1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова политика на Македонија спрема бегалците

З.Јордановски/фац/нцц/тац1 декември 2015

Политиката на Македонија кон бегалците и самитот ЕУ-Турција се темите за кои денеска опширно информира германскиот печат. ФАЦ смета дека Груевски ја сменил политиката по средбата со Орбан.

https://p.dw.com/p/1HFKi
Фотографија: MIA

„Македонија им дозволува влез во земјата само уште на Сиријците, Авганистанците и Ирачаните. Сите други ги одбива. Но, како може да се одреди потеклото на некој мигрант?“ се прашува „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“ (ФАЦ) во текстот со наслов „Официјален молк“. Во опширниот прилог станува збор и за поставувањето ограда на македонско-грчката граница и во тој контекст се вели: „Организациите за човекови права и генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун искажаа критика за постапката на Македонија, оти владата поставувањето ограда го поврза и со нова политика за влегување во земјата. (...) Македонската влада досега не се изјасни за тоа дали таквиот однос спрема луѓето без документи (на кои исто така не им дозволува да влезат во земјата - н.з.) е нејзина официјална политичка линија.“

Во текстот се вели дека во импровизиран логор од шатори на грчка страна се наоѓаат околу илјада Иранци, Пакистанци, луѓе од Бангладеш и други мигранти. „Според непотврдени информации, мигранти и бегалци, кои можат да си го дозволат тоа, веќе користат услуги на шверцери на луѓе, кои ги носат во Македонија заобиколувајќи ги граничните премини и оградата, и оттаму ги носат на границата кон Србија“.

Авторот на прилогот Михаел Мартенс констатира: „Севкупно македонските власти се подобро организирани отколку летоска, кога на границата се случуваа сцени на безредија. Навистина, на мигрантите се’ уште не им се земаат отпечатоци од прстите оти економски слабата балканска држава во моментов нема доволно апарати за тоа. Сепак регистрацијата сега се одвива побрзо и понепроблематично отколку во текот на летото. (...) Оние кои беа вратени од границата, навистина, можеа да побараат политички азил во Грција, но мнозинството од нив јасно кажуваат дека во секој случај сакаат да одат во Германија или други држави на северозападот на Европа. Промената на македонската политика временски се совпаѓа со разговорите што шефот на македонската влада Груевски ги водеше со унгарскиот колега по функција Виктор Орбан кон средината на ноември во Будимпешта. Македонската државна новинска агенција МИА во врска со тоа пишуваше дека премиерите биле согласни оти ’решението на европските земји, да ги затворат границите за оние кои не доаѓаат од држави опустошени од војна, бара нова стратегија во односот спрема најновиот развој‘. Што значи таа реченица, може да се види сега на македонско-грчката граница“, се вели на крајот од прилогот во ФАЦ. 'BBIG'

„Турција нема да ги запре бегалците“

ФАЦ се осврнува и на самитот ЕУ-Турција посветен на бегалската криза: „Турскиот премиер на самитот во Брисел даде искрена изјава. На прашање дали неговата земја може да гарантира дека во противпотег за парите од Европа наскороќе доаѓаат помалку бегалци во Европа, тој одговори: ’Ни знаеме како ќе се развива ситуацијата во Сирија‘. Со други зборови: во Берлин или Брисел не треба да се полагаат преголеми надежи во тоа дека Турција сака и е во состојба значително да ја намали реката бегалци, ако таа остане голема или дури и уште повеќе порасне“.

Постигнатиот договор ФАЦ го оценува вака: „Тоа е зделка која во половично стабилни земји од кои доаѓаат бегалци, како Пакистан, би можела да дејствува застрашувачки, а на сириските бегалци од војната би требало да им понуди барем неколку цврсти мотиви да останат во Турција. Тоа сигурно не е решение на бегалската криза, но можеби е прилог за таа малку да се ублажи“.

„Горчлив вкус“

„тац. ди тагесцајтунг“ ја коментира спогодбата меѓу ЕУ и Турција, според која „преку договорени контингенти повеќе бегалци по легален пат ќе можат да дојдат во Европа, наместо на своја рака да тргнат по опасен пат преку Средоземното море и Балканот, а Турција ќе добие повеќе пари за подобро да ги згрижи бегалците“. Добрата вест истовремено остава и горчлив вкус: „Токму во моментот во кој Турција застранува во се’ поавторитарни околности, ЕУ и’ прави толку отстапки, колку што не и’ направила со години (...) и тоа додека во Турција ставаат в затвор се’ повеќе критчки новинари, убиваат на сред улица курдски адвокати, земјата ја потресуваат нерасветлени бомбашки атентати и Ердога оди по опасен курс во однос на Курдите и во Сирија. Да кажеме вака: имаше и подобри моменти за на Турција да и’ се придаде толкаво значење како партнер и да се настојува да се придобие. Ердоган може да се слави како победник за тоа што ги држи бгеалците понастрана од Европејците“.

Во сличен тон коментира и „Ное Цирхер Цајтунг“: „Уште колку долго Европа ќе му се додворува на турскиот претседател Ердоган? (...) Колку долго ќе му се додворуваат Европа и САД на тој непочитувач на човековите права и подбуцнувач, кој се’ му подредува на својот опстанок на власт и кому очигледно ИД (Исламската држава -н.з.) му е поблиска отколку западните вредности и демократијата? Однесувањето на западните земји не е само етички одбивно, туку е и кратковидо и глупаво. Со тоа се поттикнува, а не се придушува исламизмот“