1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мас: Спорот со Бугарија нека го решаваат експерти

БГ
3 мај 2021

Шефот на германската дипломатија, Хајко Мас смета дека С. Македонија и Албанија не треба да се разделат на патот кон ЕУ, и покрај блокадата на Софија. Мас бара преговорите да почнат што е можно побрзо.

https://p.dw.com/p/3ssk2
Deutschland Berlin | Außenminister Heiko Maas & Bujar Osmani, Nord-Mazedonien
Фотографија: Michael Sohn/REUTERS

Германската влада смета дека спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија треба да остане на билатерално ниво и да го решаваат експерти, без притисоци од надвор. Шефот на германската дипломатија Хајко Мас не гледа причина во решавањето на спорот да се вклучуваат трети страни, но вели дека Берлин е секогаш подготвен да помогне и да го сподели своето искуство. 

По состанокот со македонскиот колега Бујар Османи во Берлин, Мас уште еднаш ја истакна поддршката на Берлин за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ „што е можно побрзо“. 

„Германија е сериозна за ЕУ перспективата на земјите од регионот и тоа особено важи за Северна Македонија, која одамна ги исполни условите за почеток на преговорите. Затоа минатата година многу се заложивме за одржување на меѓувладината конференција, но тоа не беше можно. Сега го поддржуваме португалското претседателство да го стори тоа. Не само што тоа го сметаме за логично, туку и за неопходно, не само од аспект на довербата на граѓаните во Северна Македонија, туку и поради интересот на ЕУ, колку е можно побрзо да ја одржиме меѓувладината конференција“, рече Мас. Германскиот министер го смета за добар сигнал „продолжувањето на реформите во С. Македонија“. 

„Продолжувањето на реформската агенда, особено во делот на владеењето на правото, е добра вест. Се движиме кон заедничката цел и Германија останува на ваша страна“, порача Мас. 

Османи и Мас се согласни дека бугарската блокада не е причина да се разделат Северна Македонија и Албанија од преговарачкиот процес. 

„Ние веќе 11. пат добиваме препорака за почеток на преговорите. Емпириските податоци покажуваат дека кога две земји заедно се движат кон ЕУ, резултатите се подобри. Не гледаме причина да има разделување на двете земји, особено што Северна Македонија ги исполнува сите критериуми“, рече Османи.   

Според Мас, иако такви дебати имало и порано, германската влада и порано и сега се залага двете земји да продолжат заедно на патот кон ЕУ. 

Мас уште еднаш ги отфрли нон-пејперите кои кружат на и околу Западниот Балкан и повтори дека Германија ниту во минатото ниту во иднина ќе поддржи каква било промена на границите во регионот. „Не треба да се троши време на тие нон пејпери. Германија не е вмешана во ниту еден од тие нон пејпери, и сите вести кои го тврдат спротивното се фејк њуз. Нашата политика за Западен Балкан е да не се чепкаат границите. Во минатото го отфрлавме тоа, и ќе го отфрламе и во иднина“, рече Мас.