1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонско-грчкиот спор пред решение

БГ
11 јануари 2018

Австриски „Курир“ пишува дека решението околу спорот за името се наѕира, но предупредува дека Русија нема така лесно да дозволи влез на Македонија во НАТО. Тоа, според весникот, може да се случи уште во јули.

https://p.dw.com/p/2qglv
Mazedonien Flagge Grafiti
Фотографија: picture-alliance/dpa

Македонско-грчкиот спор пред решение. Под овој наслов австрискиот весник Куриер денеска донесува анализа за деценискиот спор и оценува дека решението е можно поради подготвеноста на владите во Скопје и Атина да разговараат за ова прашање. Истовремено, Куриер предупредува дека Москва нема да се „предаде без борба“ во битката да ја спречи Македонија да влезе во НАТО.

„Од летото 2017 година на власт во Скопје повторно е една прозападна коалиција на социјалдемократот Зоран Заев, и оттогаш има придвижување и во спорот за името“, наведува австрискиот весник.

Повеќе на темата: 

Разговори за името и во куќата на ридот

Европската комисија се надева на „конкретни“ резултати во спорот за името 

„Грција е 'добар пријател' му порачува Заев на својот колега по функција Алексис Ципрас. Неговата желба за изнаоѓање решение е јасно препознатлива. И тоа може да се случи уште во јули. Точно тогаш завршува претседавањето на Бугарија со ЕУ. Главна цел на Софија: да ја забрза европската и трансатлантската интеграција на Западниот Балкан.

Тоа ќе биде вториот горчлив надворешнополитички пораз за Русија за една година: во јуни 2017 година Москва ја загуби трката околу Црна Гора, која стана членка на НАТО. Москва нема без борба да се повлече ниту од Македонија.

Коалицијата на Заев со два албански коалициски партнери е нестабилна. Експертите го сметаат за историски среќна околност фактот што во двете земји на власт е левицата. Сепак компромисот би можел да го расипе помалиот владин партнер на Ципрас- АНЕЛ, кој бара решение без користење на името Македонија. Но Скопје го претпочита името Нова Македонија и тоа сака да го стави на гласање“, пишува австрискиот Куриер.