Мас: ЕУ направи катастрофална грешка
9 декември 2019Шефот на германската дипломатија Хајко Мас одново ја критикуваше Франција поради блокадата на почетокот на пристапните преговори со двете балкански земји во октомври годинава.
„ЕУ направи катастрофална грешка“, изјави Мас за време на партискиот конгрес на неговите социјалдемократи во Берлин. Без да ја именува директно Франција, Мас додаде дека таквите одлуки не смеат да зависат од домашни избори, или затоа што Албанците или Македонците се непопуларни во некоја земја.
Со тоа алудираше на локалните избори во Францијата закажани за март 2020 година, но и на неколкуте изјави на францускиот претседател Емануел Макрон во кои ги критикуваше Албанците кои во голем број бараат азил во неговата земја. На Макрон и досега му се префрлаше од други ЕУ членки дека не дозволил почеток на преговорите, меѓудругото, и поради претстојните локалните избори во неговата земја.
„Ние мораме да ја корегираме оваа погрешна одлука. И во стратешки интерес на ЕУ е да ја корегираме“, рече Мас додавајќи дека не смее да се дозволи земјите од Западниот Балкан да потпаднат под влијание на земји како Кина.
Мас најави и нова германско-француска иницијатива за формирање на европски Совет на безбедност. Наскоро ќе биде поднесен заеднички предлог. Целта е да се укине потребната едногласност при донесувањето на одлуките во делот на надворешната политика на ЕУ.