Мандатот не е топка за ново разигрување во ВМРО-ДПМНЕ
26 јануари 2017Како што се наближува рокот до кој мандатарот Никола Груевски треба да соопшти дали обезбедил мнозинство што ќе поддржи нов владин состав, повторно се множат „правни толкувања“, според кои, ако тој не успее, тогаш мандатот треба да го добие некој друг од истата партија. Ваквото толкување кое најчесто доаѓа од правници блиски до власта, создава сомнеж дека постои сценарио мандатот за состав на влада неограничено да се дофрла како топка од еден до друг играч, во истиот тим. Дипломатски извори за порталот МКД уште пред две недели изразија сомнеж дека во случај Груевски да не обезбеди мнозинство, не е исклучено уште некое „изненадување“ од претседателот на државата Ѓорге Иванов.
„Кој може да гарантира дека Иванов потоа мандатот нема да му го даде на другиот Никола од ВМРО-ДПМНЕ, па на третиот Никола од партијата?“, потенцирале тие, укажувајќи дека таквата можност го става ВМРО-ДПМНЕ во многу комотна ситуација, бидејќи цело време ќе функционира актуелната влада, што на партијата ѝ оди во прилог.
Лажни дилеми
Според уставни експерти, мандатот не е топка за нови и неограничени разигрувања во ист тим, и лажни се дилемите кому да му се довери мандатот за формирање влада, доколку во тоа не успее мандатарот од партијата со најголем број добиени пратенички места. Потенцират дека Уставот предвидува мандат да добие тој што може да обезбеди парламетарно мнозинство. Оние кои ќе успеат да обезбедат 61 пратеник тоа треба да му го предочат на Иванов, а тој е должен да го даде мандатот.
Други пак тврдат дека Уставот не предвидува можност да се врати мандатот, што значи дека е неповратен, па оној што го добил или мора да состави влада или да се оди на нови избори.
„Но, ако мандатарот не успеал да обезбеди мнозинство, тогаш нема ни мнозинство што ќе гласа за распуштање на парламентот и за распишување нови избори“, вели поранешниот претседател на Собранието, Стојан Андов, и потенцира дека во таква ситуација јасно е дека мандатот треба да ѝ се довери на второрангираната партија според бројот на освоени мандати, во случајов на СДСМ.
Дел од аналитичарите се осврнуваат и на тесните изборни резулати, според кои разликата во гласови меѓу победничката и второрангираната изнесува само еден отсто од гласачкото тело. Според нив, тоа целосно ги релативизира досегашните уверувања дека победникот „по дефиниција“ ќе може да состави влада, бидејќи силата на ваквите речиси изедначени резултати, таквиот исход го прави сосема неизвесен.
Нема преседан
Застапниците на ставот дека мандатот треба да сврти неколку кругови во ВМРО-ДПМНЕ, се повикуваат на „преседанот“ од 1992 година, кога Петар Гошев го вратил мандатот, па тој му бил доделен на Бранко Црвенковски.
„Не постои таков преседан“, дециден е Андов.
„Љубчо Георгиевски тогаш не успеа да обезбеди мнозинство и мандатот му беше даден на Петар Гошев. Гошев обезбеди мнозинство, но лично се повлече заради несогласување околу поделбата на местата. Така што, тогаш беше во прашање само персонално повлекување на мандатарот. Мнозинството веќе си беше обезбедено“, потенцира Андов.
Неоснованоста на тезата за „преседанот“ ја потврдува и тогашниот мандатар.
„Очигледно, трагикомичните приказни во Македонија немаат крај. Слушам повеќе шпекулации, како врз основа на некаков 'преседан' од првите парламентарни избори, ќе можело ВМРО-ДПМНЕ повторно да го добие мандатот, згора на тоа и во недоглед, додека не му успее или не предизвика повторување на изборите“, вели Петар Гошев.
„Не постои преседан од деведесеттите кој би можел да им послужи како изговор за некое евентуално, флагрантно кршење на Уставот. По првите парламентарни избори, беше формирана експертска влада поддржана од сите партии во парламентот. Таа одвај издржа неполни две години. Потоа, сите сфатија дека мора да се формира јасна политичка влада. ВМРО-ДПМНЕ на чело со Георгиевски, немаше партнери со кои нивната бројка од 38 пратеници ќе ја искачи на 61. Затоа мандатот стигна до СДСМ, со одлука на Централниот одбор - мандатар да бидам јас. Јас го вратив мандатот како личност, од причини за кои, генерално, сум зборувал. Значи, ВМРО-ДПМНЕ, во тој период ниту имаше мнозинство за состав на влада, ниту мнозинство за блокирање состав на влада од други политички субјекти, ниту да предизвика повторување на изборите. Затоа, мандатот можеше да остане кај СДСМ, зашто само тој во моментот имаше партнери кои сакаа да коалицираат со него и да формираат мнозинство“, потсетува Гошев.
Вели дека во тие настани немало прекшување на ниту една уставна и законска одредба и дека единствено бројките во парламентот ги диктирале одлуките за конституирање на Владата.
„Доколку Груевски не успее да обезбеди поддршка од 61 пратеник, сакам да верувам дека Иванов има барем две зрна сол во главата и дека нема да се излизга влегувајќи во авантура на флагрантно кршење на Уставот. Доколку пак се обиде да направи и таква глупост, дури тогаш ќе имаме вистински обид или случај на пуч во државата“, вели Гошев.
Токму во последната изјава на комесарот Хан за „уставно мнозинство“, аналитичарите препознаваат директна порака да не се влегува во состојба на правни импровизации, односно да се обезбеди уставна можност да се ефектуира мнозинската волја на гласачите преку партијата, односно партиите кои се во состојба тоа мнозинство да го обезбедат.