Македонија: хроника на едно долго најавувано злосторство
28 април 2017Целта на вчерашниот упад на насилниците во македонското Собрание е една и единствена: поранешниот премиер Никола Груевски и неговата клика од националистичката ВМРО-ДПМНЕ по секоја цена да ја задржат власта. Оваа партија победи на предвремените парламентарни избори во Македонија во декември 2016 година, но не успеа да обезбеди мнозинство за формирање на нова влада. Тоа им успеа на Социјалдемократите предводени од Зоран Заев кои во својата коалиција ги обединија партиите на етничките Албанци. Албанските партии одбија да соработуваат со Груевски поради неговите националистички испади и задушувањето на демократијата.
Откако го загуби мнозинството во парламентот, Груевски и неговата партија одлучија преку блокада на неговата работа да го запрат изборот на спикер и формирање на нова влада. Во тоа добија и сесрдна поддршка од верниот следбеник на Груевски, претседателот на државата Ѓорге Иванов.
Откако пратениците на парламентарното мнозинство во четвртокот одлучија да го прекинат филибастерот на ВМРО-ДПМНЕ и да изберат нов претседател на Собранието, беше даден сигналот дека насилството може да почне.
Стотици луѓе под директна команда на ВМРО-ДПМНЕ упаднаа во парламентот. Дел од нив вооружени со огнено оружје, ножеви и палки, и со качулки на главите. Полицијата, која е под целосна контрола на Груевски, не само што не ги спречуваше во насилничкиот упад, туку и се поздравуваше со нив. Специјалните полициски сили дојдоа во Собранието дури два часа по почетокот на нападот.
Главна цел на нападите беа пратениците на новото парламентарно мнозинство предводено од Социјалдемократите, но страдаа и голем број новинари. Крајниот епилог е повеќе од 100 повредени. Од нив тројца народни избраници со потешки повреди завршија во ургентните центри.
Планиран напад
Злосторството е испланирано и организирано од ВМРО-ДПМНЕ и Груевски. Тоа не е ниту спонтано, ни случајно. За Груевски и криминалната клика околу него губење на власта најверојатно ќе значи долгогодишен затвор, откако во изминатите години беше откриено дека преку тајните служби масовно прислушкувал десетици илјади граѓани, фалсификувал избори и длабоко загазил во коруптивни зделки. Поранешниот премиер е досега обвинет или осомничен од Специјалното јавно обвинителство- формирано со помош на ЕУ и САД- за повеќе случаи на злоупотреби и насилство.
Груевски и неговата партија веќе со месеци се обидуваат да испровоцираат меѓуетнички судир во Македонија. Целно се шири кампања на омраза против Албанците и „предавниците“ во земјата. Нивната проценка е дека контролираната нестабилност ќе му даде нов адут во рацете на поранешниот премиер и ќе го седне на преговарачка маса со меѓународната заедница од која бара амнестија за криминалното 10 годишно владеење. Доколку тоа не успее, резервно сценарио кое веќе отворено се заговара, е претседателот Иванов да прогласи воена состојба и со тоа да и стави крај на кревката демократија.
Во секој случај, по крвавиот 27 април, ништо од богатиот „арсенал“ на Груевски и Иванов не е изненадување. Поголемо изненадување ќе биде доколку ЕУ и водечките членки како Германија конечно остро реагираат и застанат на страната на демократијата во Македонија.
Груевски е најдобриот пример за погрешната политика на Брисел на Балканот каде, наместо либерални, демократски политичари, со години се поддржуваат авторитарни лидери под мотото „стабилност пред демократија“.