1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

“Македонска државна прослава на туѓа почва”

6 август 2004

Македонскиот национален празник Илинден и 60 годишнината од АСНОМ го привлекоа вниманието на некои весници во странство. Така, “Франкфуртер Рундшау” и “Ное Цирхер Цајтунг” објавија подолги прилози со многу слична содржина и од веројатно ист автор, а бугарскиот весник “Дневник” се задржува на споровите околу децентрализацијата.

https://p.dw.com/p/AeFs

Во написот во весникот од Цирих, објавен под наслов “Македонска државна прослава на туѓа почва” се констатира дека “присуството на српскиот премиер Коштуница на прославата во јужна Србија сведочи за приближување меѓу двата соседа, но и оти главниот проблем не се владите, туку непријателски настроените цркви”.

Известувачот на весникот од Белград пренесува:

“За прв пат од независноста на Република Македонија, која во 1991-ва година мирно се одвои од југословенската федерација што се распаѓаше, висока по ранг српска владина делегација учествуваше на свеченостите од 2-ри август, најважниот државен празник на Македонија. Во манастирот ’Прохор Пчињски‘ недалеку од јужносрпскиот град Врање, се состанаа српскиот премиер Коштуница и македонскиот претседател Црвенковски на 60-годишнината од основањето на АСНОМ. Беа разменети добрососедски поздравни зборови: Коштуница ја означи соработката на двата народа како мал, но важен чекор на двата народа на патот кон заедничко прилижување кон ЕУ. Црвенковски беше нешто порезервиран: тој се надева дека празникот служи како појдовна точка за интензивирање на односите и дека тоа ќе биде поддржано и од граѓаните на Македонија и на Србија и Црна Гора.

Во македонското гледање на историјата АСНОМ го маркира почетокот на државноста на земјата. Во 1944-та година во ’Прохор Пчињски‘ со АСНОМ е формирана највисоката легислативна и егзекутивна инстанца, какви што во другите делови на Југославија веќе одамна постоеја. Слабото партизанско движење во Македонија, кое во еден период беше поврзано со бугарската Комунистичка партија, Тито го привлече на своја страна советување дека по ослободувањето ќе и‘ даде на Македонија статус на република во скутот на Југославија. Со тој чекор Тито имплицитно го призна постоењето на македонски народ, за што многумина Македонци до денес му се благодарни. За Бугарите – и тоа во никој случај не е минато – Македонците едноставно беа западни Бугари, а пак за Србите тие беа јужни Срби.

Отсутниот големец на славјето беше српскиот патријарх Павле, стариот поглавар на Српската Православна Црква. Таа минатата година им го забрани на Македонците пристапот до ’нивното‘ историско место, зашто е во огорчен спор со Македонската Православна Црква, која во 1958-ма година се одвои од српската црква-мајка и во 1967-ма година се прогласи за самостојна, автокефална. Од агол на гледање на Павле станува збор за шизма и тоа мора да биде ревидирано. Македонската Православна Црква тие барања ги смета за израз на ’големосрпските хегемонијални аспирации‘, а за културната елита на земјата, барем за нејзиниот етничко-македонски дел, тоа е доказ дека влијателни кругови, како црквата во Србија, не признаваат егзистенција на македонски народ. Во предигра на прославата претседателот Црвенковски му напиша писмо на Павле, во кое го замоли да се погрижи за тоа, прославата на 60-годишнината да може да се одржи достоинствено и на историски вистинското место. Тоа очигледно дејствуваше, зашто потоа Коштуница ги уфрли во игра своите добри врски со Црквата.

Македонската Православна Црква, поддржана од национално-конзервативната партија ВМРО, се сомничи дека е направена трговија меѓу Црвенковски и Павле, оти дозволата да се влезе во манастирот била поврзана со изнаоѓање решение за прашањето на шизмата во рок од една година. Црвенковски веднаш демантира и рече дека Павле не поставил никакви услови, туку едноставно само изразил желба. Македонско-српскиот црковен спор ескалира на почетокот од годинава кога владиката Јован, верен на Србија, а од македонски агол на гледање отпадник, објави преоѓање на извесен број манастири од јурисдикција на Македонската во Српската Православна Црква. Јован потоа беше обвинет поради ’поттикнување на верска омраза‘, калуѓерите и калуѓерките беа истерани од нивните манастири, а во парламентот со резолуција беа осудени ’нападите на Српсдката Православна Црква врз суверениеттот на земјата‘.

Таа (претерана) реакција може да се смета за индиција за несигурноста на многумина Македонци, кои се најдоа под притисок од страна на цврсто етаблираните и честопати нагласено демонстрираните национални идентитети на своите соседи. Но, сега Скопје се обезбеди за наредното славење на АСНОМ: во непосредна близина на ’Прохор Пчињски‘, но на македонска почва, беше отворен меморијален комплекс во чест на АСНОМ” завршува тексртот во весникот “Ное Цирхер Цајтунг”.

Во многу сличниот текст на “Франкфуртер Рундшау” уште се истакнува дека, цитат, “во 90-тите години одржувањето на прославата на АСНОМ повеќепати беше попречувана од српските националисти, и барем еднаш во тоа учествуваше водачот на радикалите, сега во Ден Хаг обвинетиот Воислав Шешељ. Со оглед на таа предисторија, во Скопје со задоволство беше нотирано присуството на српскиот премиер”.

Деснолибералниот бугарски весник “Дневник” неделава, пак, се занимаваше со споровите меѓу Македонците и Албанците околу новата територијална организација на локалната самоуправа. Притоа во написот се забележува: “Загриженоста на мнозинството на Македонците, дека децентрализацијата е пат кон федерализација и потоа кон поделба, се чини дека е делумно основана. Всушност, главно прашање е дали албанското малцинство во Македонија ќе биде задоволно со досега оствареното или ќе продолжи со притисокот. Натамошниот развој на ситуацијата ќе го диктираат и фактори на Косово, во Брисел и преку Атлантикот. Досега, меѓутоа, никој од нив немаше интерес да создава нова затегнатост на Балканот. Досега”, помалку предупредувачки констатира софиски “Дневник”.