1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонски маратон на 35 километри или статус кво?

31 октомври 2019

Предлогот на Гералд Кнаус за пристапување на Северна Македонија и другите земји од регионот во Европската економска зона и натаму ја бранува јавноста. Има ли стапици на тој пат?

https://p.dw.com/p/3SFda
Belgien Die mazedonische Fahne am EU-Parlament
Фотографија: DW/M. Maksimovic

Претседателот на Европската иницијатива за стабилност, Гералд Кнаус, тврди дека Европската економска зона што ја предлага тој за Севрена Македонија и другите земји од регионот е подобра од сегашното статус кво. Во интервју за „Нова“ тој изразува увереност дека „со овој предлог европската интеграција на балканските земји ќе напредува".

„Ние предлагаме Европската Унија да отвори пристапни преговори со шест земји од Западен Балкан за пристапување на европскиот единствен пазар, најголем во светот, со својата слобода на движење на луѓето, капиталот, добра и услуги. Ние предлагаме да се промени начинот на кој овие разговори се одвиваат, да ги направиме фер и трансформативни. Крајната цел е секоја балканска земја која ги пресретнува условите да биде поврзана блиску до ЕУ како Норвешка, во т.н. Европска економска зона. Самото зачленување во Европската економска зона е добра работа. Норвешка која е богата земја се уште и плаќа многу на ЕУ за тоа да биде дел од Европската економска зона, бидејќи нуди предности за нејзините граѓани и економија. Се разбира, Западниот Балкан не е богат и му треба помош за да ја стигне, па затоа ЕУ треба да ги зголеми грантовите и помошта, и да му дозволи да се приклучи на единствениот пазар. Зошто? Бидејќи стабилен, демократски, просперитетен Балкан е во интерес на ЕУ“, вели Кнаус.

Gerald Knaus im DW Interview
Гералд КнаусФотографија: DW

Тренинг за Западен Балкан

Тoj илустративно го објаснува неговиот предлог: ако пристапот кон ЕУ е маратон од повеќе од 42 километри, тогаш пристапувањето кон Европската економска зона се првите 35 километри по истата патека, а тоа не е спореден или алтернативен пат, туку е истиот пат. Притоа, како „многу позитивни" ги потенцира искуствата на Финска и Шведска - кои биле дел од Европската економска зона (ЕЕА) пред да станат полноправни членки на ЕУ. Кнаус е уверен дека е дојдено време процесот на пристапување да се измени.

„Во еден мој говор во Белград во 2014 година каде присутен беше и заменикот премиер на Србија, истакнав дека постоечкиот пристапен процес нема да преживее подолго од пет години без да биде реформиран. Од тогаш досега поминаа пет години“, вели тој.

Повеќе:

-Без ЕУ перспектива, Западниот Балкан им се препушта на Истокот и автократите

-Скопје се противи на алтернативи, но тие се веќе на масата на ЕУ

-Eвропа и Македонија се изгубија во датумот

На неодамнешната средба кај претседателот Стево Пендаровски, лидерите на сите парламентарни партии искажаа заеднички став дека нема да прифатат никакво друго алтернативно решение освен полноправно членство во ЕУ.

Stevo Pendarovski
Фотографија: Getty Images/AFP/J. Thys

Предлогот на Кнаус временски коинцидира и со иницијативата на српскиот претседател Александар Вучиќ за економско поврзување на регионот („Мал шенген") во која беа поканети Северна Македонија и Албанија. Поканата на Вучиќ токму до овие две земји непосредно пред француското „не“ за нивни преговори со ЕУ, остави сомнеж дека одредени процеси не се случајни. Фактот дека во „Малиот шенген" е планирано да бидат повикани и останатите земји од „балканската шесторка“, на дел од аналитичарите им наликува на обид да се воспостави некаква „балканска вежбална или предворје“, кое потоа полесно би се вклопило во разни предлози за „интегративното напредување“ на земјите од Западен Балкан, вклучувајќи го и предлогот на Кнаус.  

 „Неуспешноста“ изведена од земји кои глумат реформи

Иако неговите намери се искрени, предлогот на Гералд Кнаус е штетен и во многу нешта погрешен, вели аналитичарот Андреја Стојковски.

„Процесот на реформи е долг и мачен, зашто промените кои ги посакуваме, кои бараме и секако ни требаат, се огромни. Промените се поврзани со севкупна општествена трансформација. Своевремено, амбасадорката на Грција во државава, Александра Пападопулу, зборувајќи за пристапувањето кон ЕУ велеше ‘не станува збор само за промена на законите, туку за промена на менталитетот'. Колку побргу тоа го разбереме, толку подобро за нас. Граѓаните имаат нереални очекувања од пристапувањето, а државите од Западниот Балкан потрошија премногу долго време во кое реално беа атрактивни за Унијата, а таа, имајќи го предвид бројот и интересите на државите-членки можеше поедноставно да се справи со предизвиците“, потсетува Стојковски.

Но, денес состојбата е поинаква. Според Стојковски, лошо е што како аргументи за тезата дека „политиката на проширување не дава резултати", се земаат примери на држави кои глумат реформи.  

„На Западниот Балкан има држави кои одлучно се зафатија за реформирањето на своите општества, некои кои тоа повремено го прават и такви кои само повремено прикажуваат дека нешто прават. Сите држави се во различна фаза на пристапувањето и токму поради тоа резултатот од политиката и во процесот е различен. Не е точно дека политиката за проширување е неуспешна или не дава резултати. Искуството покажува дека резултатот не изостанува, тогаш кога политичката елита во самата држава е посветена на постигнувањето на истиот. Државите-членки, или државата-членка, кои зборуваат за неуспехот на политиката, го земаат примерот на најмалку посветените или најмалку определените држави од регионот, за да го изведат заклучокот. Од друга страна, токму овие држави од регионот зборуваат дека процесот нема крај или дека не претставува соодветно решение. А токму оваа теза ја зема Кнаус како основа за својата анализа и го аргументира предлогот за ЕЕЗ", укажува Стојковски.

Symbolbild Westbalkan Flaggen (mit EU)
Фотографија: picture-alliance/Photoshot/Qian Yi

Според него, без конкретна цел, т.е. перспективата за зачленување која ќе биде јасно искажана, било кој процес ќе биде неуспешен.

„За Западниот Балкан интегрирањето и членството во ЕУ нема алтернатива! Постои можност за преформулирање на методологијата на процесот на проширување. Комисијата има и други, различни алатки кои може да ги употреби за спречување на назадувањето и за водење на целиот процес, но тоа мора да го стори веднаш и без промена на целите утврдени на Самитот во Солун во 2003 година. Она што е најкорисно во овој момент, освен да се продолжи со реформските чекори и да се покаже дека државите од Западниот Балкан се менуваат, е да се размислува за стратегии и да се употреби огромното мнозинство на држави-членки кои гледаат дека политиката за проширување е добра. Тоа мнозинство може да биде силна поддршка за правилна реформа на политиката. Замената на нашите стратегиски определби, или пак определбите на другите држави од Западниот Балкан е сосема погрешно и за многу нешта штетно“, дециден е Стојковски.

Од друга страна, Кнаус е уверен дека „ова ќе биде историска понуда што ќе го трансформира Балканот". Открива дека за неколку часа добил пораки за предлогот од министри за надворешни работи, парламентарци и претставници на ЕУ, кои изразиле интерес.

Ако се тоа истите оние кои изјавуваа дека е направена „историска грешка“, допрва може да почне „мешањето на картите“.