1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонците само сакаат фер и демократски избори

Б. Георгиевски22 април 2016

Македонија се враќа како тема во германскиот печат по повеќедневните протести во Скопје и други градови. Вниманието на водечките медиуми особено го привлече најавата за воведување санкции од ЕУ.

https://p.dw.com/p/1IafK
Фотографија: DW/E. Milosevska

Ханделсблат и Ди Цајт во денешните издание уште во насловот ја најавуваат можноста за санкции.

„ЕУ се закани со санкции против политичари во Македонија за да спречи натамошен хаос во балканската држава. Со казнени мерки ќе се соочат оние кои го спречуваат решавањето на повеќе од едногодишната тлеечка криза. Можни се забрани за патување и замрзнување на банкарски сметки“, цитира Ханделсблат претставник на ЕУ.

Зиддојче цајтунг, покрај извештај од протестите на граѓанските организации во Македонија против власта, објавува и коментар во кој меѓу редови се критикува и досегашното однесување на ЕУ.

„Кога македонската полиција ќе ги засипа со солзавец и гумени куршуми бегалците на Идомени, европската јавност секојпат делува изненадено. Крв и повредени, среде Европа. Во самата Македонија пак луѓето одамна се навикнаа на крв и жртви“, пишува Зиддојче цајтунг.

Македонците сакаат фер и демократски избори

„Најдоцна во мај 2015 година стана јасно дека поранешниот миленик на ЕУ Никола Груевски е на пат да стане автократ.

Mazedonien Ministerpräsident Nikola Gruevski
Никола ГруевскиФотографија: DW/P. Stojanovski

Мирните протести против корумпираната влада тогашниот премиер ги спречи со сила. Оттогаш власта и опозицијата се расправаат околу условите за нови избори. Груевски во јануари поднесе оставка, но големиот круг негови пријатели и поддржувачи е се уште на власт. Благодарение на амнестијата која минатата недела ја прогласи претседателот Ѓорге Иванов, веќе не мораат ни да се плашат дека ќе одговараат пред законот за нивните злоупотреби во земјата“.

„Граничната ограда во Идомени не ги задржа само бегалците, туку ја заштити и моќната клика во Македонија. Нивната нова позиција на надворешни заштитници на ЕУ се чини дека им даде комфорно чувство на недопирливост. Но за народот во Скопје прашањето дали десетина илјади бегалци ќе минат низ земјата или не, е во суштина ирелевантно. Тие сакаат слободни и фер избори,“ коментира Зиддојче цајтунг.

Наводната стабилност која ја емитува Македонија при одбраната на нејзината јужна граница против бегалскиот бран, е илузија“, смета Фолксштиме од Магдебург. „Двомилионската земја може да потоне во политички хаос. Откако претседателот Иванов амнестираше десетици осомничени политичари, народот во главниот град Скопје излезе на улица. Нивниот гнев е пред сѐ насочен кон поранешниот премиер Груевски, кој ја раководеше земјата како автократ. Тој е обвинет за корупција и прислушкување кои ја доведоа Македонија до работ на хаос“, пишува Фолксштиме.