин да зборува за руско влијание во Македонија повеќе наликува на лечење на вековните комплекси на Бугарија јавнати од Бачушка. Не може тоа да се излечи на сметка на мала Македонија.

Побрзо светот ќе ја освои вселената отколку ние Брисел

На самитот на НАТО за првпат како партнер официјално учествува и Македонија. Таму е и премиерот Зоран Заев на заедничка маса со светските државници на најголемата воено политичка алијанса. Навистина е убаво тоа да се види и чуе како е барабар со светските лидери и многу веројатно ќе слушне и ќе ни раскаже  многу комплименти и изрази за поддршка на Македонија.

На самитот, меѓу другото, се расправа и за освојување на вселената. Да сум таму би ги прашал светските стратези и големи лидери дали побрзо светот ќе ја освои вселената или Северна Македонија - Европската унија. Шегата на страна, ама кога сите ни даваат поддршка, а Македонија цели 16 години е кандидат кој уште не може да ги почне преговорите, тоа почна да наликува како освојување на вселената во војна на ѕвездите. Дури и утре да почнат преговорите со ЕУ, тешко е да се прогнозира дали во наредните 15 години побрзо и полесно ќе се патува во вселената отколку што Македонија ќе стаса до Брисел. Ако до пред четири години голем дел од вината ја сносевме ние самите со освојување на античката историја, во овие четири години по склучување на Преспанскиот договор за тоа секако во најголем дел е виновна Европа.

Се разбира, дел од вината има и кај нас. Најмногу од тие што постојано сервираат лаги и внесуваат забуна во домашната јавност и кај политичарите на ЕУ дека штом дојдат на власт ќе ги поништат договорите со Грција и со Бугарија. Тие нема ништо да сменат ама ја шират недовербата во Македонија за непредвидливост што ќе се случува при евентуална промена на власта.

Во Брисел по ова прашање треба да бидат без гајле и нашите патриоти ќе постапат како грчкиот премиер Мицотакис. Додека беше во опозиција зборуваше за предавство на грчките национални интереси, откако седна на премирската жешка фотелја веднаш истиот ден побара целосна примена на договорот меѓу Грција и Македонија што го подготвија неговите претходници. Загрижени ќе останат само заблудените во Македонија кои навистина веруваат дека идната власт ќе ги поништи ратфикуваните договори со Грција и со Бугарија.

Ете така драги мои ги поминавме овие три дена и три ноќи на пристојна нормалност со навивање за македонската репрезентација. Најдоцна до четврток, по натпреварот со Украина, очекувајте нов голем скандал и враќање на навивачките трибини за еден друг гладијаторски натпревар.

Не заборавајте! Ги нема веќе ни Анте Марковиќ ни Франсоа Митеран. Ќе ги снема еден ден и денешните политички актери кои играат главни улоги. Европските и светските првенства, олимпијадите и Ролан Гарос и натаму ќе се одржуваат. Мислам дека сега разбирате колку бил во право пред повеќе од 30 години газдата на малиот париски депанданс.

Македонија еден ден ќе стане членка и на ЕУ,  ако не во политиката, сосема е извесно како што гледате во спортот и уште во нешто друго. Кој ќе дочека ќе го знае одговорот колку сме биле луди што тоа не сме го направиле порано и зошто изгубивме бадијала толку години и жртвуваме повеќе генерации за проблеми кои тогаш ќе бидат неразбирливи, а многу веројатно за нашите потомци смешни, а за нас трагични. Довидување до следниот голем скандал.