1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Македонското прашање никогаш не умира

9 јуни 2021

Живееме во еден од најубавите региони на Европа, кој наместо да го унапредуваме го уништуваме. Живеејќи во минатото и мечтаејќи за иднината ја пропуштаме сегашноста, која брзо минува заедно со животот.

https://p.dw.com/p/3ubw9
Nord-Mazedonien Nikola Todorov, ehemaliger Minister für Gesundheit und Bildung
Фотографија: DW/B. Gerogvievski

Кај нас има неколку вечни теми. Една од нив е Бугарија. Секогаш кога на некој новинар му фали некоја тема и не знае што да обработува, може комотно да си ја обработува оваа тема. Исто така, ако не и уште подрастично е случајот со политичарите. Ако на политичарот му недостасуваат идеи, визија или тема на која ќе ги убедува гласачите дека тој е подобро решение од неговиот политички опонент, или пак ако е нападнат за корупција или лошо владеење, може слободно да си ја отвори темата Бугарија и ете го ефектот. Крвта зоврива, добива на визибилност, медиумите го пренесуваат, граѓаните го коментираат. Станува популарен, цитиран, гласан, моќен, грешките му се забораваат, политичките проблеми му исчезнуваат. Трикот успеал. За жал, оваа ситуација е идентична и во Бугарија, па сето ова што важи за кај нас, важи и за во Бугарија.

Инаку, насловот за оваа колумна го позајмив од еден извештај на д-р Денисон И. Русинов, образуван на Дјук универзитетот во САД, со магистерска и докторска титула од универзитетот од Оксфорд, а кој како член на организацијата именувана како теренскиот персонал на американските универзитети (AUFS), кој во еден период бил стациониран и во Белград како дел од шестата флота на американската морнарица, испратил доверлив извештај до американската влада со овој наслов. Овој доверлив извештај бил подготвен во март 1968 година и бил класифициран како доверлив сѐ до 11 септември 2012 година, кога е декласифициран и направен достапен за јавноста. Извештајот многу детално и студиозно пристапува на македонското прашање, кое често го презентира и како „буре барут“, особено ставајќи го во контекст на големо бугарските, големо српските, грчките, руските и интересите на Австро-Унгарија. Меѓу другото го разработува и прашањето дали Македонците се Бугари или не. Она што јас сакам да го елаборирам во оваа колумна е делот од извештајот кој дава објаснување, не за причините поради кои Бугарите го отвораат  или држат отворено ова прашање, туку за времето или тајмингот кога го отвораат.

Infografik Karte Nordmazedonien und Bulgarien EN

Извештајот дава едно интересно објаснување за тоа, па мој заклучок од овој извештај е дека секогаш кога тогашниот бугарски режим се соочувал со проблеми дома, од аспект на стагнација на економијата, инфлација, политичка непопуларност, предизвикани од затвореноста на земјата, но и од споредбата која обичниот граѓанин на Бугарија ја правел со далеку поотворената и економски по просперитетната Југославија, со цел да го оттргне вниманието од тековните проблеми, режимот во Бугарија го отворал македонското прашање. Втората причина според авторот е Русија, која „ја користи Бугарија како свој пион“ за да направи притисок кон тогашна Југославија да игра повеќе по нотите на Москва. Наведена е и трета причина, валидна во тоа време, која повторно е врзана со руските интереси во регионот, па бугарските политичари кои во тоа време ги сметале за марионети на Русија, сакајќи да добијат на визибилност на домашен и меѓународен план отвораат историски прашања, за да докажат дека се посебен народ со славна историја, а не неформална советска република.

Други колумни од Никола Тодоров:

-Бугарија се' уште не е подготвена за Европската унија

-Доста е историја

-Легализација на дивоградби

Сумарникот кој јас би го направил како мое видување на овој извештај во делот на тоа кога Бугарија го (зло)употребува македонското прашање би изгледал вака: Секогаш кога бугарската политичка елита се соочува со проблеми и незадоволство од своите граѓани дома го отвора ова прашање за да го оттргне вниманието на јавноста од реалните проблеми. Исто така, секогаш кога Москва сака да ги затопли односите со тогашна Југославија, ја притиска Бугарија да омекне по македонското прашање, но и обратно, секогаш кога сака да ги затегне односите со Југославија или да направи проблем во Југославија, ги остава или стимулира Бугарите да го (зло)употребуваат македонското прашање.

