1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Макрон како противотров за Трамп

Михаел Книге
26 април 2018

Посетата на Емануел Макрон во САД беше успешна. Неговиот говор во американскиот Конгрес покажа дека неговиот близок однос со Трамп не го спречува да му се спротивстави, оценува Михаел Книге.

https://p.dw.com/p/2wgxM
USA Capitol Hill in Washington | Emmanuel Macron, Präsident Frankreich
Фотографија: Reuters/A. Bernstein

Растегнатата посета на Емануел Макрон на САД се состоеше од два дела. Во средиштето на првиот дел беа пред сѐ тој лично и американскиот претседател Доналд Трамп. Тој го покани францускиот претседател да биде прв странски државник кој дошол во државна посета во текот на неговиот мандат. Макрон повремено учтиво укажуваше на политичките разлики, но кон својот домаќин се однесуваше генерално со респект.

Макрон - исто како и други премиери, имено како германската канцеларка - не можеше да избегне типичен Трамп-третман. Во обид да го направи својот почесен гости (буквално) „more pretty“, односно „поубав“, Трамп тргна наводно првут од костумот на Макрон. Тој на францускиот претседател му упати и „воздушен бакнеж“ и воопшто - се однесуваше непредвидливо како вообичаено.

Повеќе: Ризичната улога на Макрон како најдобар пријател на Трамп

Трамповата комика

Во јавните изјави и во текот на заедничката прес-конференција, Трамп не направи отстапки за ниту една од темите кои му беа важни на неговиот француски гостин - продолжувањето на нуклеарниот договор со Иран, натамошен ангажман на САД во Сирија по победата врз т.н. „Исламска држава“, борба против промената на климата и крај на заканите дека ќе бидат воведени казнени царини на увозот од ЕУ. Трамп успеа да го заобиколи сето тоа и да не делува непријатно погоден поради Трамповата комика и нескриеното отфрлање на неговите политички цели.

Michael Knigge Kommentarbild App
Михаел Книге

По овој прв дел, се доби впечаток дека Трамп не го третира Макрон како рамноправен партнер. Човек не можеше да не сочувствува со Макрон. Зашто, Трамп го опсипуваше својот помлад - сосема различен од себе - колега со комплименти, му ја покажа резиденцијата на Џорџ Вашингтон, Маунт Вернон, и за него организираше блескав банкет во Белата куќа. Меѓутоа, потоа јавно ги озборуваше предлозите на Макрон. Францускиот претседател од Трамп не извлече ништо повеќе од неговата стандардна формулација: „Ќе знаеме наскоро.“

Макрон ги брани западните вредности

Меѓутоа, тогаш дојде до вториот чин од посетата на Макрон, кога тој говореше пред сенаторите и пратениците во Конгресот. Говорот го одржа на англиски, што е невообичаено за еден француски претседател. Она што потоа го изнесе не беше ништо помалку од директно отфрлање на политиката и тактиката на Трамп кои го донесоа на власт. Макрон страствено се залагаше за демократија, слобода, толеранција, човекови права и меѓународна соработка - моќна одбрана на нападнатите вредности на Западот.

Повеќе: Можат ли Макрон и Меркел да го разубедат Трамп за Иран?

Сето тоа Макрон го кажа пред еден Конгрес кој е контролиран од републиканците, кои пак, со мали исклучоци, му даваат поддршка на еден претседател кој често ги негира или игнорира овие вредности. Тоа што Макрон го одржа својот говор во срцето на демократијата на САД, му даде дополнителна тежина на кажаното.

Но, ако посетата на Макрон се состоеше од два различни дела, може ли да се каже дека беше успешна, дотолку повеќе што Трамп речиси воопшто не направи поместување што се однесува до централните прашања? Да, и тоа од две причини.

Успех за Макрон - и за ЕУ

Прво, затоа што во Трамповиот Вашингтон мора да се биде благодарен за секој мал успех. По изненадувачкиот исборен успех на Трамп, набљудувачите во главнот град полушеговито шпекулираа дека првиот државен банкет ќе биде организиран за унгарскиот премиер Виктор Орбан. Тоа и не беше толку далеку од стварноста, конечно првиот странски политичар кој го посети Трамп по неговиот избор беше Најџел Фараж, идеологот на Брегзит. Освен тоа, Трамп само што го нарече севернокорејскиот диктатор Ким Јонг Ун  - човек кој заслужува „многу почит“.

Со оглед на тоа, поканата за Макрон, претседател на традиционален сојузник, но и централен член и бранител на Европската Унија, не е нешто што се подразбира само по себе. Напротив, тоа е впечатлив успех за Макрон и за ЕУ.

Второ, Макрон својата посета - пред сѐ во говорот во Конгресот - ја искористи за да ги скицира и брани западните вредности и европското единство. Страствено и јазички вешто исцрта визија за светот која може да се нарече противотров на Трамповите претстави за светот. Прикажувањето на таа алтернатива беше и многу добредојдена и многу неопходна.