1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонската влада идната недела на средба во Софија

ДТЗ
20 јануари 2022

Според бугарскиот премиер, Кирил Петков, двете страни имаат можност да направат нешто што не е направено во последните 30 години. Претседателот Радев смета дека има многу позитивни сигнали.

https://p.dw.com/p/45qBj
Nordmazedonien | Treffen Dimitar Kovacevski mit Kiril Petkow in Skopje
Фотографија: Reg. Nordmazedonien

Македонската влада идната недела ќе отпатува во Софија на заедничка средба на двата кабинети на која треба да се изготви план со конкретните цели кои требаат да се реализираат во наредните шест месеци. 

„Ќе направиме реален план со реални достигнувања што треба да ги постигнеме во следните шест месеци со средбите кои очекувам да се случуваат секоја недела, врз основа на различните работни групи“, најави бугарскиот премиер Кирил Петков. 

Според него, двете страни имаат можност да направат нешто што не е направено во последните 30 години. 

„Навистина мораме да ги реализираме повеќето од задачите што не се направени. Треба да видиме дали може да се реализира идејата за железничка линија меѓу Скопје и Софија во најкус можен рок. Треба да видиме како да патуваме со автомобил за помалку од четири часа и овие 180 километри меѓу Скопје и Софија да се поминат многу побрзо, како навистина за половина час да се лета од Софија за Скопје, како да има културен календар и сето тоа ќе треба да се случи на оваа владина седница“, најави Петков. 

Bulgarien Kiril Petkov, Ministerpräsident | Schach mit Kind am Neujahrstag
Петков ги најавува следните потези - на средбата ќе се дефинира што треба да се постигне во наредните шест месеци.Фотографија: BGNES

Во рамките на задничката владина средба во Софија ќе бидат формирани работните групи меѓу двете земји за кои се разговараше при посетата на бугарскиот премиер, Кирил Петков на Скопје (18.01.2022) . Тогаш Петков и македонскиот премиер Димитар Ковачевски ги ставија во втор план најспорните прашања, како историјата и се фокусираа на можностите за економски придобивки. Така, покрај за историјата, ќе има и заеднички комисии за развој на инфраструктурата, бизнисот, транспортот, културата и слично.

Нотата до ОН - волја за надминување на проблемите

Бугарскиот медиум „Медиапул“ ја пренесува изјавата на македонскиот вицепремиер за европски прашања, Бојан Маричиќ, дека одлуката за употреба на краткото име Северна Македонија е доказ дека постои волја за надминување на проблемите меѓу двете земји. 

„Беше тактички важно да се реши ова прашање, како гест на добра волја од двете страни за да се затвори едно од отворените прашања. Останатите точки од пакетот 5+1 треба да се решат во пакет, но ова прашање беше најмалку спорно“, вели Маричиќ.

Таканаречениот протокол 5+1 за кој се расправа со месеци, содржи правно обврзувачки гаранции за спроведување на обврските преземени со Договорот за добрососедство од 2017 година. Со него се бара македонските Бугари да се вклучат во Уставот на Северна Македонја, да престане да се фалсификува историската вистина, да престане прогонот на лицата кои се идентификуваат како Бугарија во РСМ и друго.

Двете земји имаат различни уставни системи

Според бугарските медиуми, Скопје досега го отфрла барањата на Бугарија за промена на Уставот, што го потврдил и бугарскиот претседател, Румен Радев. По посетата на Петков на Скопје, според Радев, има многу позитивни сигнали. Но, тој препорача, заедно со сите напори за побрзување, инвестиции и соработка, да не се забораваат главните прашања што ќе ја отклучат вратата за преговори со Северна Македонија. 

Nordmazedonien | Treffen Dimitar Kovacevski mit Kiril Petkow in Skopje
По посетата на Петков на Скопје, според бугарскиот претседател Румен Радев, има многу позитивни сигнали.Фотографија: Reg. Nordmazedonien

„Апсолутно неосновани се сите тврдења дека доколку Бугарија бара еднаквост на македонсите Бугари, запишана во Уставот, како реципроцитет од своја страна Северна Македонија може да бара македонско малцинство во Бугарија“, коментира шефот на бугарската држава. 

„Да не заборавиме дека нашите уставни системи се радикално различни. Бугарскиот Устав предвидува заштита на индивидуалните права, додека македонскиот Устав се заснова на заштитата на колективните права на делови од народите“, додава тој.