Дефокусирање на јавноста

Можеме ли да направиме паралела на заклучоците од извештајот на Русинов, со она што денес се случува? Одговорот е јасен и едноставен: можеме. Слично е, ако не и исто. Во Бугарија минатата година почнаа сериозни демонстрации преку кои видовме дека постои сериозно незадоволство на бугарските граѓани од актуелната политичка елита. Ако темата за незадоволството на бугарските граѓани од својата политичка елита останеше да доминира во јавноста, многу важни луѓе ќе ја изгубеа својата политичка моќ, која им е многу важна за да можат да продолжат да уживаат во бенефитите на власта, моќта и парите. Како добри ученици на Бизмарк, за да ја дефокусираат јавноста, посегнаа по најмоќното оружје за дефокусирање- македонското прашање. За жал им успеа. Крвта зоврива, добиваат на визибилност, медиумите ги пренесуваат, граѓаните ги коментираат. Стануваат повторно популарни, цитирани, гласни, моќни. Трикот повторно им успеал. Граѓаните, наместо повисока плата, добија тема за жолчна дискусија. Билдање на националистичкото его наместо подобар стандард, подобро образование или здравство. Политичарите, на стара „фора“ повторно ја добија играта со службен резултат 3:0.

За жал тие бугарски политичари и кај нас си имаат добар спаринг партнер, па во борба која личи на наместена, жртва е публиката- читај народот. Бугарскиот и македонскиот. Наместо повисоки плати, подобар стандард, европеизација и сигурна иднина, добиваме омраза, балканизација, нетрпеливост и желба да се понижи соседот.

Bulgarien Bujar Osmani und katerina Zaharieva
Фотографија: MFA of North Macedonia

Драги и почитувани бугарски политичари, дозволете да ви кажам едно слово: ако ни ја блокирате европската иднина, за нас тука ќе нема ниту сегашност ниту иднина. Ако за нас тука нема иднина, многу млади, но и постари, благосостојбата ќе си ја бараат надвор, некаде во туѓина. На наше место, тука ќе дојде некој друг, а тоа нема да бидете вие, бидејќи и вашите млади се повеќе не гледаат иднина во овој регион на константна криза, политичка, економска, безбедносна, како сакате. Затоа што, претпоставувам, на секој здраворазумен му е јасно дека никогаш, под било каков притисок нема денес да кажеме дека сме Бугари или дека некогаш сме биле Бугари, па сега сме станале Македонци. Тоа е национално понижување кое тешко дека било кој македонски политичар би го прифатил, ниту политички би го преживеал. И што сме направиле? Повторно како марионети на некои туѓи интереси ќе ја жртвуваме нашата и иднината на нашите македонски и бугарски деца. Ставете го прстот на чело, помислете и охрабрете се. Ајде заедно да го направиме овој регион просперитетен, економски развиен, политички стабилен. Живееме во еден од најубавите региони на Европа, кој наместо да го унапредуваме го уништуваме. Живеејќи во минатото и мечтаејќи за иднината ја пропуштаме сегашноста, која брзо минува заедно со животот.

Катастрофална грешка!

На крај би сакал да прокоментирам една политичка позиција која сметам дека е многу погрешна и опасна за нас. Никако македонската влада да не помислува за еднострано раскинување или напуштање на договорот за добрососедство со Бугарија! Тоа ќе биде катастрофална грешка која ќе биде во интерес на оние кои имаат различен интерес од нашиот, за нашата земја. Прво од причина што ќе ја загубиме меѓународната наклонетост, која признал некој или не, ја имаме во овој случај. Второ, со едностраното напуштање нема ништо да добиеме, туку само ќе загубиме, бидејќи нема шанси во некои идни преговори да добиеме подобар договор, односно нов договор секогаш ќе биде асиметричен на наша штета. Трето, ако имаме некој адут во ракав за преговори, нема потреба да го напуштаме договорот за да го искористиме тој адут, туку едноставно треба да го искористиме. Четврто, дали ќе преговараме нов договор или анекс на договор е едно исто и истовремено еднакво погрешно, па затоа што е можно поцврсто треба да се држиме до постојниот договор кој е поздравен и подржан од целата меѓународна заедница. Изработка на патоказ или протокол за спроведување на договорот не преставува измена на договорот, но треба да сме внимателни патоказот или протоколот да го следи духот на договорот и да не излегува од неговите рамки.  Петто, со напуштање на договорот и повторно преговарање ќе ги држиме во живот оние политичари од двете страни на границата кои егзистираат само на ова прашање или кои многу често го злоупотребуваат ова прашање.

Наместо повторно да заглавуваме во замката на руско-бугарско-југословенските односи од минатиот век, треба да го бараме решението во постојната меѓународно-правна рамка, со помош од нашите стратешки пријатели и сојузници - САД и ЕУ, почитувајќи го правото на самоопределување, национален идентитет и човечко достоинство. Но пред сѐ почитувајќи го правото на македонските и бугарските граѓани на просперитетна сегашност.

Браќа Бугари, ниту вам, ниту нам ни треба нова историја или мечтаење за подобра иднина, туку ни треба убава сегашност. Да ве потсетам, ако сме мудри многу скоро помеѓу нашите две држави ќе нема граница,  а ќе имаме и заедничка валута-евро. Во спротивност, ако уште робуваме на туѓите интереси меѓу нас ќе изникне уште поголема граница втемелена на од глупост и балканска тврдоглавост поттикнатата омраза и нетрпеливост. Ајде да го затвориме македонското прашање еднаш засекогаш во рамки на обединета Европа.